„За кретенското однесување на родителите-старатели по развод“: Експерти и родители дебатираа за иницијативата за заедничко родителство

Однесувањето на родителот-старател по развод е често кретенско, а тука мислам пред сѐ, на строгото придржување до терминот за гледање на детето со другиот родител кој најчесто се плаши дека, ако задоцни, веднаш ќе биде пријавен во полиција и ќе му биде ускратено и тоа малку време што му го доделиле за да си го гледа детето.

1.148

„Ние сме тука затоа што не можеме да се договориме со поранешните партнери околу заедничкото старателство врз децата, да можевме, немаше да дојдеме до ова дереџе“, согласни се родителите кои присуствуваа на јавната трибина за потребата од носење нов закон за „заедничко и одговорно родителство со кое децата и по разводот ќе имаат подеднаков пристап до двајцата родители.

Адвокатот Јанаки Митровски, професорот по семејно право Дејан Мицковиќ, психологот Данче Пауновска, како и долгогодишниот борец за каузата на граѓанското здружение за заедничко родителство после развод и иницијатор на предлог-измените на законот за семејство, господин Наум Рибароски беа дел од јавната трибина која се одржа синоќа (12.февруари), во организација на здружението „Наши“ и нејзиниот претседател Сашо Панговски, кои се нафатија да ја продолжат борбата на иницијативата која трае барем една деценија.

Учество во дискусијата секако, имаа и родителите кои се засегнати од неправедниот и дискриминаторски систем на доделување на старателство врз децата по развод на едниот родител, кој потоа се однесува како прав газда кој одлучува кога, како и дали тие ќе се видат со другиот родител.

Најкретенски од сѐ, според адвокатот Јанаки Митровски е тоа што многу често, родителот-старател, а тоа е најчесто мајката, строго се придржува до терминот за гледање на детето со другиот родител кој најчесто се плаши дека ако задоцни, веднаш ќе биде пријавен во полиција и ќе му биде ускратено и тоа малку време што му го доделиле за да си го види детето.

Адвокатот Митровски наброја и неколку случаи од својата пракса кои одат во прилог на неговото тврдење дека татковците кои се системски дискриминирани, особено во скопските центри за социјални работи.

„На пример, имав еден случај кога мајката замина со ќерката, наводно, на скијање во Швајцарија, а оттогаш помина цела година во која таткото нема никаков контат со детето. И само 1 час неделно со детето доведува до оттуѓување, а камоли нешто вакво. Имав и случај на лажна пријава за педофилија во кој на таткото му требаа 3 години за да докаже дека обвинувањето е лажно, а за тоа време детето веќе се оттуѓува“, рече адвокатот.

Сепак, Митровски не го поддржува законот за заедничко родителство 50:50, од едноставна причина што смета дека за такво нешто постојат безброј пречки, од неможноста да се реализира доколку родителите на детето живеат во различни градови, до тоа што детето постојано би морало да ја менува средината, но и поради тоа што не се сите семејства подеднакво финансиски спремни за да го реализираат тоа.

Рибароски го демантираше објаснувајќи ги дел по дел измените кои тие ги предлагаат во својот предлог за измени на законот, а во кој мислеле буквално на сѐ, па потенцираше дека и тоа 50:50 не треба да се зема буквално, во смисла дека детето ќе треба постојано да менува училишта, домови, пријатели и средината, туку дека тоа се зема само како основа за подеднаква стартна позиција на обајцата родители во која ниту еден од родителите нема да ја има „тапијата“ врз детето која ќе му дава за право да тргува со времето и со емоциите на другиот родител и на заедничкото дете.

„50 : 50 е само брендот, не значи дека треба да се спроведува без разлика и во секој случај, туку значи само дека двајцата родители ќе имаат иста стартна позиција, наместо како досега, едниот да биде во предност како некој што ќе му го дава или нема да му го дава детето на другиот родител. Инаку, јасно е дека ситуацијата се разликува од семејство до семејство, од случај до случај, па поради тоа е потребен и правилник за изработка на родителски план.

Овој родителски план беше дел од предлог-законот кој го изработи споменатата Иницијативата за заедничко родителство чиј претседател беше Наум Рибароски и во кој се во детали разработени сите евентуални проблеми и се наведени начините на кои тие можат да се решат. За нив, во два наврати се дискутираше и на собраниската комисија за труд и социјална политика.

„Предлагаме нов концепт со кој двајцата родители и по разводот ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак.

Ние предлагаме:

1. воведување одредба дека двајцата родители независно од брачниот статус остануваат еднакво одговорни за своите деца и заедно ги донесуваат главните одлуки кои се од интерес на детето (образование, здравство итн.)

