Свекрвите и мајките им задаваат најмногу грижи на младите мајки
Според српскиот педијатар д-р Небојша Голиќ советите кои им ги даваат бабите на младите мајки можат да бидат апсолутно добри, но од искуство, вели, обично грешат.
На пример, сега со оглед на овие температури, може да советуваат да им давате вода на бебињата, а тоа е апсолутно погрешен совет.
Педијатарот д-р Небојша Голиќ во емисијата „150 минути“ на ТВ Прва во Србија коментирал за некои заблуди во однос на родителството кои се пренесуваат со генерации.
Голиќ зборувал за тоа како можете со сигурност да знаете дали на бебето му е ладно, колку бебињата треба да напредуваат и дали треба да им нудите вода на новороденчињата.
На пример, студените стапала според многумина се јасен показател дека на бебето му е ладно, но тоа не е секогаш точно.
„Она што за нас е сигурен знак дали на детето му е ладно или не, е температурата на телото на детето.
Ако телото е ладно, тогаш на детето мора да му биде ладно”, вели д-р Голиќ.
Тој коментирал и за користењето климатизери во просториите каде што престојуваат бебињата.
„Не е лошо да се користи климата, подобро е за бебето да работи климата отколку ако е 30 степени или повеќе во просторијата. Она што е важно е ладниот воздух да не дува директно во детето и најважно, доколку планираме да излеземе надвор, навреме да ја исклучиме климата, да ја аклиматизираме просторијата, а со тоа и детето“.
Како што вели овој лекар, од искуството на своите пациенти знае дека најмногу грижа и проблеми на младите мајки всушност им предизвикуваат нивните сопствени мајки и свекрви, и тоа со некој совет.
„Нивните совети можат да бидат апсолутно добри, но од искуство велам, обично грешат.
На пример, сега со оглед на овие температури, може да советуваат да им давате вода на бебињата, а тоа е апсолутно погрешен совет. На бебињата до шест месеци не им е потребна вода бидејќи мајчиното млеко содржи 80-90 проценти вода, а формулата се прави со вода. И тогаш кога мајките велат дека не можат повеќе да издржат со бабите, јас велам да им речат на бабите да изедат две чинии супа и потоа да им дадат чаша вода бидејќи се жедни“, вели на шега д-р Голиќ.
Кога станува збор за исхраната и развојот на децата, педијатарот објаснил и колку килограми треба да се здебелат децата.
„Во книгите пишува 750 грама за првите три месеци, 600 грама за вторите три месеци, 450 грама за третите три месеци. Ова се книги. И за жал, некои колеги слепо се држат до нив. Детето може да добие 500 грама и 1.500 грама во првиот месец. За нас е важно да ги погледнеме родителите. Не е исто очекувањето дека ќе напредува детето на родители високи 1,5 метар и 40 килограми, како за децата на родители кои имаат и двајцата по 2 метри и 200 килограми. Тие бројки што ги споменав се општи насоки, но треба да се погледне општата состојба на детето, неговото расположение, колку ги полни пелените. Ако има шест или повеќе мокри пелени, ако е активно, расположено, напредувало во прв, втор, трет месец, по 500 грама, според мене, нема тука место за грижа“.
На крајот, докторот објаснил што е најважно за капењето на бебињата и колку често треба да се капат.
„Нема потреба да се капе бебето секој ден, доволно е на секои два-три дена, па дури и четири, важно е само редовно да се мие местото на пелената, особено по голема нужда. Кога редовно се капете, две работи се важни – не мора да користите хемикалии во секое капење, односно сапуни, гелови, шампони. Чистата вода е сосема доволна. Друго, кога ги капеме најмалите деца, треба да ги искапеме, а не да се бањаат. Хемикалиите што ги користиме додека ги капеме, долгото капење и топлата вода (над 38 степени) придонесуваат за сушење на кожата и создавање егзема“, заклучил педијатарот д-р Небојша Голиќ.