Од што се плашат вашите деца и како да им помогнете?

Во првите години од животот стравот е реакција на конкретни работи и лица, а нешто подоцна, на шестгодишна возраст, стравот сè уште го предизвикуваат нереални, измислени суштества и ситуации, но покрај тоа и децата и возрасните можат да се плашат од разни работи и ситуации, како змии, возење со лифт, вода, куче, смрт, болест.

921

Неизоставен дел од животот на секој поединец е емоцијата на страв. Стравот е емоција на избегнување, токму поради тоа што е врзана за одредено искуство на опасност. Почнувајќи од најраното детство, во текот на целиот живот, се соочуваме со различни стравови. Стравовите се поделени во три групи:

  1. вродени, како страв од губење на позадина и гласен звук,
  2. развојни и
  3. недоволно развиени или стекнати стравови.

Развојните стравови се природни и очекувани за одредена возраст како дел од емоционалниот развој, со текот на времето детето ги „надраснува“ со потребната емоционална стабилност и поддршка од семејството. Примери за развојни стравови се страв од разделба, страв од странци, но и страв од повреда, темница, чудовишта, потоа страв од природни појави, опасни животни, смрт и слично.

Неразвојните стравови се стекнати со тек на времето, создадени преку учење, обично од родителот, може да бидат лично и општествено посакувани стравови, бидејќи го штитат детето од многу опасности како од висина, струја, вода и слично, но понекогаш бараат и стручна интервенција за да се надминат.

Обидете се како родители посочувањето на овие опасности да не биде со цел да се развие страв кај детето, туку да се нагласи опасноста и да се подигне неговата свесност за опасноста и секако имајте го на око кога е во нивна близина.

Развојот на емоциите е постепен и на почетокот од животот бебето чувствува од задоволство до непријатност. Емоциите со текот на времето стануваат сѐ посложени. На развојот на емоциите значително влијае околината, стимулацијата на детето од страна на родителите и најблиското опкружување, поточно искуството кое детето го стекнува со поврзување на емоциите со ситуациите. Растејќи, детето ги социјализира своите емоции, поточно го прилагодува своето изразување на емоциите според правилата, очекувањата и ставовите кои се општествено прифатливи.

Детските емоции имаат одредени карактеристики: тие се површни во начинот на изразување, краткотрајни и минливи, потоа чести и нестабилни, но и силни, интензивни, длабоки.

Во првите години од животот стравот е предизвикан од нови и необични работи, лица и ситуации. Во предизвикување на стравот главна улога игра тоа колку е ситуацијата (не)очекувана, како и факторот на изненадување. Детето се плаши од сè што одеднаш се појавува, особено ако се работи за силен впечаток, на пример гласни звуци, ненадејно палење и исклучување светла и слично. Во првите години од животот стравот е реакција на конкретни работи и лица. Нешто подоцна, на шестгодишна возраст, стравот сè уште го предизвикуваат нереални, измислени суштества и ситуации, како вештерки, бабароги, темница и слично. Но, покрај тоа и децата и возрасните можат да се плашат од разни работи и ситуации, како змии, возење со лифт, вода, куче, смрт, болест.

На училиште детето понекогаш развива трема, страв од наставникот, тестови, како и од јавни настапи. Сите овие видови на страв одат на штета на успехот во училиштето и развојот на личноста на ученикот.  Стравот од наставникот е создаден најчесто од самите наставници, заради начинот на кој тие се однесуваат, како и заради нивните лични карактеристики.

Стравот од тестови и испрашување понекогаш го развиваат наставниците, а понекогаш и родителите, поставувајќи високи барања кон детето, кое трепери дури и од помислата дека нема да ги исполни очекувањата. Се разбира, одреден степен на страв на тест е неизбежен.

Што можете да направите вие како родител, кога ќе забележите дека вашето дете чувствува страв?

  1. Објаснете му ја на детето ситуацијата која му предизвикува страв. На пример, пред да оди на училиште за првпат, детето треба да биде запознаено со деталите на училишната работа.
  2. Не се исмејувајте со стравовите на детето, не ги отфрлајте, ниту осудувајте.
  3. Слушајте кога детето ви кажува од што се плаши. Потврдете ги и уважете ги чувствата на детето.
  4. Помогнете му на детето да пронајде начин на кој ќе постапува во ситуација кога е исплашено. Помогнете му да испроба неколку можности за да има чувство на избор.
  5. Помогнете му на вашето дете да се соочи со непознатото и покажете/ кажете му како да го направи тоа чекор по чекор. Ако се плаши од темница, оставете му запалено светло во собата. Ако се плаши од чудовишта во плакарот или под кревет, пребарајте ја заедно собата.
  6. Не се обидувајте да ги „поправите“ чувствата на вашето дете. За детето е важно да научи да се соочува со своите стравови.
  7. Ако му велите на детето да не се плаши, тоа нема да му помогне; барањето решение е тоа што ќе му помогне.
  8. Детските стравови понекогаш се ирационални и тие не знаат ни да ги објаснат. Можеби на вашето дете ќе му биде потребна поддршка и уверување додека стравот ќе исчезне.

Со развојот и созревањето детето стекнува сè повеќе знаења и искуство, така и стравовите т.е. предметите на страв и начинот на искажување се менуваат со текот на времето.

Детето мора да научи дека е во ред да се плаши, но тоа не мора да го онеспособи. Постои некој кој ќе го сфати сериозно и ќе му помогне да се соочи со своите стравови, така за да тие да не изгледаат повеќе премногу сериозно. Детето учи да им верува на своите родители, дека ќе биде заштитено од опасностите со кои не може самото да се избори. Ваша работа како родители е да знаете кога да го заштитите своето дете, а кога да му помогнете без да се поставувате премногу заштитнички. Сепак, доколку забележите дека стравот го нарушува секојдневното функционирање на детето побарајте стручна помош.

Автор: Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник, супервизор на Линијата за родители

Повеќе