Искрено, зошто сакате да го оддалечите своето дете од другиот родител?

Дали навистина не ви е жал да го убедувате вашето дете дека другиот родител не го сака? Дали навистина мислите дека го правите тоа за вашето дете? Или го правите сепак за себе? Дури и ако другиот родител е „копук“ или „фукара“, запомнете, вие сте го одбрале да му биде родител на вашето дете, тоа нема ништо со ВАШИОТ избор. Ако тој ВАШ некогашен избор си го сака детето, а во голем број случаи е така, дозволете му на детето да биде со него.

382

Зошто сакате да ги одалечите децата од другиот родител кој можеби повеќе не ве сака вас или пак вие повеќе не го сакате него, но и двајцата си ги сакате заедничките деца? Дали знаете дека тоа што велите дека ви е сосема добро и без него ќе ја уништи иднината на вашето дете? Американските статистики укажуваат дека тие деца подоцна се значително оштетени па во однос на другите деца, тие се под поголем ризик дека ќе го напуштат образованието, ќе станат деликвенти, ќе се обидат да извршат самоубиство. А тоа е нешто за кое родителите на 4-годишно дете и не размислуваат.

Сѐ почесто се среќаваме со приказни на родители, претежно татковци, чии деца извесно време после разводот од нивните дотогашни сопружници, повеќе не сакаат да ги видат. И не само што не сакаат да ги видат туку бегаат од нив како од ѓавол иако до неодамна нивниот однос бил исполнет со љубов и со смеа. Има и некои дописи до нашата редакција, па дури и снимки во кои слушаме како за време на средбите на некои од овие обесправени татковци со децата, во присуство на мајките, постојано се слушаат високи децибели, навреди кон секундарниот родител, а во некои од нив има дури и закани дека ако се појават во близина на детето, ќе бидат убиени. Замислете, убиени!

Овојпат нема да излегуваме со нивните имиња и презимиња, затоа што не сакаме да изигруваме адвокати, а уште помалку сакаме да се расправаме со адвокати, туку ќе се обидеме да објасниме што се подразбира всушност под отуѓување на детето од родител.

Знаете, и ние сме родители, а некои од нас се и разведени родители. Никој од нас не го отуѓил своето дете од другиот родител. Знаете зошто? Дури и ако другиот родител е „копук“ или „фукара“, ние сме го одбрале да му биде родител на нашето дете, а детето, тоа нема ништо со НАШИОТ избор. Ако и тој ВАШ некогашен избор си го сака детето, а во голем број случаи е така, дозволете му на детето да го сака и да биде со него. Детето не е ВИЕ, детето сте ВИЕ ДВАЈЦА!

Нема да пробаме да ги разбереме овие родители кои ги отуѓуваат своите деца од нивниот втор родител, иако се обидувале да не убедат дека тoj не ги заслужува децата, дека е психопат и слично.

Ама бидете сигурни дека не би бранеле психопати! Разбираме дека можеби овие сопружници имале лош однос, лоша разделба, лош заеднички живот, но не веруваме дека некој од нив не го сака своето дете.

Што е тоа отуѓено дете?

Терминот отуѓено дете се користи за да се опише психолошката состојба на детето кое влегува во сојуз (во ситуации на родителски развод) со едниот родител додека другиот целосно го отфрла, без легитимно оправдување.

Од самата дефиниција „нема легитимно оправдување“ јасно е дека се работи за ситуации кои ја исклучуваат злоупотребата и запоставувањето на детето од страна на родителот кој е отфрлен од детето бидејќи тоа е секако легитимно оправдување (што е нагласено во секој релевантен текст кој се занимава со оваа тема). Меѓутоа, оваа злоупотреба мора да се докаже, а не да се преземе од сведочењето на родителите кои се во висок конфликт и меѓусебно се обвинуваат, директно или индиректно, користејќи го детето да го направи тоа наместо нив.

Отуѓено дете е она кое благодарение на експлицитните или имплицитните пораки од едниот родител одбива контакт со друг кој е „доволно добар“, односно заинтересиран, покажува задоволителни родителски вештини и има развиен однос на приврзаност со детето. Исто така, овде е важно да се забележи дека злоупотребата и повремените неадекватни воспитни постапки не се исто. Родителот не мора да биде совршен – никогаш да не викал, никогаш да не бил нетрпелив или во одреден момент недостапен – за детето да има право да контактира со него/неа. Совршени родители, всушност, не постојат.

Сме пишувале досега за повеќе случаи на отуѓени деца, а сме слушнале за уште повеќе такви. И за да не излезе дека сме пристрасни, ние многу добро знаеме дека се случуваат и отуѓувања на децата од мајката благодарение на трудот што во тоа го вложува таткото. На пример, знаеме за случај кога татко  по разводот го правел следново: зборувал против мајката (дека има љубовник, дека ги оставила, дека никогаш не го сакала, ниту пак некогаш сакала дете), создал лажни спомени од периодот кога детето било премногу мало за паметење („го тепала кога бил многу мал“) („не му менувала пелена цел ден кога била бебе“) и вообичаените родителски постапки (готвела нешто што на детето не му се допаѓа, му забранувала да гледа премногу телевизија, го терала да учи) е прикажано како недостаток на љубов од нејзина страна. Детето почнало да одбива да останува со мајката, почнале обвинувањата за злоупотреба на детето од страна на мајката. Детето одеднаш почнало да „се сеќава“ на работите што наводно се случиле пред пет или повеќе години (а никогаш претходно таткото не ги известил властите или не побарал медицинска или психолошка помош за детето) или да наведува спомени што не можело да ги има (на пример, за неменување пелени во текот на денот). Детето почнало да ја опишува мајката како „монструм“, користејќи го токму овој збор, негирајќи го постоењето на барем едно добро, па дури и неутрално искуство со мајката. Детето се преселило кај таткото, а потоа одбило да се среќава со мајката и по извесно време и покрај напорите на мајката, контактот помеѓу детето и мајката бил целосно прекинат. Ваквото однесување на таткото претставува психичко малтретирање на детето, а за него денес имаме и специфичен термин – отуѓување (родителско отуѓување).

