Уште еден бисер од нашите краишта: Мецосопранот Даниела Тошиќ има успешна музичка кариера, живее во Бостон и понекогаш копнее по балканските смокви
Даниела Тошиќ, мецосопран со македонско-српско потекло и американско државјанство, веќе долго има успешна кариера од онаа страна на „барата“, а секогаш наоѓа време и за заеднички проекти со македонски уметници. Со Дуке Бојаџиев, меѓудругото, соработувала и на новиот документарец на режисерката Тамара Котевска (The Walk), а нејзиниот глас го има на минута или две и во филмот „Пред дождот“. Со Даниела се сретнавме во центарот на нејзиниот роден град – Скопје.
Мецосопранот Даниела Тошиќ, што би рекле Србите (а таа е по татко Србинка, а по мајка-Македонка), е од наша гора – лист.
Пуштила коренчиња во далечната Америка кадешто пред околу 35 години отишла на посета и останала засекогаш, а сега е веќе здраво вкоренета со кариерата, семејството и работата.
Прво магистрирала пеење, па се омажила, родила две деца и успеала да направи завидна музичка кариера како дел од неколку групи кои се главно специјализирани за репертоари на рана, современа и светска музика.
Во родниот град Скопје и во соседна Србија, поточно, во Белград, кадешто растела и се школувала, доаѓа одвреме навреме, кога ќе почувствува желба да се извиди со пријателите и роднините кои живеат во овој дел од светот.
Даниела е солистка и камерен музичар, а она што вели дека ѝ е во срцето и на што ја посветила својата кариера, е средновековната музика.
За успехот со Тапестри, Румбароко, Ла Дона Музикале…
Даниела е една од основачките на меѓународно реномираниот вокален ансамбл Тапестри (Tapestry) чиј заштитен знак е комбинирањето на средновековниот репертоар и современите композиции во смела, концептуална програма.
Особено е горда на настапот со овој состав за 70 – тиот роденден на Стив Рајх кога изведувала една од неговите композиции со симфонискиот оркестар на Колорадо.
(Патем, антологиското дело „Музика за 18 музичари“ на овој американски композитор, еден од пионерите на минималистичката музика, пред неколку години беше изведено и во македонската Филхармонија, а во 2003-тата Дејвид Боуви го вклучил во листата на неговите 25 омилени албуми).
Даниела редовно настапува и со ансамблот La Donna Musicale, кој се фокусира на 17 век и на композиции од жени-композиторки од овој период, како и со, нам омилениот – Rumbarroco, ансамбл кој е фузија на латино и барокна музика со седиште во Бостон, чии настапи, поради добрата акустика, се случуваат главно – во цркви.
И тоа не е сѐ.
Неодамна таа ги здружила силите и со бостонската перкусионистка Силви Закаријан формирајќи го Силдасон, дуо на глас и маримба, а исто така, предава и пеење на колеџот Меримак во околината на Бостон.
На муабет во центарот на Скопје
Со Даниела Тошиќ се сретнавме во центарот на Скопје, во кој таа се родила како постземјотресно дете од мешан брак помеѓу Македонка и Србин, во тоа време, во шеесетите години од минатиот век – и двајцата државјани на тогашната СФРЈ.
Иако е родена во Скопје, со родителите живеела во Белград, а во родниот град доаѓала само за време на летните распусти.
Во Скопје биле баба ѝ и многу други роднини од страната на мајка ѝ, па секогаш го сметала за свој втор дом.
И ден денес кога доаѓа во овој град, времето е кусо за да се извиди со сите роднини и со пријателите од детството и младоста.
Даниела завршила гимназија и основно и средно музичко училиште во Белград, но на музичка академија не ја примиле.
Сепак, музиката од секогаш ѝ била многу важна во животот, па иако во Белград завршила дефектологија, никогаш не се занимавала со таа професија
Вели дека, што се однесува до музиката, прв инструмент ѝ била гитарата за која брзо се покажало дека едноставно не е родена, па преминала на клавир.
„Прво почнав со гитара една година, но ме болеа прстите многу, па после почнав да свирам клавир, ама не бев задоволна од себе, очигледно, не бев многу добра, барем не толку за да станам пијанистка. Потоа решив да се испробам со пеење.
Инаку, со пеењето е секако добро да се почне малку подоцна зашто треба да созреат гласните жици, па дури и ако се почне рано со пеење и ако се нема добар учител, пеењето може да направи и штета. Сакам да кажам дека е добро што почнав со пеење на свои 18 години, а не порано“, се смее Даниела на која набрзо пеењето ѝ станало главна преокупација, професија и најважно од сѐ, најголема љубов.
За време на студиите по дефектологија во Белград, како и сите од таа генерација кои живеевме на просторите на бивша Југославија, слушала и рок и поп и њу вејв музика, ама кога слушнала средновековна музика, знаела дека е тоа она на што сака да му се посвети.
Земала приватни часови по пеење, а извесно време пеела и во еден белградски ансамбл за рана музика – „Ренесанс“, а потоа, на возраст од околу 24-25 години отишла во Америка кадешто, наместо планираниот престој во времетраење на нејзината туристичка виза, останала да живее до ден денес.
