Можеби сега ова ви звучи неверојатно, но како што можеме да заклучиме, има многу работи од минатото кои сакајќи да бидеме модерни и во тек со светските глупоштини, сме ги замениле со разноразни глупости кои пак, денес се обидуваме да ги замениме со старите добри и многу поеколошки решенија.
Истото се случуваше со кесите. Порано кога баба ми или мајка ми ќе не пратеа во продавница, секогаш ни велеа да си земеме торба, ама нам тоа ни изгледаше како многу демоде, па купувавме кеси. Колку повеќе кеси ќе побараш на каса, толку поголем шизик си!
Ни нудеа домашни сокови, а ние сакавме тетрапак, ни нудеа варено млеко, а ние сакавме трајно, во тетрапак.
Мајка ми раскажуваше дека порано, додека живеела недалеку од француските гробишта во Скопје, во близина на старата чаршија, по уличките поминувале луѓе кои продавале кисело млеко.
Тие излегувале од дома со тенџерчиња, продавачите им ги полнеле со киселото млеко кое било цврсто, со нож да го сечеш, плаќале и си оделе дома. Благото млеко им било доставувано до врата – во стаклени шишиња.
Ама ние, генерацијата потоа, сакавме да пиеме купечки сокови, млеко кое не мора да се вари и кисело млеко згуснато со помош на млеко во прав, а сега веќе со којзнае какви други згуснувачи.
Имаше каде да ги однесеме чевлите и јакните кога ќе ни здодееше бојата, а ѕвонарките ни ги шиеше шнајдерот кој со своето семејство живееше во Архивот, кај пазарчето Тафталиџе.
Секако, се сеќавам и на извиците на оние кои поправаа чадори. Слично како што поминуваат и денес оние што откупуваат стари работи, обично во неделите, кога се сите дома и кои сега, наместо да викаат, си пуштаат преку разглас веќе снимено дека „плаќаат во готово – нема чекање“!
Ама поправачите на чадори одамна ги нема. Сега на секој ќош се продаваат чадори кои чинат по 150-200 денари и траат колку еден дожд.
Но, ете, полека се освестуваме. Како и за многу други работи за кои се освестивме дека порано биле многу подобри отколку денес. И кој друг ќе не освести ако не нашите пријатели од организацијата за социјални иновации АРНО.
Нивната новина е иницијативата за поправки на стари, скршени, расипани предмети кои наместо да го зголемат отпадот, ќе бидат поправени и ќе добијат шанса за нов живот.
Затоа, тие бараат и вешти луѓе кои ќе знаат да поправат!
„АРНО е во потрага по вешти луѓе кои знаат да поправаат работи (видете кои) или се креативни и вешти во пренамена на работи (пр. од гуми до креветчиња за миленици, лампи од отпад и слично).
НЕ БАРАМЕ: монтери, гипсери, мајстори кои одат по дома, мајстори на фрижидери, шпорети, мајстори за поправки на компјутери, телефони.
БАРАМЕ (до сега немаме пријавени) луѓе што знаат да поправат чадори, да чистат тастатура, далечинско, да поправаат куфери (скршени тркалца, пукнат дел и сл). А не е на одмет да добиеме и повеќе понуди за текстилни поправки, креативни употреби и сл.
Овие лица би држеле работилници во самиот простор и би демонстрирале и воделе поправки со група учесници (идејата НЕ е да ги земат дома работите и да ги вратат поправени, поправките се едукативни и се прават на лице место).
Покана за пополнување на формуларот е ТУКА: https://forms.gle/i5VrgxHFav6qM3EK7“.
Значи, ако не сакате да си го фрлите чадорот што ве потсетува на мајка ви, идејата е да се најдат луѓе што ќе можат да ви го поправат за да го користите, а не да го чувате во некој ќош и на крајот, кога ќе дојде време за генералка, сепак да одлучите дека треба да заврши во отпад.
Секако, имате сигурно и некој куфер со скршено тркалце кој ви се чини дека повеќе не е вреден за својата намена, а не сакате или не знаете да си ставите ново тркалце за да му го продолжите животот или пак, имате еден куп играчки кои се спремате да ги џитнете во контејнер само затоа што имаат некое оштетување кое вешт човек би знаел како да го среди.
Епа, ајде да пробаме да најдеме такви луѓе.