Нов третман со мраз се покажа како ефикасен во лекувањето на ракот на дојката

Новата техника на лекување која ги замрзнува и уништува малите канцерогени тумори би можела да им понуди нова надеж на жените со рак на дојка кои не можат на операција.

279

Криоаблацијата користи ултразвук или компјутерска томографија (КТ) за лоцирање на туморот. Мали сонди слични на игла потоа се вметнуваат во дојката за да се создаде ледена топка околу туморот што ги убива клетките на ракот, велат лекарите од Центарот за рак Меморијал Слоан Кетеринг во Њујорк, пренесува WebMD.

Во истражувањето учествувале 60 пациентки кои не можеле да се подложат на операција или ја одбиле поради возраст, проблеми со срцето, висок крвен притисок или поради тоа што биле на хемотерапија за некој друг рак.

Големината на туморите се движела од 0,3 до 9 сантиметри, додека просечната големина била 2,5 сантиметри. За тумори поголеми од 1,4 сантиметри, користени се повеќе сонди. Шеснаесет месеци подоцна, стапката на рецидив била 10%, се вели во студијата.

„За пациентите кои имаат поголеми тумори, но не можат да се подложат на операција, овој пристап би можел да биде поефикасен од актуелниот начин на лекување“, вели др. Јоланда Брајс, интервентен радиолог во Центарот за рак Меморијал Слоан Кетеринг. „Кога се лекуваат само со зрачење и хормонска терапија, туморите на крајот ќе се вратат. Значи, фактот дека видовме стапка на рецидив од 10% е неверојатно ветувачки.

Таа додала дека операцијата сѐ уште е најдобрата опција за отстранување на туморот, но има илјадници жени кои не можат да се подложат на операција од различни причини. Таа објаснила за Fox News дека најголемиот ризик од процедурата е појавата на смрзнатини, но тоа може да се третира со масти за кожа и лекови за контрола на болка.

Повеќе