Што да кажете кога детето ви го покажува својот цртеж?

Наместо бледо да прашаме што е тоа или пак претерано да се воодушевуваме, можеме да поттикнеме цела конверзација и истовремено да го наведеме детето да го проширува својот речник.

273

Кога децата создаваат уметничко дело – на пример, цртаат нешто или прават фигура од пластелин – родителите имаат два типични одговори. Од една страна, родителите прекумерно воодушевено извикуваат: „Преубаво! Па, ти си извонреден уметник! Ајде да го закачиме ова на ѕид!“ А од другата страна се родителите кои бледо гледаат и прашуваат: „Што е тоа?“Експертите велат дека ниту една од овие две реакции не е корисна за младите уметници. Децата кои се претерано пофалени стануваат нервозни и се под стрес да го задржат тоа високо ниво на пофалби, па затоа пробуваат само работи кои сигурно ќе им донесат успех. А ако постојано го прашувате детето што е тоа, го принудувате да ја прифати идејата дека уметноста мора да биде нешто конкретно. Родителите на Џексон Полок, американски сликар, секако не го прашале: „А каде е сонцето, а каде се облаците? А тревата?”

Наместо горенаведеното, кога зборувате за уметничкото дело на детето, фокусирајте се на самиот процес на создавање, а не на финалниот производ. Она што треба да го направите е да им дадете повратна информација за нивното самоистражување – без да бидете премногу критични, но и без премногу да ги туркате во таа насока – оставајќи им простор да кажат и тие нешто во разговорот. Она што тие самите мислат за нивната работа е многу поважно од она што го мислиме ние.

Професорите по уметност ни даваат неколку примери за започнување на разговорот:

Обидете се да зборувате за одделни делови од она што го направило детето. „Кои бои ги користеше овде?“ Потоа нагласете ги: „Погледни ја оваа црвената. А оваа сината, блеска! Има ли тука некои тркалезни предмети? Или квадрати, триаголници?”
Забележете колку напорно (внимателно, ентузијастички, долго) работеле на својата слика.
„Како име би му дал на ова твое дело?“ Имињата можат да дадат сосема нова димензија на нивните уметнички дела. Исто така, со ова прашање го поттикнувате детето да размислува за главната идеја или концепт на делото.
Охрабрете го детето да ви ја раскаже приказната за создавањето на тоа дело за да го поттикнете развојот на креативноста.
Прашајте го детето што му се допаѓа во тоа што го направил. Ваквиот разговор го проширува вокабуларот и го продлабочува разговорот.

Повеќе