Првиот роденден му го славеле во „Козле“, а потоа …

Емилија Пехчевска и нејзиниот сопруг Михајло се производители на преку педесет артикли со здрави состојки од беровскиот крај, боров сируп, сируп од глуварче, од јаглика, багрем, бозел, чаеви, масла, мелеми и други прекраснотии. Пред 8 години решиле да свртат нов лист во животот и од Скопје се преселиле во Берово. Сите се препородени, а болежливоста на децата и антибиотиците се заборавени во минатиот живот

3.035

Нашата соговорничка Емилија Пехчевска е од Свети Николе. По завршувањето на Економскиот факултет на „Свети Кирил и Методиј“, отсек финансиски менаџмент, како и многу други, останала во Скопје.

Уште на почеток на студиите започнала да работи. Почнала со научно-истражувачка работа, пишувајќи најразлични стручни трудови од областа на општествените науки, а пред сѐ, од областа на економијата. Подоцна се вработила како администратор и асистент во странска компанија, а потоа како асистент за продажба во приватна фирма за компјутерска опрема и галантерија. По неколкугодишното работење, сватила дека е  најубаво кога си сам свој газда, па дала отказ и продолжила со научно-истражувачката работа. Се запознала со сопругот Михајло и пред 14 години се венчале. Имаат два сина, сега веќе тинејџери, Михаел – 13 и Петар -10 години.  

„Нашиот заеднички живот го започнавме во Скопје, но подоцна одлучивме да го продолжиме на некое друго место. Поточно, пред околу осум години, решивме да се преселиме во Берово кадешто претходно доаѓавме како гости/туристи поради корените на мојот сопруг чиј татко беше беровчанец, но како млад, во потрага по работа во раните педесетти години заминал во Скопје. Таму се оженил и останал до крајот на својот живот.

Преселбата во ова прекрасно место за нас е една од најдобрите одлуки во нашите животи, а ја донесовме многу брзо и лесно. Секогаш кога доаѓавме тука, посебна радост и спокој ни ги исполнуваа срцата, а при заминувањето, со нас враќавме огромно парче носталгија во Скопје. Убавината, чистотата, мирот и спокојот кои изобилуваат во овој крај предизвикуваат копнеж да станеш дел од овој рај на земјата. Секогаш кога доаѓавме во Берово, апетитот на дечињата растеше, се појавуваше руменило на нивните бледи обравчиња, а сонот им беше длабок како океан“, раскажува Емилија.

Особен проблем и тешкотија за нив додека живееле во Скопје била болежливоста на  поголемиот син Михаел кој секој месец имал бронхитис.

„Првиот роденден го славевме во Козле со бронхо-пневмонија. Тоа е еден од најтажните мигови на кои секогаш ќе се присетувам со голема тага во срцето. Буквално, секој месец детето беше со антибиотици, анемично и бледо. Одеше во градинка по 2-3 дена, а останатите денови од месецот беше болен.

Откако го добивме и второто дете, работите станаа уште потешки, а обврските и одговорностите поголеми. Тогаш сфативме дека загадениот воздух во Скопје е еден од главните фактори за неговите респираторни проблеми. Токму тоа беше главната причина да ги земеме нашите деца кои тогаш беа на возраст од 5 и од 2 години и да заминеме од Скопје во Берово“, вели таа.

Иако се` се случило брзо и ненадејно, коцките едноставно веднаш им се наредиле.

„Пуштивме абер по роднините на сопругот дека бараме куќа под наем, а негова прва братучетка уште следниот ден ни даде информација дека има најдено нешто интересно. Куќата во која се доселивме се изнајмуваше по симболична сума и беше празна. Да живееме во изнајмена куќа воопшто не ни пречеше. Во животот најважна е љубовта и разбирањето. Сѐ друго си доаѓа само по себе. Толку бргу се навикнавме на сè, чиниш животот тука сме го поминале.
Единствено нешто на што сè уште не можам да се навикнам се долгите и студени зими. Тука е многу поладно, а јас сум постојано смрзната“, се смее Емилија.

Вели дека додека децата уште не оделе на училиште, почесто доаѓале во Скопје сите заедно или пак ги оставале децата во Свети Николе кај нејзините родители, а таа и сопругот доаѓале во Скопје главно заради работа, а и ден денес е исто со тоа што таа сега патува многу поретко во текот на школската година.

Децата се одлични ученици, а родителите се задоволни од тамошните услови за образование.

„Тука има помал број на деца во одделенијата и тоа им овозможува на наставниците да им обратат поголемо внимание. Тие им се како втори родители во буквална смисла на зборот. Децата си имаат другарчиња со кои се дружат, а Берово е нивното гнездо. Сега во Скопје сакаат да одат само кога е во прашање шопинг или посета на големите молови“, вели Емилија.

И таа и сопругот одлично се вклопиле во новата средина, а и беровчани ги прифатиле со раширени раце.

„Во Берово децата секогаш ги поздравуваат возрасните, но и возрасните се поздравуваат меѓусебно. По Велигден, кого и да сретнеш, каде и да влезеш, цели 40 дена луѓето се поздравуваат со: „Христос Воскресна – Навистина Воскресна“. Навистина првите години ова ни беше малку чудно. За овие осум години стекнавме голем број на пријателства и запознавме многу луѓе. Огромна е предноста да живеете во мало и мирно место како што е Берово. Можете да бидете сигурни дека доколку вашето дете реши да направи некоја лудорија тоа нема да остане незабележано. Секогаш ќе се најде некој добронамерен малешевец кој ќе го „фати за уво“ и ќе ви го донесе дома, грижејќи се како за свое дете. Во Берово  информираноста е на високо ниво, секој знае сè за секого“, се смее Емилија.

Таа и нејзиниот сопруг сега имаат мала семејна компанија и произведуваат производи според свои оригинални рецепти, а суровините  ги собираат од најчистите предели на Малешевијата.

Токму затоа она слабокрвното и болно детенце од почетокот на приказната, сега веќе тинејџер, заборавил на антибиотиците кои ги примал како мал, а нивното главно мото е: Здравјето доаѓа од природата!

Повеќе за нив прочитајте на порталот „Арт кујна“.

Повеќе