Нов живот отаде големата „бара“
„Во Бостон, кадешто бев отидена на гости, одејќи по концерти видов една жена која ми се допадна како пее, се распрашав за неа, дознав каде предава пеење и отидов да прашам дали, со оглед на тоа што мојата диплома не беше од музичка академија, можам да запишам кај неа магистерски студии по соло пеење.
Поминав таму исполнети три години и се чувствував како цел свет да е мој, особено затоа што учев токму кај жената која толку ме воодушеви“, раскажува Даниела која денес и самата е професорка по соло пеење.
Нејзиното објаснување за тоа зошто е толку воодушевена од средновековната музика е премногу стручно па колку и да се трудеше да ни го објасни на едноставен начин, за музичките лаици ќе биде нејасно.
Затоа, ќе кажеме само дека Даниела едноставно обожува да зборува за теоријата на музиката, а особено за средновековната музика.
„Средновековната музика е целата базирана на чисти интервали, резонанцата ѝ е поинаква и едноставно, таа има друг „вкус“ и отвара нови димензии.
За да ја свириш и да пееш средновековна музика, мора да употребиш и фантазија, бидејќи за неа, се разбира, нема музички записи.
Има само стари нотни системи кои ги пишувале на кожа, а бидејќи немале многу кожа за пишување, се труделе максимално да го искористат целиот простор, па ние сега мораме да правиме свои транскрипции, мора да научиме да го читаме сето тоа, мора да проучиме многу работи, да знаеме теорија и, накусо, да бидеме нешто како археолози – да копаме, да бараме, да научиме да читаме стари ракописи, но и да уживаме во целиот тој убав и интересен процес.
Впрочем, во средниот век, да си музичар не значело дека знаеш да свириш, (оние кои свиреле ги сметале за забавувачи), туку значело да си научник кој треба да знае да ја објасни музиката“, ни раскажува таа.
Тапестри, Румбароко и други ансамбли, соработки, концерти и големи успеси
Првата група со која Даниела почнала професионално да пее во Америка била онаа која ја направила заедно со две нејзини колешки од магистерските студии и со нивната професорка, онаа од почетокот на нејзината американска приказна, а ја формирале една година откако завршиле со магистерските.
Станува збор за групата Тапестри, со која работат музика од 11 до 14 век во комбинација со современи композиции. Настапувале во Европа, Германија, Холандија, Белгија и, се разбира, во Америка.
„Имам доста постигнато со Тапестри, некои од нашите цедиња добија награди и во Европа и во Америка, најчесто настапуваме низ Америка, но доста често одиме и на фестивали во Европа, во Коломбија, во Канада, со тоа што пред две години професорката со која ја основавме групата замина во пензија“, раскажува Даниела.
Голем успех и многу концерти Даниела има и со групата Румбароко чиј ансамбл брои околу 10 луѓе и со кој настапувале во Коломбија и во Америка.
На Балканот, за жал, вели таа, засега нема интерес за мене како за изведувач бидејќи тука не сум познато име, а можеби би бил проблем и тоа што сме голем ансамбл кој е доста скапо да се донесе некаде.
Даниела неколку пати има соработувано и со нашиот Дуке Бојаџиев, меѓудругото, на новиот документарен филм на режисерката Тамара Котевска, „Патување пеш“ (The Walk).
Исто така, нејзиниот глас го има на минута или две и во филмот „Пред дождот“.
Неодамна, заедно со професорката на нејзината ќерка по маримба, инаку, Ерменка од Варна, Бугарија, со која Даниела често соработува и со Ѓеорѓи Танчев, направиле преработка на една бугарска народна песна – „Рече мама да ме жени“.
„Песната ја издадов неодамна, во Бостон, а планирам и преработка на една српска народна песна со музичарка од Австрија која свири на никелхарфа. Секако, не е исклучена и преработка на некоја од убавите македонски народни песни“, вели таа.
За тоа како си го чува гласот и што ѝ недостасува во ветената земја
Во меѓувреме, помеѓу својата професорска и музичка кариера, Даниела се труди да си го одржи имунитетот и да си го заштити своето главно орудие за живот – својот глас.
„На моите студенти стално им објаснувам дека за да си го зачуваат гласот треба да избегнуваат одење на бучни места каде што за да се разберат со некого треба прегласно да зборуваат, а и самата го практикувам истото.
Сакам да се завиткам убаво кога е ладно, пијам чаеви, суплементи ако чувствувам дека треба, а ако имам некој проблем со грлото, практикувам испирање со вода и сол.
Најстрашно искуство и најдепресивен период во животот ми беше кога како последица од вирусна инфекција имав тотален ларингитис, а гласот не ми се врати многу долг период од 3-4 месеци и се прашував дали воопшто и ќе се врати“, се потсети нашата соговорничка на искуството кое е вистинска ноќна мора за секој професионален пејач.
За среќа, оттогаш наваму не се случило да ја издаде.
Често во текот на кариерата, своите бројни соработници кои сакале да знаат повеќе за земјата од која Даниела потекнува, таа со задоволство ги запознава со географската положба и сѐ друго што ги интересира за овој дел од светот.
На нашето прашање, дали и што од нашиве краишта најмногу ѝ недостасува во ветената земја, освен пријателите и роднините, Даниела одговара:
„Искрено, најмногу ми недостасуваат вкусните смокви какви што во Америка едноставно нема, како и сите убави овошки и зеленчуци кои само тука се вкусни како на ниедно друго место во светот“.