Во Македонија се креира регистар за младински социјални претпријатија: Регистрирајте се за да знаеме што ни треба

„Не прашувај што може социјалното претприемништво да направи за тебе, прашај што ти можеш да направиш за него. Доволни се 10 минути за да се помогне на процесот за креирање на базата која ќе ни користи на сите“, апелираат од АРНО

169

Здружението за социјални иновации „АРНО“ е ангажирано од Националниот Младински Совет на Македонија (НМСМ) за мапирање на младински социјални претпријатија и идеи на територијата на Македонија во рамките на проектот Social Entrepreneurship for Youth Employment – Социјално претприемништво за младинско вработување. За таа цел, АРНО креира сеопфатна дата база преку дисеминација на прашалници кои треба да ги дадат основните информации. Сите млади (од 15 до 29 години) кои имале/имаат идеја за социјално претпријатие треба да го пополнат овој прашалник https://forms.gle/k8jFN6twqExFtRTv7. Постоечките социјални претпријатија/релевантни ентитети кои вработуваат млади и/или се водени од млади, треба да го пополнат овој прашалник https://forms.gle/xgvcxLqkiEwLydZC9

„Прибирањето податоци е многу важна работа, затоа што после од анализите гледаме каков вид на поддршка е потребна, каде има потенцијал, што е тоа што е тренд. Дали младите имаат повеќе идеи во областа на земјоделието, културата, уметноста или IT, дали има млади со попречености кои се пример за работна интеграција, во кој дел од земјата ни е потребно да се мобилизираме, какво знаење е потребно, вештини на младите и сл. Ние како граѓани сме должни сами да придонесеме во процесите, да соработуваме, не само да чекаме и да посочуваме со прст. АРНО работи речиси 10 години и имаме и пријатели, колеги кои ги знаеме, сме ги поддржувале, сме ги промовирале, но после КОВИД пандемијата не знаеме кој сѐ престанал да работи, или кој е нов на сцената на социјалното претприемништво.  Затоа, бараме помош и поддршка, сите кои знаат младински социјални претпријатија и идеи да го пополнат прашалникот-кој се користи на почеток од процесот. 

Не прашувај што може социјалното претприемништво да направи за тебе, прашај што ти можеш да направиш за него. Еве, доволно е 10 минути за да се помогне на процесот за креирање на базата која ќе ни користи на сите“ – апелира Марјан Ицоски од АРНО.

Одговорите на прашалниците ќе послужат за да се вклучат сите чинители во мапирањето и регистарот кој ќе се користи од НМСМ за подобро структуирање на компонентата за градење капацитети и отворениот повик за финансирање на постоечки и ново-основани социјални претпријатија. По комплетирањето, мапирањето и регистарот ќе бидат јавно достапни на страната на НМСМ и слободни за користење и дополнување од сите заинтересирани страни.

АРНО ќе ги користи и обработува добиените податоци согласно Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на РСМ“ бр. 42/20) и своите внатрешни правилници за заштита на лични податоци исклучиво за потребите на проектот. Заштитата на личните податоци и согласноста на социјалните претпријатија, индивидуалци и тимови е загарантирана и во самите прашалници.   

Повеќе