Не спиете, заборавате зборови? Можеби не е стрес, туку менопауза
Менопаузата е природен биолошки процес низ кој поминува секоја жена. За време на хормоналните промени, многу жени доживуваат конфузија, вознемиреност и губење на контрола, што може да биде погрешно протолкувано или да се занемари и од самите нив и од здравствениот систем, кој би требало подобро да ги препознава тие симптоми и адекватно да реагира.
Американската водителка на вечерните вести, Тамсен Фадал, се сеќава на точниот момент кога помислила дека го губи разумот. Била ноемвриска вечер пред шест години кога таа пред камерите не можела да се сети како се вели „судска покана“. Но, како што пишува во својата книга „Како да ја пребродите менопаузата“, која ја објави оваа година, веќе со месеци претходно доживувала анксиозност, промени во расположението и несоница и заборавала зборови.
Таа го припишала ова на низа животни пресврти, тежок развод, стареењето на нејзините родители и новата врска во која влегла. Се плашела дека страда од депресија. Докторот ги објаснил нејзините симптоми како резултат на стрес и ѝ советувал да медитира. Друг лекар ѝ препишал антидепресиви. Никој од нив не зел предвид, а ни таа самата никогаш не помислила на тоа, дека во доцните четириесетти години влегува во менопауза, период од животот на жената во кој менструацијата отсуствува повеќе од една година.
Фадал не е сама во своето искуство. Секоја жена која ќе доживее средна и постара возраст, ќе помине низ менопауза. Иако не сите жени доживуваат исти симптоми, повеќето жени доживуваат ненадејни промени во расположението, лутина, раздразливост и вознемиреност поради големи осцилации на хормоните естроген и прогестерон.
Понекогаш овие симптоми се толку силни што ги нарушуваат односите и приватниот и професионалниот живот. Сепак, како менопаузата влијае на менталното здравје на жената честопати останува непознато, како за самите жени, така и за здравствените работници, што ја прави оваа фаза од животот непотребно тешка.
Менопауза и ментално здравје
Жените во перименопауза, периодот што претходи на менопаузата, кој најчесто започнува во средината на четириесеттите години, честопати страдаат од најинтензивни симптоми.
„Хормоналните нерамнотежи можат да предизвикаат емоциите да станат поинтензивни, и позитивни и негативни. Жената се буди секое утро не знаејќи како ќе се чувствува тој ден. Чувството на губење на контролата е многу честа појава и може да биде исклучително застрашувачко“, објаснува за Greater Good, д-р Карен Адамс, професорка по гинекологија и акушерство на Универзитетот Стенфорд и сертифициран специјалист за менопауза.
Студија од 2024 година покажа дека жените во перименопауза имаат 40 проценти поголема веројатност да развијат депресивни симптоми и да им биде дијагностицирана депресија во споредба со жените кои сè уште не се во таа фаза. Водечкиот истражувач, Рупал Десаи, ја нагласи важноста од препознавањето дека жените во овој период се поранливи.
Други истражувања покажуваат дека жените без историја на биполарно растројство имаат повеќе од двојно поголема веројатност да развијат манија за прв пат за време на перименопаузата. И покрај ова, многу жени не ја добиваат потребната поддршка. Истражувањата покажуваат дека повеќето жени во перименопауза, менопауза и постменопауза или никогаш не разговарале со здравствен работник за своите проблеми или не користеле никакво лекување. Само 21 процент од жените на возраст од 45 до 64 години лекувале депресивни нарушувања, а 20 проценти анксиозност и стравови.