Зошто отуѓувањето е злоупотреба на децата и бара преземање мерки за заштита?

Родителот кој отуѓува (злоупотребува) го користи детето како предмет на задоволување на сопствените потреби и остварување на сопствените цели (уништување на односот помеѓу детето и другиот родител). Овој родител манипулира со детето и на тој начин психички го малтретира. Таквото дете е ставено во екстремен конфликт на лојалност, што на крајот резултира со нешто што одамна е препознаено на полето на менталното здравје и она што го нарекуваме „splitting“ (поделба)  – детето почнува да го демонизира едниот, а да го идеализира другиот родител.

„Splitting“ е когнитивнa дисторзија која е поврзана со подоцнежен развој на значајни и сериозни проблеми со менталното здравје. Токму ова однесување на детето е значајно бидејќи е познато дека малтретираните деца се склони да го намалуваат несоодветното родителско однесување или одговорноста за родителското однесување да си ја препишуваат себеси.

Најчесто тоа го прават од страв дека родителот ќе трпи последици и дека ќе се разделат од него. Често сме сведоци на ситуации во кои децата изразуваат желба да бидат вратени во семејствата од кои се разделени поради екстремно занемарување или злоупотреба.

Тоа е затоа што малтретираните деца често имаат многу различни и силни емоции кон родителот насилник – тие покажуваат амбивалентност, како и желба да го сменат родителот („да не вика, да не пие, да не тепа никого, да се подобри“). Кај отуѓените деца, пак, недостасува оваа амбивалентност (имаме црно-бел родител) и тоа е еден од критериумите по кои ја разликуваме оваа форма на злоупотреба од другите. Тоа е видливо во секојдневната практика на оние кои работат на полето на трауми од злоупотреба, но за правилно дијагностицирање е потребна специфична едукација, пред сѐ, во областа на работата со трауматизирани деца.

Во моментов оваа појава (отуѓување) не е опишана како дијагноза во ниту една од постојните класификации. Дали отуѓувањето (ПА) ќе стане дијагноза (ПАС, односно синдром, е концепт кој се напушта), во кој спектар и на кој начин ќе се одредуваат дијагностичките критериуми, засега не знаеме. Она што го знаеме е дека има актуелни дискусии за ова (меѓу психолози, социјални работници, психотерапевти, психијатри) и нема ништо лошо во тоа. Но, додека се одвива овој процес, ние како општество мора да имаме механизми да ги заштитиме децата злоупотребени на овој начин и да им ја пружиме потребната стручна помош на нив и на нивните семејства.

Децата кои поминуваат низ вакви ситуации не можат и не смеат да чекаат да се постави нова дијагноза, особено затоа што дијагнозата за тоа што им се случува веќе постои – тоа се нарекува психичка злоупотреба и има значителни последици врз благосостојбата и менталното здравје на детето.

Негирањето на постоењето на отуѓувањето, како многу сериозен облик на злоупотреба на децата и јавно здравствен проблем на денешницата, само затоа што може да се манипулира, е опасно, непрофесионално и неетичко бидејќи на тој начин на децата им го одземаме правото на стручна помош и заштита.

Замислете, на пример, дека избираме да го негираме постоењето на трајните инвалидитети или тешките болести затоа што некои луѓе манипулираат со тие дијагнози за да добијат придобивки што не им припаѓаат.

Конечно, нешто за „системот“

Системите кои се занимаваат со децата кај нас се хронично запоставени, што со децении го посочуваат експертите.

Нема доволно стручни соработници во училиштата, така што имаме еден психолог за 600 деца, а судските постапки траат со години. Тоа се теми кои треба да се решат доколку навистина сакаме да работиме во интерес на децата, а можат да помогнат експерти од различни области, вклучително и новинари.

Затоа, имаме обврска да не замижуваме пред сите овие случаи кои стасуваат до нас, но и да заземаме страна. А ние сме секогаш на страната на децата кои не смеат да останат без еден родител – при жив родител.

Денес се смета дека отуѓувањето на детето од другиот родител е облик на злоупотреба на детето. Затоа во некои држави кога се утврдува дека едниот родител отуѓува, старателството му се доделува на другиот. За сите што сакаат да се разведат, најдобро е со сопружникот да одат на брачно советување за да се поработи на чувствата од односот маж-жена, за да не се прелијат тие во односот татко-мајка-дете. Многу експерти се залагаат за автоматско споделено старателство бидејќи тоа, долгорочно гледано, ги спречува војните околу децата и ги тера и двајцата да научат да соработуваат како татко и мајка.

Повеќе