Наташа Булеска, активистка за борба против рак на дојка: Ракот се лекува, потребна е превенција
Кај нас, за жал, многу често се оди на лекар кога болките се неподносливи и симптомите веќе укажуваат дека нешто сериозно се случува, вели за МИА Наташа Булеска, активистка за борба против рак на дојка.
Ракот се лекува скоро во сите форми. Има типови рак кои се многу излечиви и кои се многу познати на медицинските стручњаци, меѓутоа, се лекуваат доколку се рано детектирани, во рана фаза, додека не се системски многу проширени и не се зафатени некои витални органи. Кај нас, за жал, многу често се оди на лекар кога болките се неподносливи и симптомите веќе укажуваат дека нешто сериозно се случува, вели за МИА Наташа Булеска, активистка за борба против рак на дојка.
Булеска, која и самата пред десетина години се изборила со рак на дојка, смета дека здравствената култура кај нас во смисла на превенција е на пониско ниво. Иако во државата има неколку програми за скрининг на рак, таа вели дека познава само неколку здрави луѓе кои биле повикани да појдат на превентивен преглед.
„Постојат неколку програми за ран скрининг за рак на ендометриум, за рак на дојка и за рак на дебело црево. Јас искрено знам многу малку луѓе кои се здрави и кои добиле покана да појдат на превентивен преглед иако немаат никакви проблеми. Во светот за здравствениот систем да си намали на лекување на многу луѓе во поодмината фаза на болеста се посветува многу внимание на вакви превентивни прегледи или скрининзи на популација која е асимптоматска и која немала никаков проблем, а да не зборуваме секако се води сметка за оние кои имаат некаква семејна историја и кои во своето опкружување имале блиски членови на семејството кои боледувале и поради самото тоа се со повисок ризик-фактор“, посочува Булеска.
За ова треба постојано да се зборува, вели таа, а не само за време на месецот Октомври, кој е месец за борба против рак на дојката. Булеска, сепак, се надева дека и со овие активности ќе се поттикнат жените да се самопрегледуваат.
„Се надевам дека ќе ги поттикнеме, пред сè, младите жени над 21 година да се самопрегледуваат, конкретно за ракот на дојка, да појдат кај гинеколог, и ако имало каква било семејна историја, да одат на прегледи на дојките уште од порана возраст, над 30 – 35 години. Во поголем дел од развиените земји на 40 години веќе се почнува со скрининг на сите, значи и на здрава популација на жени, за да се детектираат“, вели Булеска.
Таа ги повикува посебно помладите да разговараат за, како што посочува, таа дијагноза, бидејќи младите понекогаш се срамат од неа.
Булеска и покрај здравствените предизвици се охрабрила да тренира и веќе има истрчано пет полумаратони. Првиот бил скопскиот полумаратон во 2018 година, кога таа имала 42 години, девет години од нејзината операција, а неодамнешниот ѝ бил петти. Според неа, и додека лицата се лекуваат од рак, би можеле да почнат со одредена физичка активност во зависност од психичката и физичката состојба.
„Во принцип, и додека трае лекувањето, жените, секако и мажите, би можеле да започнат со некоја физичка активност во зависност од тоа во каква состојба се и психички и физички. Секој од нив може и според мене треба да грижи за своето здравје поактивно.
Освен што трча, Булеска и планинари и била двапати на искачување на Алпите со жени оперирани од рак на дојка, во 2011 и 2018 година.
Текстот е преземен од МИА.