Од скопскиот стрес до мир, спокој и убавина како во бајка: Шеф Маре Јаневска сврте нов лист, во Шварцвалд

„Во централниот дел од областа Шварцвалд е и гратчето во кое живееме, Титизее Нојштад, опкружено со прекрасни предели, „црна шума“ (Шварцвалд), бел снег, прекрасни езера, питоми луѓе и најважно од сѐ, чист воздух, мир и спокој“, вели нашата Маре Јаневска која засега таму се занимава со готвење само дома, за своите најблиски и за пријателите кои им доаѓаат на гости.

1.615

Пред три месеци нашата готвачка Маре Јаневска направи голем пресврт во својот живот. Се пресели во Германија. Поточно, нејзиниот сопруг Александар замина таму пред нешто повеќе од две години, а Маре и нивните синови трпеливо чекаа да се создадат услови за целото семејство да се спои во едно од најубавите места во оваа земја, во срцето на Шварцвалд, поточно, во гратчето Титизее Нојштад. Доколку ви звучи познато, тоа е затоа што, ако сте љубител на скијањето, веројатно знаете дека токму таму често се одвиваат натпреварите во ски-скокови.

Како и да е, за да не биде сѐ совршено, поголемиот син Давид, кој неодамна стана полнолетен, не добил виза, па сега мора да го заокружи средното образование, односно, да заврши четврта година во Скопје, па дури потоа целосно да му се придружи на семејството. Во меѓувреме, тие се во очекување на новогодишните и божиќните празници кои ќе ги поминат сите заедно во местото во кое сѐ изгледа баш како во бајка.

Маре, која изминативе години беше турбо-ангажирана како готвачка во британската резиденција во Скопје, а освен како готвачка, цели 15 години се грижеше паралелно и за сѐ што беше поврзано со храна и менаџирање на резиденцијата и беше вклучена во многу настани, протоколи и дегустации, промоции на традиционалната британска кујна и хуманитарни настани, сега наеднаш се најде во бајка во која ужива и во едно сосема поинакво опкружување од скопското. Се разбира, не го запоставува готвењето кое е нејзина голема љубов и задоволство, но засега само за семејството и нивните пријатели и гости.

„Во централниот дел од областа Шварцвалд, ова убаво гратче е опкружено со прекрасни предели, „црна шума“ (Шварцвалд), бел снег, прекрасни езера, питоми луѓе и најважно од сѐ, чист воздух, мир и спокој“, вели нашата Маре Јаневска.

Сепак, признава дека на почетокот, првите недели таму, не можела целосно да ужива бидејќи била загрижена за Давид, па како што вели, паднала во блага депресија. Но Маре не би била тоа што е, ако тукутака ѝ се препушта на тагата. Напротив, откако еден ден пребарувајќи на Интернет нашла фотографии од нечија кајгана која случајно завршила превртена на подот, таа почнала да објавува сѐ што ќе најде на оваа „тема“, поточно, неуспешни јадења, падната храна и слични „рецепти“ со кои ги размрдала и своите пријатели на Фејсбук. Отпрвин, тие биле загрижени дека нешто ѝ се случува на инаку виртуозната готвачка, со оглед на тоа што објавите за ваквите кујнски „несреќи“ зачестиле, но откако сфатиле дека тоа не се нејзини фотографии, ова станало еден вид на забава за сите.

„Некои од пријателите дури се шегуваа и ми велеа дека треба да дојде некој да ми ја освети кујната штом толку често почнаа тенџериња и тави да ми паѓаат од раце, а јајцата да експлодираат до небо, но ова, колку и да звучи чудно, успеа да ме отргне од депресијата заради отсуството на Давид. Нормално, сме издржале сѐ и сешто, па ќе го издржиме и ова“, се смее Маре и веќе си го планира менито за претстојните празници кога целото семејство ќе ужива заедно во оваа бајка.

Вели дека природата е толку убава што човек и да сака не може долго да е нерасположен и депресивен. Особено големите и пространи површини со шума, убавите куќички од кои чадат оџаците, прекрасните езера и таа толку позната „црна шума“.

Да се биде таму, во средиштето на Шварцвалд, а да не се испроба оригиналната шварцвалд торта, не е можно, особено кога станува збор за гурмани како Јаневи.

„Ја има секаде, Шварцвалд тортата е една од работите по кои е препознатлив овој регион, а се прави со познатителокални цреши одлежани во алкохол. Се спремам наскоро да ја направам“, вели неуморната Маре.

Таа вели дека луѓето во Шварцвалд се горди на местото во кое живеат, а старите „Шварцвалдци“ се и големи домаќини од чии куќи секогаш се шират миризби на домашна, готвена храна.

