Важноста на доењето за мајката и детето
Неколкумесечното доење го намалува ризикот од инфекции на увото кај детето за дури 50 проценти. Исто така, новороденчињата кои се доени четири месеци имаат 72 отсто помал ризик од инфекции на долниот респираторен тракт. Доените бебиња имаат и помал ризик од дебелина, астма, егзема, дијабетес тип 2 и синдром на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS).
Има ли нешто подобро и поблагородно што мајката може да направи за своето новороденче – од самиот чин на доење?
Во првите неколку дена по раѓањето, во мајчините гради се произведува колострум, густа жолтеникава течност богата со протеини и корисни состојки, а сиромашна со шеќер.
Колострумот содржи и високо ниво на антитела како што е имуноглобулинот А (IgA), кој го штити бебето од болести со создавање заштитен слој во носот, грлото и дигестивниот систем на бебето.
Генерално, се препорачува најмалку шест месеци доење, по што може да се воведе цврста храна.
По тие шест месеци, мајката може да продолжи да го дои своето дете ако сака, дури и до втората година.
Мајчиното млеко, наречено и „течно злато“, има фасцинантни позитивни ефекти врз здравјето и растот и развојот на новороденчето.
Да наведеме само неколку: доените бебиња имаат, на пример, помал ризик од дебелина, астма, егзема, дијабетес тип 2 и синдром на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS).
Освен за бебето, доењето е одлично и за самата мајка! Јаки коски, лачење на среќни хормони и побрзо закрепнување по породувањето се само дел од придобивките.
Придобивките од доењето за детето
Го зајакнува имунитетот и значително го намалува ризикот од инфекции
Неколкумесечното доење го намалува ризикот од инфекции на увото кај детето за дури 50 проценти. Исто така, новороденчињата кои се доени четири месеци имаат 72 отсто помал ризик од инфекции на долниот респираторен тракт.
Друга студија покажала дека децата кои се хранеле само со мајчино млеко 15 недели (без воведување цврста храна) имале значително помал ризик од сите респираторни заболувања.
Тинејџерите кои биле доени на рана возраст имале 50 отсто помалку случаи на егзема од другите деца.
Мајчиното млеко е дел од природната одбрана од инфекции на уринарниот тракт кај децата, покажало истражувањето.
Децата кои се доени, исто така, имаат поголем број на Т-клетки убијци подоцна во животот, кои штитат од инфекции и развој на рак.
Исто така, важно е да се напомене дека доењето го намалува ризикот од Кронова болест и улцеративен колитис.
Го намалува ризикот од дијабетес и дебелина
Мајчиното млеко содржи лептин, хормон кој помага во регулирање на метаболизмот, како и спречување на дебелина.
Благодарение на повисоките нивоа на овој хормон, доените деца се значително помалку склони кон дебелеење и дијабетес тип 2 подоцна во животот.
Помага за оралното здравје
За време на чинот на доење, бебето го користи јазикот, вилицата и мускулите на лицето.
Тоа има долгорочни позитивни последици за формирање на здрава и силна вилица и лицето кај детето.
Ја подобрува когнитивната функција
Неколку студии покажале дека децата доени имаат подобра когнитивна функција подоцна во животот и имаат повеќе бела материја во нивниот мозок.
Доењето создава одлична основа за оптимален развој на структурата на мозокот кај децата.
Придонесува за здрав микробиом
Околу 30 отсто од добрите бактерии во дигестивниот тракт на детето потекнуваат од мајчиното млеко, а дополнителни 10 отсто од кожата на мајчините гради, покажала студијата.
Затоа, доењето е од клучно значење за здрав и силен микробиом на детето.
Доењето е корисно и здраво и за мајката.
Покрај тоа што е многу корисно за новороденчето, доењето е одлично и за мајката.
На пример, го стимулира лачењето на пролактин и окситоцин. Овие хормони се клучни за да се чувствувате смирени и поврзани со вашето дете.
Доењето може да го забрза закрепнувањето на мајката по породувањето.
Секрецијата на окситоцин и помага на матката да се врати во првобитната состојба и го намалува ризикот од последователно крварење. Исто така, докажано е дека доењето помага во регенерацијата на коските на мајката.
Доењето значително го намалува ризикот од рак на јајниците и дојката. И колку подолго мајката дои, толку е помал ризикот од овие болести.
Според една студија од 2012 година, мајките кои дојат имаат помала веројатност да страдаат од постнатална депресија, која денес станува сѐ почеста.