Светски ден за борба против ракот: Како да зборуваме за рана детекција и превенција без скрининзи?

„Во пандемијата дојдоа до израз многу проблеми, сите дијагностички процедури беа сопрени, луѓето не може да направат ниту контролни прегледи навреме бидејќи се чекаше многу месеци, а од друга страна, како да зборуваме за рана детекција и превенција кога сите скрининг програми беа сопрени“, запраша денес Биба Додева, претседателка на здружението „Борка“.

320

На онлајн прес-конференција која ја организираше здружението за борба против ракот „БОРКА – За секој нов ден”, по повод Светскиот ден за борба против ракот, новиот министер за здравство Беким Сали истакна дека заедно со сите невладини организации и со клиниките за онкологија, хематологија, педијатрија, гинекологија, хирурзите, ќе се фокусира на тоа заеднички да создадат план за превенција, односно за рано детектирање и спроведување скрининг програми низ целата територија на државата.

Тој вети дека ќе се преземат активности за намалување на времето на чекање за прегледи и воведување дополнителни термини за мамографија и ехо на дојка, дека ќе спроведат конкретни активности за да се олесни пристапот во дијагностиката и здравствените услуги кои се потребни за следење на болеста, но ќе продолжат и со систематско решавање на пристапот до нова иновативна терапија која може да го спаси животот на многу пациенти.

„Тие лекови кои изминатиот период се набавуваа со посебен буџет ќе треба да станат дел од новата позитивна листа со цел да се подобри третманот на пациентите со малигни заболувања“, посочи министерот и потенцираше дека нивната цел е да ја намалат стапката на морталитет и да овозможат секој да има право да се бори и да добие соодветна грижа во рамки на здравствениот систем, а тоа е една од основите за која, како што рече, треба да размислуваат во насока на имплементирање на првиот национален план за контрола на ракот во земјава.

„Инвестициите во превенција на ракот, раното откривање и неговата контрола преку организирани програми и скрининзи е од клучно значење да се помогне и да се спаси животот. Да не заборавиме дека импликацијата на буџетот и на пациентите и на државата е многу помал доколку ракот се лекува во ран стадиум“, рече министерот.

Доктор Нино Васев од Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија рече дека набавиле нов апарат која може десет пати побрзо да прифати пациенти за зрачење и сега е во тек обука. Посочи дека на таа Клиника нема ред за зрачење, а максималниот период меѓу давање и почнување со терапија е три недели.

Доктор Сања Трајкова од Клиниката за хематологија истакна дека Клиниката е комплетно реновирана, а со финансиска помош од европската команда на Армијата на САД обезбедени преку програмата за помош на Американската амбасада, ќе биде изграден уште еден спрат на Клиниката.

„Новиот капацитет заедно со веќе воведените најсовремени методи за лекување ќе бидат можност Клиниката да се вброи во најсовремените центри за лекување на хематолошки заболувања. Изминатата година се реализирани 16 алогени трансплантации од несреден донор, четири од сроден донор и успеавме да обезбедиме повеќе од 30 нови лекови за третман на хематолошките малигни заболувања. Буџетот за 2022 ни е зголемен и најголем број од тие средства ќе бидат искористени за трансплантација и за една најсовремена терапија“, додаде д-р Трајкова.

Претседателот на Здружение „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева рече дека е неопходно да се имплементира национална стратегија за контрола на ракот, која ќе се фокусира и на донесување на скрининг програмите и за вклученоста на организациите во промената на позитивната листа, набавката на лекови, клиничките испитувања, дијагностичките процедури, следење и мониторинг на болеста.

„Во пандемијата дојдоа до израз многу проблеми, прво и основно е дијагностиката, значи сите дијагностички процедури беа сопрени, луѓето не може да направат ниту контролни прегледи навреме бидејќи многу месеци се чекаше, а од друга страна како да зборуваме за рана детекција и превенција кога сите скрининг програми беа сопрени.

Тоа е нешто на кое треба да сме фокусирани. Предлагам мултидисциплинарен пристап за сето тоа да се реши. Мора да се надминат овие проблеми. Немавме прекин на терапијата досега, но промената на законот, на позитивната листа беше стопирано во 2020 година кога почна пандемијата со КОВИД-19. Веќе е 2022 година и можат да се преземат активности, да се смени законот, комисиите кои се за имплементирање и сето тоа што е направено да може да опстои со цел да нема прекин во терапијата“, рече Додева.

Повеќе