„Тука животот е сосема поинаков од нашиот во Скопје, сѐ е мирно и спокојно, никој никаде не брза, нема метеж по улиците, а на дофат ви се најубавите излетнички места. Јас сѐ уште откривам, но веќе си најдов свои омилени маршути. Нашето гратче има околу12 илјади жители, а се наоѓа на 1000 метри надморска височина, па е вистински магнет за љубителите на природата. Освен убава и густа шума има и многу ливади, па може да се планинари, но и да се ужива во прошетките и пиењето кафе со колачи на некоја од ливадите или покрај многуте езера. Мене секој ден ми почнува така што го испраќам Марко до училиштето, затоа што тоа ми е одлична рекреација наутро, особено сега кога имаме и снег, па празничната магија е комплетна. Деновиве тука и во целиот овој шварцвалдски регион се актуелни адвентите и божиќните базари, па ги посетуваме и уживаме во празничната атмосфера, мирисите на греано вино, цимет и портокали“, раскажува Маре.

Таа пак, како и секогаш, подароците за најблиските пријатели, а и таму веќе имаат доста такви, ги подготвува сама.  

Теглите со домашен карамел и крем од лимон и портокал се подготвени и спремни за да ги израдуваат нивните германски пријатели овој Божиќ.

„Имаме веќе многу блиски луѓе кои многу ни помогнаа на почетокот, како и колеги на Александар од работа, за кои едноставно сакав да направам нешто со свои раце“, вели Маре.

Инаку, Александар, кој во Титизее Нојштад е речиси двеипол години е возач на автобус во државната фирма Дојче Бан и секој ден вози на различна линија во нивното и околните гратчиња, а на работното место веќе имал прилика да се сретне и со семејство мечки. И тоа не е чудно, иако многу почесто се среќава со срни кои претрчуваат на патот, но бидејќи никој не брза никаде, несреќи речиси и нема.

На Маре, како и на малиот Марко кој во училиште веќе го учи јазикот, ѝ претстои учењето на германскиот после што ќе може да почне да работи. Со нејзините препораки, сертификати и искуство, сигурни сме, ќе има само еден проблем – да одбере што ќе работи. Таа има на ум и нешто друго, но засега не сака да го открие, туку ќе почека прво да се реализира.

„Тука има сѐ што ни треба и многу бргу се уверив дека воопшто не држи нашето вообичаено мислење дека Германците се ладни како народ, напротив, сите се многу љубезни и не ни недостасува социјален живот.

„Имаме пријатели и луѓе и од други гратчиња, наши Македонци, Срби, но и Германци. Од сите куќи мириса на дрва, оџаците чадат, а иако температурата надвор сега е минус 12 степени, природата те мами да шеташ и да се насладуваш на овие убавини“, вели Маре.

Во нивниот нов дом елката е веќе накитена, прозорците ишарани од вредните раце на Марко кој и со своите нови другари во училиштето изработува новогодишни украси во рамки на наставата која е главно усмерена кон учење на јазикот за децата кои не се од Германија.

Маре, иако засега нема работни обврски, не мирува. Ѝ се сонило ѓомлезе, па го направила во рерна, посакала кисела зелка, па ја нарачале од Австрија, цело буре, ферментирана и подготвена за консумирање и секако веќе испробана за сарми. За да не се случи да посакаат, а да нема, Јаневци се снабдиле и со домашни чварки, ајвар и пинџур од Македонија, ама бидејќи е Маре љубопитна и секогаш сака да експериментира, го прави тоа и со некои за нас непознати намирници.

„Најдов јапонски модри патлиџани, долгнавести тенки и ги направив со зачини, павлака, лукче, како мозок беа“, се смее таа и ни вели дека успеала да најде и свеж турски кадаиф па го приготвила по свое за сопственикот на куќата во која живеат таму. Тој пак, иако Авганистанец, толку го бендисал кадаифот што замолил за рецепт и дозвола да го фотографира за да ѝ го покаже на жена му.

А Маре не ја мрзи да направи што било што ќе посакаат нејзините најмили, па некако му доаѓа како нешто слично на џубокс, ама за храна.

„Кога имам потреба да се издувам одам нагоре, над градот има излетнички дел, дел од шумата каде што си наоѓам мир и тишина. Откако падна снег сепак не се осмелувам да тргнам сама, туку само кога сме тројцата заедно, со термос кафе, колачи и овошје“, вели Маре која признава дека додека се шета низ шумата, знае и да си запее.

Инаку, својот нов дом си го наместиле по свој вкус, а таму, вели таа, е лесно да се најде што било по прифатливи цени и за сечиј џеб.

„Сѐ е многу поинаку отколку кај нас. Тука и оние кои се многу богати, се сосема нормални, приземни и скромни луѓе“, вели Маре и додава дека и нејзината кујна е веќе опремена, па таа може да продолжи да ги радува домашните со своите специјалитети. Неодамна открила дека оттука се и најубавите компири на светот (простете беровчани), од кои па направила и превкусни њоки.

Нормално, го сподели и рецептот (ќе го најдете на порталот „Арт кујна“), а за компири, ние тука ќе мора да се снајдеме со беровските, нели?

Повеќе