„Овој стол е моите нозе – овој стол е мојот живот“

„Слободата на движење, без разлика дали е движење со нозе или на тркала, е човеково право“, вели тринаесетгодишниот Јане Велковски во својот ТЕД говор

499

Овој стол се моите нозе – овој стол е мојот живот“, вели во својот ТЕД говор шампионот за пристапност Јане Велковски, кој користи инвалидска количка откако му беше дијагностицирана Спинална мускулна атрофија (СМА).

Многу убаво, јасно и сталожено, нашиот Јане образложува како неговата прва моторизирана инвалидска количка му овозможила независност и способност и зошто асистивната технологија треба да биде достапна за секој кому му е потребна.

„Слободата на движење, без разлика дали е движење со нозе или на тркала, е човеково право“, вели тој.

За оние кои не знаат што е ТЕД, станува збор за серија конференции на кои се зборува за одредена тема, почитувајќи го слоганот – идеи вредни за ширење. Значи, тоа се говори чија цел е да ги инспирираат и поттикнат луѓето да размислуваат.

Тука можете да најдете говори за технологија, забава и дизајн, плус наука, бизнис, глобални прашања, уметност и повеќе.

Меѓу нив и тој на Јане чија болест претставува намалување на функцијата на сите мускули во телото, додека умот продолжува да работи нормално. Спинална мускулна атрофија е една од најчестите ретки болести кои се појавуваат во раните возрасти. Вообичаено сите кои боледуваат се во одлична можност да вршат други работи, на пример да учат јазик или да решаваат математички задачи, како во случајот на Јане.

Во својот говор тој кажува дека е ученик во државно училиште, дека фудбалот е негова голема пасија и дека благодарение на УЕФА (Обединета европска фудбалска асоцијација) имал можност да се запознае со важни личности во фудбалот.

Јане зборува за независноста и слободата што му се овозможени благодарение на неговата асистивна инвалидска количка.

„Не е случајност што сето ова ми се случи на мене. Не затоа што беше лесно да се направи, туку ја имав поддршката на своите родители, можноста да се образувам и се разбира оваа модернизирана количка. Јас се чуствувам слободен и независен со оваа количка“, вели тој и истакнува дека не секој што ја има оваа болест може да си дозволи ваква количка.

„Во нашата држава додека не започне образовниот процес кај децата, вообичаено на шестгодишна возраст, тие немаат право на ваква количка. Јас својата количка не ја добив од семејството ниту од Владата, ја добив на сосем друг начин – преку донација од семејство во Соединетите Држави. Тоа беше подарок за мене во секоја смисла на зборот. Кога бев помал, моите родители зборуваа во мое име, но сега ја имам слободата тоа да го правам за себе. Со количката можам да одам секаде со моите пријатели, да носам книги или други работи што ми се потребни за основните обврски. Можете да замислите како би изгледало моето детство без оваа количка?“, прашува Јане во видеото.

„Живееме во општество кое не е многу пријателски конструирано и достапно за млади луѓе со инвалидитет како мене. Треба да размислуваме да се промени тоа. Човек што може да оди има потреба од помош во работи што јас можам да ги правам добро. На пример јас можам дa му помогнам на мојот другар во решавање на тестот по математика, додека тој може да ми помогне за мојот училишен ранец. Јас не ја забележувам разликата тука“, истакнува младиот активист во видеото.

Јане како амбасадор на УНИЦЕФ беше говорник и на Годишниот самит на Обединетите Нации во Њујорк и беше дел од прославата за одбележување на Светскиот ден на децата во 2019 година.

Повеќе