Слатка тајна: Дали името на бебето треба да им се открие на луѓето пред раѓањето?

Една мајка се осврнала на темата за откривањето на името на бебето уште додека е во стомакот и објаснила зошто таа го споделила името на своето дете со луѓето пред да се породи

89

Во моментов, на Јутјуб има околу 670.000 видеа во кои идните родители го откриваат полот на нивното неродено бебе.

И додека многу мајки и татковци едвај чекаат да го споделат полот на своето бебе, се чини дека истото не важи кога станува збор за името на бебето. Постојат различни причини зошто идните родители ги чуваат имињата на своите неродени бебиња во тајност.

Наставничка по англиски јазик и мајка на двегодишното момче, Лорел Елис, се осврнала на оваа тема и објаснила зошто таа избрала да го открие името на нејзиниот син пред да се роди:

Кога јас и мојот сопруг дознавме на лекар дека ќе имаме момче, избравме име уште пред да се вратиме дома откај докторот. Тоа беше вистинската количина на бистрина додека бевме сè уште, колку толку присебни.

За нас, одлуката за името всушност ја направи целата бременост уште пореална.

Ги чувствував движењата на бебето и имав стомак, но дури откако се решивме за името – почувствував дека ќе станам мајка.

Луѓето ви поставуваат многу прашања кога сте бремени, некои од нив често се несоодветни.

И додека не се чувствував пријатно да зборувам за мојот план за раѓање, немав проблем да го споделам името на мојот син.

Кој и да ме прашаше, јас му одговорав и не ми е јасно зошто воопшто има такви полемики за тоа?

Се разбира, некои луѓе можеби не се сигурни за избраните имиња и сакаат да чекаат до раѓањето на детето за да се одлучат за вистинското име, но за мене беше прекрасно да го кажам името на мојот син уште пред да се роди.

Освен што ја направи бременоста реална, откривањето на името им помогна на нашите семејства повеќе да се поврзат со бебето. Мојот син не беше само бебе во стомак, имаше име и тоа беше доволно за да се воспостави врска.

Исто така, луѓето ни даваа ќебенца за бебето и боди со неговото име или иницијали.

Книгите што ги добив од пријатели беа адресирани до него, заедно со лични пораки.

Години подоцна, кога ќе може да чита и да ја цени сентименталноста, гледањето на неговото име на тие спомени ќе му значи многу повеќе отколку генеричкото „бебе“.

Кога бев бремена, предавав англиски на училиште, што значи дека на многу луѓе им го кажав името на моето синче. Поради ова бев поподготвена за тоа како ќе биде прифатено неговото име.

Знаев колку е веројатно луѓето погрешно да го слушнат името, кои ќе бидат потенцијалните прекари и дали ќе има потенцијални потсмевања во детството.

Една од причините зошто луѓето не го откриваат името на нероденото дете е да се „заштитат“ од туѓото мислење.

Знаев дека има неколку мои пријателки на кои не им се допаѓа името, но исто како што не забременив поради нив, исто така немаше да го сменам името поради нив.

Сепак, повеќето од луѓето беа доволно љубезни да ги задржат своите мислења за себе.

Но, и да не беа, се разбира дека тоа немаше да влијае на моето мислење и мојот избор.

Името на мојот син е многу посебно за мене и не престана да биде посебно откако им го открив на луѓето. Згора на тоа, мојата бременост ја направи уште попосебна, но и многу полесна.

Кои се вашите размислувања за откривање на името пред да се роди бебето?

Повеќе