Семејството сè уште трага по 63-годишниот Богољуб кој има деменција

Веќе петти ден, семејството на Богољуб Митов од скопската населба Ченто трага по него. Богољуб има 63 години и боледува од деменција

184

Скопјанецот Богољуб Митов кој исчезна од својот дом во населбата „Ченто“ на 27-ми октомври, сè уште не е најден.

Неговата ќерка Александра вели дека се сите веќе избезумени и не знаат каде да бараат.

„Татко ми се вика Богољуб Митов. Има 63 години и боледува од деменција. Изгубен е веќе петти ден, поточно, од неделата, на 27-ми октомври околу пладне. Кога исчезна татко ми беше облечен во сив џемпер, тегет тренерки и црни гумени влечки. Не е насилна личност и е комуникативен. Инаку, живееме во населба „Ченто“ и ве молам ако некој го најде, нека го задржи и нека ми се јави на бројот 078/865-670“, ни рече Александра во телефонскиот разговор.

Таа вели дека целото семејство е веќе избезумено од грижа за нејзиниот татко, а сите досегашни информации кои ги добиле од луѓе кои мислат дека го виделе, се погрешни.

Како треба да реагирате ако наидете на Богољуб или некое друго лице со деменција кое е изгубено?

Прво обидете се да останете позитивни и да сослушате што има да каже човекот, дури и ако изгледа збунето и зборува конфузно.

Направете нешто за да му помогнете затоа што е сигурно исплашен. Останете со него додека не најдете помош или решение. Најдобро е да повикате полиција бидејќи семејството веројатно веќе има пријавено дека личноста исчезнала.

Во случајов, побарајте ја ќерката на Богољуб на нејзиниот телефонски број.

Во меѓувреме, дајте ѝ до знаење на личноста дека сѐ е во ред, дека е на безбедно и дека ќе биде добро. Со нежен допир по грбот и смирувачки тон на зборување, ќе ѝ дадете до знаење дека е безбедна и дека може да ви верува.

Основни совети за подобра комуникација со лице кое боледува од деменција

Секогаш употребувајте кратки реченици – изговарајте ги речениците јасно и внимателно, артикулирајќи го кажаното. 

Имајте на ум дека лицата со деменција не можат да следат сложени реченици и долго излагање.

Друго што треба да се има на ум е дека во случај на неразбирање на кажаното, кај пациентот често се јавува страв и паника. Разговорот никогаш не треба да води до тоа.

Лицето со деменција подобро реагира на разговор ако јасно го гледа лицето кое му зборува.

Ако поставувате прашање, тоа треба да биде едноставно и да нуди можност за позитивен или негативен одговор, без многу комплицирање.

Исто така, ако веднаш не ви одговори, не го побрзувајте. На луѓето со деменција им треба време. Можеме смирено да го повториме прашањето или да го преформулираме.

На одговорите на лицата со деменција не треба да се смеете, ниту да реагирате изненадено.

Повеќе за тоа како да препознаете изгубено лице со деменција, прочитајте ТУКА.

Повеќе