Згодното момче од скопски Бутел, освојува срца, ама и медали: Иако со Даунов синдром, Марио е релативно самостоен, а на Македонија ѝ донел медали од три олимпијади (ВИДЕО)
Иако Марио има одредена самостојност, не би можел самостојно да живее, но би сакала да има некакви работни обврски затоа што од седење дома ќе назадува на секое поле. Загрижувачки е што во државата реално нема ништо јасно и конкретно во однос на лицата со посебни потреби и тие недефинирани работи се она што ме плаши за иднината на Марио после мојата смрт, вели Јамболка Димитрова, мајката на еден од македонските олимпијци кои повторно ѝ донесоа медали на Македонија
Марио Мицковски и неговата мајка Јамболка Димитрова ги запознав во ТЦ Лептокарија кадешто претходно се договоривме да испиеме заедничко кафе.
Имено, кога не е на пливање, на танц, на логопед или на прошетка по кеј, Марио најмногу сака да пие кафе во некое кафуле или да се чести ручек во некое кафанче. Друштво секогаш му прави неговата мајка Јамболка за која вели дека многу ја сака, па затоа понекогаш знае и да ѝ помогне. На пример, да ги „заплакне“ садовите, да направи салата од краставици или од зелка, инаку, неговите омилени, или пак да ѝ го направи најубавото кафе.
Во септември Марио ќе наполни 23 години, а од 11 почнал да оди на базен. Тој беше дел од македонскиот олимписки тим на Специјалната олимпијада минатиот месец, во Берлин од кадешто овие нашите спортисти се вратија со пет освоени медали во три спорта. Единственото злато годинава го донесе атлетичарот Агрон Хајредини во скок во далечина од место. Во истата дисциплина Јулијана Петровска беше втора. Марјан Стојановски освои бронза во бадминтон, а пливачите се закитија со два медала: Стефан Трпковски со сребрен на 100 метри грбно, а Марио Мицковски финишираше како трет на трката на 100 метри краул.
Јамболка вели дека оваа бронза на Марио е посилна и вреди дури и повеќе од златните медали кои ги освојувал на претходните олимпијади, во 2015.во Лос Анџелес и во 2019.во Абу Даби, со оглед на тоа што Германците годинава направиле некои промени во организирањето на групите.
Но дури и да не се медалите, таа е горда на Марио и само поради тоа што е секогаш упорен, издржлив и исполнителен и вредно се стреми кон целта.
Но на почетокот, односно, кога веднаш по раѓањето на Марио дознала дека има Даунов синдром, доживеала голем стрес.
„Дека Марио со голема веројатност има Даунов синдром ми кажаа во болницата веднаш по породувањето, за потоа истото да се потврди и на Детската клиника. Не знам дали тоа беше судбина или докторска немарност затоа што јас имав 36 години кога останав бремена и редовно одев на контроли, но не бев упатена на дополнителни испитувања.
Кога ми соопшти докторката, првин не разбрав што ми кажува затоа што не познавав ниту едно лице со Даунов синдром. Потоа, во кратки црти ми објасни малку повеќе за дијагнозата, а мене просто не ми се веруваше дека тоа ми се случува и постојано плачев. Долго време мислев дека е само сон од кој ќе се разбудам.Кога подоцна разговарав со родители на деца со Даунов синдром сфатив дека сите различно го доживеале ова сознае, но за мене беше голем шок. Иако претходно имав фотографско помнење, со месеци потоа не можев да запомнам дури ни пред колку време сум го нахранила, па морав сѐ да си запишувам“, искрена е Јамболка.
Таа вели дека подоцна имале среќа да наидат на многу добар тим во Заводот за ментално здравје (Симпо) на чело со д-р Ќаева која го следела развојот на Марио и им препишувала витаминска терапија.
„Рано почнавме со терапии во Центарот за говор и слух што длабоко верувам дека позитивно влијаеше врз неговиот развој. Инаку беше мирно, здраво бебе со слатко мало носе. Беше омилен кај блиските и секогаш блиските роднини ни излегуваа во пресрет кога требаше да го причуваат. После една година, по сугестија на психолозите, родив уште еден син, Лео. И навистина беше подобро за развојот на Марио да расте со неговиот брат. Набргу потоа јас и татко им се разведовме, но тие можеа секогаш кога сакаат да се гледаат со него. Сепак, со оглед на тоа што бев вработена по завршување на породилното морав да одам на работа и од почеток децата беа чувани од двете баби, но потоа мораа да тргнат и во градинка. И двајцата одеа во иста група во градинка и Марио беше многу добро прифатен. И така, трчај на работа, во градинка, во Центар за говор и слух, дома со домашните обврски, по лекари, на контроли, а потоа и во основно училиште, на часови со дефектолог, на спорт, танц, средно училиште….и годините поминуваат“, се смее Јамболка.
Инаку, Марио за време на основното образование постојано одел на училиште заедно со брат му. Мајка им го запишала Марио една година подоцна токму за да можат да бидат заедно.
