Ако ви се чини дека постојано избирате погрешни партнери за себе, можеби зад тоа се кријат посебни причини.
Психологот Џефри Бернштајн смета дека минатите искуства или одредени нерешени проблеми можат да влијаат на сегашните врски, и тоа најчесто, негативно.
Тој издвоил три можни причини зошто луѓето избираат лоши и сосема погрешни партнери за себе.
Нерешени трауми од детството
Психологот истакнува дека „нерешените трауми од детството се една од најчестите причини зошто луѓето постојано бираат нездрави партнери.
Искуствата од детството го обликуваат нашето разбирање за односите и можат да остават длабоки емоционални лузни кои влијаат на однесувањето во зрелоста“.
Како пример, тој истакнува ситуација во која одредена личност израснала во домаќинство каде љубовта на родителите била умерена, а емоционалните потреби на детето биле занемарени.
Таквата личност може потсвесно да бара партнери кои ги одразуваат овие динамики, што може да резултира со избор на емоционално недостапни или насилни партнери, продолжувајќи го циклусот на болка и разочарување, пишува Psychology Today.
Ниска самодоверба
Ниската самодоверба може значително да влијае на изборот на партнер.
„Кога некому му недостасува самодоверба и самопочит, тој може да се задоволи со врски кои ја одразуваат неговата негативна слика за себе“, тврди психологот.
На пример, психологот посочува дека поединецот може да верува дека не е достоен за нечија почит и љубов, а поради таквото мислење за себе, тој е повеќе склон да го толерира насилното однесување на своите партнери.
Во такви ситуации, може да се случи поединците да го сметаат тоа за нормално или да веруваат дека не заслужуваат подобро и да прифатат да бидат во таква врска.
Страв од осаменост
Бернштајн објаснува дека “стравот да се биде сам може да ги натера луѓето во прегратките на несоодветни партнери.
Овој страв често произлегува од социјалните притисоци или од личната анксиозност врзана за самотијата“.
Луѓето кои се плашат или не сакаат да бидат сами, според психологот, би можеле да бидат со погрешни луѓе само за да бидат со некој во некаква заедница.
Тој посочува дека поединците кои страдаат од страв од осаменост би можеле да се согласат да бидат во врска, поточно „брзаат“ да бидат во врска за да избегнат да бидат сами, игнорирајќи ги сите очигледни проблеми и своите стандарди само за да имаат некој покрај себе, пренесува Psychology Today.