Во шведските училишта се враќаат класичните учебници, хартија и молив (ВИДЕО)

Шведска се враќа на традиционалните образовни методи со акцент на печатените книги, читањето и вежбањето пишување, а во исто време ја намалува употребата на таблети и дигитални алатки.

372

На денешните деца, кои практично не го познаваат светот без интернет, паметни телефони и социјални мрежи, им е сè потешко да се одлучат да читаат добра книга, а употребата на молив или пенкало, да немаше училишта, веројатно ќе станеа мисловни именки.

Таблетите, паметните телефони и другите дигитални гаџети го најдоа своето место во современиот образовен процес, но една европска држава изгледа решила да им се врати на старите, добро познати „алатки“.

Имено, Шведска се враќа на традиционалните образовни методи со акцент на печатените книги, читањето и вежбањето пишување, а во исто време ја намалува употребата на таблети и дигитални алатки.

Овој потег дојде откако политичарите и експертите изразија загриженост дека прекумерната дигитализација, вклучително и воведувањето таблети во предучилишните установи, доведе до пад на основните вештини на учениците.

Целосен прекин на дигиталното учење за најмладите?
Шведските власти сметаат дека на учениците им требаат повеќе учебници и дека печатените книги се важни за нивното образование.

Минатата година беше најавено дека владата ќе ја поништи одлуката на Националната агенција за образование да ги направи задолжителни дигиталните уреди во предучилишните установи, па и целосно да го запре дигиталното учење за деца под шест години.

Способноста за читање на децата во опаѓање
Иако шведските ученици постигнуваат натпросечни резултати во читањето, напредокот во меѓународната студија за читачка писменост PIRLS (“Progress in International Reading Literacy Study”) за шведските четвртоодделенци покажал пад помеѓу 2016 и 2021 година.

Тие во 2021 година постигнале просечни 544 поени, што е пад од просекот од 555 поени од 2016 година.

Сепак, Шведска сè уште е рангирана на седмото место во светот, изедначена со Тајван, за вкупниот резултат на тестот.

Дигиталните алатки го попречуваат учењето на децата
Експертите за образование посочуваат дека некои проблеми со учењето можеби се појавиле поради мерките воведени за време на пандемијата на коронавирус, како и поради зголемувањето на бројот на ученици мигранти на кои шведскиот не им е мајчин јазик, но исто така истакнуваат дека прекумерната употреба на дигитални уреди за време на училишните часови може да предизвика заостанување на младите по основните предмети.

„Постојат јасни научни докази дека дигиталните алатки го попречуваат наместо да го подобруваат учењето на учениците“, велат од угледниот институт Каролинска, коментирајќи ја претходната национална стратегија за образование, која ја нагласувала дигитализацијата на наставата.

„Институтот смета дека фокусот треба да се врати на стекнувањето знаења преку печатени учебници и стручноста на наставниците, наместо претежно бесплатни дигитални извори кои не се проверени“, велат од Институтот.
Извештајот ги повикува земјите да ги забрзаат интернет-врските во училиштата, но истовремено предупредува дека технологијата во образованието треба да се имплементира така за никогаш да не ја замени живата настава предводена од наставници.

Повеќе