Во таен литературен клуб во Кабул, тинејџерки наоѓаат утеха во Дневникот на Ана Франк

Кога пред 1 година Талибанците ја презеле власта во Авганистан, на девојчињата им е забрането да одат во средните училишта и наместо тоа, кажано им е да се покријат и да останат дома. Но, во таен литературен клуб во Кабул, десетина тинејџерки им пркосат на Талибанците и продолжуваат да учат, а во судбината на Ана Франк се препознаваат себеси

187

Една година откако Талибанците ја презедоа власта во Авганистан, образованието на девојчињата е ограничено. Ним им е забрането да одат во средните училишта и наместо тоа, кажано им е да се покријат и да останат дома. Но, во таен литературен клуб во Кабул, десетина тинејџерки им пркосат на Талибанците и продолжуваат да учат, а притоа се поврзале со девојка од друго време и друг дел од светот, која исто така била принудена да го живее својот живот во тајност.

„Имала надеж. Се борела. Учела. Ѝ се спротивставила на судбината“, вели Захра, која во август минатата година основала клуб на љубители на книги со уште двајца млади луѓе во подрумот на една зграда на периферијата на Кабул.

Тројцата делуваат како лидери, го насочуваат разговорот и поставуваат прашања.

Захра вели дека девојките го читаат и разговараат за Дневникот на Ана Франк, кој нивната врсничка почнала да го пишува на 13-годишна возраст. И тие биле изненадени затоа што Ана била само дете кога морала да се крие поради насилната и угнетувачка политика.

Потеклото на тајниот литературен клуб

Членовите на овој клуб речиси сите се преживеани од бомбашките напади во последните неколку години. Некои биле ранети, други претрпеле психички оштетувања. Некои ги загубиле семејството и пријателите. Сите тие припаѓаат на прогонуваното етничко малцинство наречено Хазари. Животот под власта на Талибанците дополнително ги зголемило нивните тешкотии.

„Доаѓаме овде, зборуваме за книги и потоа се разбираме себеси и нашите мисли“, додава една од членките на клубот, Арзу.

Некои од книгите за кои разговараат имаат за цел да им покажат на девојките како другите малцинства го преживеале прогонството. Ги обработиле „Човековото трагање по смисолот“ на Виктор Франкл и „Дневникот на Ана Франк“.

Инаку, Дневникот на Ана Франк го превел на фарси 61-годишен авганистански бегалец по име Калил Ведад кој живее во Холандија. Тој е воодушевен затоа што приказната за девојчето што се крие одекнала со искуството на многу Авганистанци кои преживеале деценија војна. Се надевал дека ако ја преведе книгата, авганистанските девојки ќе можат да се препознаат себеси во познатата приказна. Бил поддржан од издавачка куќа по име Ана Франк, која платила за објавување на околу 1.500 примероци.

„На почетокот може да изгледа изненадувачки што овие девојки се толку силно поврзани со Ана Франк, но за младите луѓе кои доживуваат терор и угнетување и мораат да се кријат спасувајќи ги своите животи, некако е утешно да знаат дека не се сами“, вели Дојл Стевик, извршен директор на Центарот Ана Франк на Универзитетот во Јужна Каролина.

Книгата била објавена на фарси во 2005 година, а Ведад го посетил Авганистан и им ја презентирал на новинари и активисти и одржал часови по читање со авганистански тинејџерки. Тој не знаел за овој таен клуб, но му е мило што знае дека младите Авганистанки наоѓаат значење во приказната за Ана Франк.

„Мислам дека Ана Франк ми е како пријателка“

Претходно споменатата тинејџерка Арзу вели дека била трогната кога првпат го прочитала Дневникот на Ана Франк.

„Мислам дека Ана Франк ми е како пријателка. Имаме нешто заедничко. И двете сме жртви на војната и не можеме да одиме на училиште. Се наоѓаме на темно место, каде што нема светлина и не знаеме што ќе дојде после ова“, вели таа.

Пред да дојдат талибанците на власт, Арзу имала одлични оценки и се очекувало да аплицира за студирање компјутерски науки во странство. Нејзиниот сон бил прекинат. Има 17 години, а косата и е ишарана со сивило. Таа мисли дека се предизвикани од страдањата што ги носи во себе поради сето она низ кое поминала.

„Меѓутоа, Ана Франк беше во потешка ситуација од нас. Тие не можеа да излезат и размислуваат за слободата, а на крајот умреа. Сè уште имам луѓе со кои можам да ги споделам своите идеи. Можеме да се собереме и да зборуваме за се што сакаме. Затоа го сакам овој клуб“, додава таа.

И покрај забраната за гимназиско образование за девојчиња, некои тајно влегле во средно училиште кое тајно им дозволувале да одат на часови само за момчиња. Но ги имало премногу, па директорот од страв ги испратил дома. Денес утеха наоѓаат во Дневникот на Ана Франк, иако се свесни како завршува книгата. Ана Франк умрела од тифус во 1945 година во концентрациониот логор Берген-Белсен, откако нејзиното семејство било предадено и било откриено нивното скривалиште. Таа имала 16 години.

„Никој не знае колку долго ќе живее или кога ќе умре. Единственото нешто што можете да направите е да оставите нешто зад себе што му дава на светот значење“, вели Захра.

Исто како Ана Франк, која зад себе го оставила својот дневник, објавен во 1947 година.

„Во моментов, Талибанците се на власт“, ​​вели Захра. „Еден ден ќе ги нема. Можеби луѓето ќе заборават што им направија тие на девојките како мене“.

Таа вели дека сака да напише книга како Ана Франк за светот да знае за тинејџерките во Авганистан.

Повеќе