Зошто сè повеќе деца добиваат дијагноза аутизам?

Зголемувањето на бројот на дијагнози во голема мера може да се припише на поголемата свест, подобриот скрининг и поголемата подготвеност на родителите и професионалците да побараат и да прифатат дијагноза.

117


Во последните десет години, бројот на деца со дијагностицирано нарушување на аутистичниот спектар (АСД) значително се зголеми. Според американскиот ЦДЦ (Центар за контрола и превенција на болести), денес кај едно од 31 деца е дијагностициран аутизам, што го прави најчесто невроразвојно нарушување.

Но, ова не мора да значи дека има повеќе аутизам отколку порано, туку дека едноставно научивме подобро да го препознаваме.

„Зголемувањето на дијагнозите во голема мера може да се припише на поголемата свест, подобриот скрининг и поголемата подготвеност од страна на родителите и професионалците да бараат и да прифатат дијагноза“, објаснува Клејн Уди, татко на дете со аутизам и автор на книгата Rebranding Autism („Ребрендирање на аутизмот“).

И експертот за невродиверзитет д-р Тереза ​​Хаскинс истакнува дека денешните бројки не покажуваат „епидемија“ на аутизам, туку напредок во препознавањето и пристапот до помош: „Децата во ранливите заедници претходно беа занемарени или погрешно дијагностицирани затоа што немаа пристап до квалитетни проценки“, вели таа. „Сега родителите повеќе се залагаат за своите деца, а професионалците се подобро едуцирани“, пренесува Parents.

Исто така додава дека е погрешно да се споредуваат статистичките податоци од минатото со денешните бидејќи дијагностичките критериуми се променети. Денес, аутизмот почесто се дијагностицира кај деца на кои во минатото би им бил дијагностициран АДХД, јазични нарушувања или ОЦД (опсесивно-компулсивно нарушување).

Д-р Ајви Чонг, клинички психолог и експерт за аутизам, објаснува дека аутизмот е предизвикан од комбинација на генетски и фактори на животната средина.

„Истражувањата покажуваат дека помеѓу 60% и 90% од случаите на аутизам имаат генетска компонента, но не постои еден „ген за аутизам“. Тоа е сложен сет од повеќе гени кои, заедно со влијанијата од околината, можат да го зголемат ризикот.“

Некои од факторите на животната средина што можат да играат улога вклучуваат постара родителска возраст, дијабетес кај мајката, изложеност на загадување на воздухот, мала родилна тежина и компликации за време на породувањето.

Наместо да го гледаме зголемувањето на дијагнозите како причина за загриженост, експертите советуваат да го гледаме како знак на напредок. Сè повеќе деца добиваат навремена помош, а возрасните кои целиот свој живот не ги разбирале своите искуства, сега имаат можност да добијат одговори.

Како што вели Уди: „Аутизмот не е болест што треба да се лекува. Тоа е начинот на кој функционира мозокот – дел од човековата различност што отсекогаш постоел.“

Повеќе