Од доцнење на говорот до проблеми со одењето: Еве како екраните можат да им наштетат на бебињата

Гледањето во екраните може да го оштети детскиот мозок, покажа студијата објавена во списанието JAMA Pediatrics.

246

Истражувачите во Јапонија следеле 57.980 деца за да видат како времето пред екранот влијае на нивната способност да одат, зборуваат и решаваат проблеми, како и врз нивните социјални вештини. Децата кои седеле пред ТВ екраните имале поголема веројатност да имаат послаб говор и потешкотии да се движат на возраст од две и три години, откриле истражувачите.

„Продолженото време пред ТВ екранот од првата година од животот негативно се одрази на подоцнежниот развој. За да се намалат негативните последици од прекумерната употреба на медиумите, здравствените работници би требало да им препорачаат социјална поддршка на родителите кои се потпираат на медиумите“, рекол д-р Мидори Јамамото од Универзитетот Чиба.

За да ги добијат резултатите, родителите пополнувале прашалници во кои одговарале на прашања за тоа колку часови дневно нивните деца поминуваат гледајќи телевизија. Им биле поставени прашања и за развојот на детето, а биле тестирани нивните способности за комуникација, груба и фина моторика, вештини за решавање проблеми и други вештини.

Препорака на експертите: Ограничете го времето кое децата го поминуваат пред екраните
Истражувањето покажало дека оние кои поминувале повеќе време пред екраните имале значително полоши комуникациски вештини на двегодишна возраст, а груба моторика, фина моторика и лично-социјални вештини на тригодишна возраст.

„Лошата комуникација може да биде резултат на намалена активност во делови од мозокот поврзани со размислување, емоции, личност, расудување и самоконтрола. Што се однесува до промените поврзани со одење, ова може да се припише на пропуштените можности за учење моторни и меѓучовечки вештини поради седечкиот начин на живот и гледањето во екраните“, додал д-р Јамамото.

Националниот институт за здравје препорачува на децата да им се ограничи времето поминато пред екранот на два часа дневно, а некои денови воопшто да не гледаат телевизија. Ограниченото време пред екранот погодно за децата може да биде едукативно, но важно е да бидете сигурни дека содржината е соодветна на возраста.

Повеќе