2. регулирање на видувањата на децата со родителот со кој не живеат на следниот начин :

a) воведување на право на минимум загарантирано време од 120 дена годишно за родителот со кој не живее детето

б) секаде каде што е можно (кога родителите живеат блиску и нема да се наруши нормалниот тек на активности на детето) да се воведе принципот 50-50, односно гледање на децата во еднакви временски интервали со двајцата родители, како принцип кој е научно докажан дека е најдобар за децата од разведени бракови.

Овие одредби треба да бидат почетна основа при донесувањето одлуки за контакт на детето со родителите, а исклучок од нив би имало кога:

1. едниот родител не сака или не може да спроведува заедничко родителство

2. добиеното право на заедничко родителство не се користи од страна на едниот родител

3. детето е мало (до 2 годишна возраст) и биолошки е поврзано со мајката. во тој случај, заедничкото родителство би се воведувало постепено, додека детето не дојде на 5-годишна возраст

4. едниот родител е докажано во судска пракса дека е неподобен (обвинет за семејно насилство, зависник, душевно болен итн.)“, објаснува Рибароски.

Според Дејан Мицковиќ, професор по семејно и наследно право од  Правниот факултет во Скопје, македонскиот закон за семејство е донесен во 1992 година и до денеска нема претрпено никакви измени во однос на вршењето на родителското право, иако во другите држави во изминатите децении се направени не една, туку две значајни реформи.

„Согласно нашиот закон, родителското право им припаѓа на двајцата родители и родителското право го вршат заеднички и спогодбено и тука нема спор, тоа се случува и во другите земји. Но проблем се јавува поради тоа што кај нас концептот за вршење на родителско право не е до крај предвиден по разводот на брак. Во случај на развод на брак детето се доделува на чување и воспитување на едниот родител, а тоа е всушност суштината на родителското право, па автоматски другиот родител е во позиција само да има обврска да плаќа издршка и да одржува лични контакти со детето“, вели Мицковиќ.

Тој смета дека, пред сѐ, терминот родителско право треба да се смени со терминот родителска одговорност, а концептот за заедничко родителство го смета само како еден од можните концепти.

Според него, сепак, од клучно значење не е само да се донесе идеален закон, туку истиот да може и да се спроведе, па затоа не се доволни законските реформи, туку се потребни и институционални.

Психологот Данче Пауновска вели дека во својата пракса видела многу деца кои со радост реагираат кога во просторијата ќе влезе родителот со кој тие не живеат, иако родителот-старател го тврди спротивното.

„Често во праксата има случаи кога детето реагира со таква радост и емоција кога во просторијата ќе влезе родителот со кој не живее, му трча во прегратки, додека другиот родител (старателот), тврди дека станува збор за лош родител. Честопати родителот-старател се обидува да му наметне на детето вештачки направена слика за другиот родител, а тоа е недозволиво. На детето му се полни главата и детето потоа има трауми и последици поради таа лажна слика за родителот кое тоа ја прифатило. Ова е комплексна работа и од клучна важност е да се вклучат психолозите во работата со родителите по развод. Во нашата работа има методи и техники со кои, иако детето можеби сѐ уште не знае вербално да се изрази, ќе се дојде до вистината. Тоа се работи кои во разговор и со стручна проценка лесно може да се идентификуваат. А оние кои треба да одат на психолог се пред сѐ, родителите, а не децата, родителите на кои им треба помош за да сфатат дека нивните меѓусебни несогласувања не треба и не смеат да се одразат врз децата, а тие како одговорни и психички стабилни личности едноставно мора да најдат решение кое нема да биде на штета на децата. Но кај нас одењето на психолог е сѐ уште табу тема“, вели Пауновска.

Според прим. д-р Славица Кнежевиќ Гајдазис, директорка на Институтот за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива, која е поддржувач на иницијативата за заедничко родителство по развод уште од почетокот, апелираше до сите да престанат да зборуваат за разводот формулирајќи го како развод на родители, бидејќи тоа во никој случај не е развод на родители туку развод на брачните партнери.

Таа, како шлагворт за крајот на трибината поентираше обраќајќи им се на правните експерти:

„Пробувам да разберам кои ќе бидат тие одредби во законот кои ќе ги натераат институциите, она што ќе го дефинира новиот закон за семејно право, да се спроведе и да го направат тоа во некој разумен рок. Она што не го видов во овие предлози е кој е тој синџир на институции и кој ќе биде надзорот за тоа дали ќе се спроведува законот и кои ќе бидат санкциите ако не се спроведува“.

Според неа, разводот не е едноставна работа и според скалата на Холмс, со која се мери интензитет на стресот, после смртта, е втор по јачината на стресот што го предизвикува.

Повеќе