„Кога потпораснаа, јас ги носев на училиште, а тие се враќаа сами, со автобус, па Марио покрај брат му научи да се снаоѓа. Затоа и подоцна, односно кога веќе се запишаа во средно, помладиот Лео во средно медицинско, а Марио во фискултурно, тој стануваше сѐ посамостоен, па почна да оди сам и на базен, кај татко му во Аеродром и назад. Со оглед на тоа што ретко кое дете со Даунов синдром може да се снаоѓа само, јас сум среќна што е состојбата ваква каква што е и што Марио е релативно самостоен“, вели таа.
А Марио е најмилото дете кое сум го запознала досега. Делува многу сериозно и ужива да зборува за дружењето на патувањата со своите другари од тимот на Специјалната Олимпијада, а особено со неговиот најдобар другар Стефан, уште еден шампион во пливање.
„Најдобар другар ми е Стефан, а најдобра другарка Симона“, вели тој и на споменувањето на нејзиното име (Симона Делевска е тренер на кошаркарките од тимот на Специјалната Олимпијада), неговата насмевка станува уште поширока.
Токму поради Симона, на Марио му се појавила желбата да стане тренер по кошарка, иако кога го потсетивме дека е пологично да биде тренер по пливање, се согласи дека е така, па додаде дека би можел да биде и спасувач на базен или на плажа.
Неговата мајка признава дека таа самата не е добар пливач, па кога одат на одмор со Марио, срцето ѝ слегува во петици кога тој ќе затера накај длабокото.
„За Специјалната Олимпијада дознав од другите родители на деца со посебни потреби, па почнавме да одиме прво на кошарка, а потоа ни кажаа дека ќе се тренира и пливање. И така тргнавме редовно на базен од причина што често децата со Даунов синдром се склони кон гојазност, имаат послаба мусклулатура, искривување на ‘рбетот и пливањето е особено добро за нив. Сакав да научи да плива и за да не му е досадно кога одиме на одмор, но сега кога плива накај подлабокото јас се потресувам и покрај тоа што знам дека е одличен пливач. Марио е доста упорен, вреден и ги прифаќа инструкциите од тренерите и затоа релативно брзо научи да плива, а љубовта кон овој спорт му се роди веднаш кога ја почувствува водата“, раскажува Јамболка.
Марио кој како мал бил неразделен со брат му, сега е дома сам со мајка му, откако Лео отишол на студии во Бугарија. Често оди кај татко му и најмногу му се допаѓа кога одат на прошетки по кеј.
„Татко ми оди и по риба во Македонски Брод, ама мене тоа не ми е многу интересно. Повеќе ги сакам прошетките. Со мајка ми најмногу ми се допаѓа кога одиме во кино или кога ќе седнеме некаде на кафе“, раскажува Марио и признава дека многу си ги сака и родендените кои се слават и дома кај мајка му и дома кај татко му и во Дневниот центар за деца со Даунов синдром.
Освен во пливањето, Марио ужива и во танцот со екипата на „Еурека“ и настапува на нивните претстави во кои учествуваат деца со Даунов синдром и со церебрална парализа.
„Јас сакам и кошарка и фудбал и одбојка и ракомет, секој спорт го сакам, ама најмногу пливањето и танцот. Возам и трицикл, а знам и сам да си инсталирам на компјутер некоја игра која сакам да ја играм. И многу ми се допаѓаше кога работев во „Борис Трајковски“. Би сакал пак да работам таму и да им давам лизгалки на тие што доаѓаат на лизгање“, вели Марио.
Неговата мајка објаснува дека станува збор за работа со договор на дело.
„Марио работеше 2 месеци во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и тоа го правеше многу среќен, но ангажманот траеше до Нова година и потоа ништо.
Иако Марио има одредена самостојност, не би можел самостојно да живее, но би сакала да има некакви работни обврски затоа што од седење дома ќе има ретроградност на секое поле што е појава кај речиси сите лица со Даунов синдром кои немаат редовни активности и комуникација со други луѓе.
Загрижувачки е што во државата се декларираат како нешто се прави за лицата со посебни потреби, но реално нема ништо јасно и конкретно, а посебно остануваат најзагрозени лицата после 26-тата година. Тие непознати недефинирани работи е она што ме плаши за иднината на Марио после мојата смрт“, признава нашата соговорничка и додава: „Јас сум вработена и не сум користела пола скратено работно време затоа што имам дете со посебни потреби, ниту пак ќе може да отидам во пензија на 60 години како што им е овозможено на родителите кои не работат, а имаат дете со посебни потреби. Така што излегува дека државата на едни им дава, а кон другите е неправедна“, вели Јамболка.
Марио оди двапати неделно по неколку саати во Дневниот центар за лица со Даунов синдром, оди и настапува во танцовото студио „Еурека“, учествува во работилница на Здружението за лица со Даунов синдром Трисомија 21 Скопје, а исто така пее во инклузивниот хор на здружението. Од неодамна оди и на часови за гитара што му било голема желба, а низ маало вози велосипед и се дружи со маалските деца. Сепак, најчесто можете да го видите во друштво со неговата мајка Јамболка.