Студија открива фактори од детството кои имаат најголемо влијание врз подоцнежниот живот на детето

Утврдено е дека постои силна врска помеѓу способноста на детето редовно да ги толкува и контролира своите емоции и неговиот иден професионален успех во зрелоста.

36

Психолозите во Нов Зеланд следеле 1.000 деца од градот Данидин од 1972 година за да ги откријат факторите од детството кои имаат најголемо влијание врз нивниот развој и живот подоцна, кога ќе пораснат.

Излегува дека подоцнежниот успех нема многу врска со образованието, вмрежувањето, односно, стекнувањето контакти или со работната етика.

Наместо тоа, научниците утврдиле дека нешто друго има многу поголемо влијание – најуспешни возрасни се оние кои во текот на растењето покажувале повеќе самодоверба од своите врсници, имале високо ниво на дисциплина и емоционална интелигенција.

Научниците за збирот од овие три карактеристики зборуваат како за емоционален количник или едноставно емоционална интелигенција (EQ).
Луѓето со повисока емоционална интелигенција покажуваат и поголема емпатија, имаат попозитивен став, донесуваат поинформирани одлуки и полесно признаваат кога грешат, пренесува nypost.com.

Од друга страна, децата со низок EQ имаат помали шанси да бидат материјално успешни кога ќе пораснат. Како што објавија научниците, има поголема веројатност тие да имаат пониски приходи, лоши навики за трошење до триесеттите години и помала е веројатноста да имаат заштеда, да поседуваат дом или да инвестираат пари во што било.

Проценките на EQ на учесниците во студијата биле спроведени во редовни интервали во текот на детството, на возраст од три, пет, седум, девет и 11 години, со набљудување на однесувањето на децата, интервјуирање на нивните родители и спроведување анкети со нивните наставници.

Утврдено е дека постои силна врска помеѓу способноста на детето редовно да ги толкува и контролира своите емоции и неговиот иден професионален успех во зрелоста.

„Сите деца понекогаш се борат со самоконтрола, но оние со низок EQ покажаа слаба самоконтрола во низа ситуации и возрасти“, објасниле научниците од Универзитетот Отаго за списанието American Scientist.
Научниците, исто така, истакнале дека високиот EQ може да биде важен фактор на работното место, кој влијае на тоа колку добро вработените соработуваат и комуницираат со своите колеги на работа.

Емоционалната интелигенција се развива во детството, најмногу со помош на блиски возрасни луѓе во околината кои поттикнуваат комуникација, ги прифаќаат своите емоции и отворено и искрено зборуваат за своите проблеми.

Повеќе