Пронајдени се причините и лекот за утринските мачнини

Научниците дошле до заклучок дека за мачнините за време на бременоста е виновен хормонот што го произведува фетусот. Постојат две можни решенија за овој непријатен, а понекогаш и опасен проблем

170

Повеќето трудници чувствуваат мачнини, а повраќањето понекогаш може да биде толку често што станува опасно по здравјето. Истражувачите сега открија зошто е тоа така, а нивната студија објавена во реномираното списание Nature предлага можности за превенција и лекување.

Причината за она што обично се нарекува „утринска мачнина“ е чувствителноста на бремената жена на хормонот GDF15. Хормонот го произведува фетусот во плацентата и значително се зголемува за време на бременоста.

Истражувањето, објавено оваа недела, доаѓа од тим кој ги вклучува Универзитетот во Јужна Калифорнија, Универзитетот Кембриџ во Англија и истражувачи од Шри Ланка.

Најмалку 70 проценти од бремените жени доживуваат мачнини
Најмалку 7 од 10 трудници имаат гадење и повраќање за време на бременоста. Околу 2 од 100 бремени жени доживуваат екстремни симптоми познати како хиперемеза гравидарум (ХГ), што може да доведе до губење на тежината, дехидрација и хоспитализација. Состојбата го зголемува ризикот од други сериозни компликации на бременоста, како што се прееклампсија и предвремено породување и често недоволно се дијагностицира.

Меѓу клучните наоди на студијата е дека не се сите подеднакво чувствителни на GDF15. Луѓето кои имале ниско ниво на овој хормон во телото пред бременоста биле почувствителни за време на бременоста. Луѓето со многу високи нивоа пред бременоста, поради генетско нарушување на крвта наречено бета таласемија, биле помалку чувствителни на GDF15 за време на бременоста.

Истражувачите спровеле бројни анализи за да дојдат до нивните заклучоци, вклучувајќи анализа на нивоата на GDF15 присутен во крвта на бремени жени, анализа на генетски податоци и лабораториски експерименти со глувци и човечки клетки.

Две можни решенија
Наодите укажале на два можни начини за решавање на чувствителноста на GDF15. Експериментот на глувци покажал дека зголемувањето на изложеноста на GDF15 пред бременоста може да помогне. Друга опција е да се даде третман со антитела кои го блокираат GDF15 или неговите рецептори.

Оваа студија дава силни докази дека еден или двата методи ќе бидат ефективни во превенцијата или лекувањето на ХГ, вели проф. д-р Марлена Фејзо, клинички асистент професор по популација и науки за јавно здравје на Медицинскиот факултет Кек (Keck) на Универзитетот во Јужна Калифорнија.

Фејзо изјавила за „Њујорк тајмс“ дека и самата имала тешки симптоми и не можела да јаде или пие без да повраќа за време на нејзината втора бременост во 1999 година. Докторот ја отфрлал нејзината загриженост и сугерирал дека претерува. Абортирала во 15-тата недела по хоспитализацијата.

Повеќе