Родителство без викање, дали е можно?

Како што растат децата, родителите ги откриваат можностите на своите гласни жици. Родител кој вика не изгледа ниту се чувствува убаво. Дали е можно да се промени оваа навика?

16

Како што растат децата, родителите ги откриваат можностите нa своите гласни жици. Се додека еден ден не се запрашаат зошто толку викаат и дали е можно детето да ги слуша без тие да го кренат гласот. Родител кој вика не изгледа ниту се чувствува убаво. Дали е можно да се промени оваа навика?

Викањето станува многу честo поради различни причини, но првенствено од фрустрација и недоволна контрола на гневот. Иако никој не сака да му вика на своето дете, во одредени ситуации излегува дека викањето е единственото решение, пред се, затоа што родителите се убедени дека тоа се разликува од удирањето.

Меѓутоа, експертите ги поистоветуваат овие „методи“ на воспитување и обрнуваат внимание на фактот дека и во двата случаи тоа е проблем во комуникацијата. Како што удирањето нема да го научи детето да биде добро, нема да помогне ниту викањето. Напротив, може да има сосема спротивен ефект и да биде пример за децата дека бесот и викањето се единствениот начин за решавање на конфликтите и дека само така се изразуваат негативните емоции.

Сигурно можете да се препознаете во некои од типичните ситуации на „врескање“, кои вклучуваат:

Детски кавги
Може ли нешто да излуди родител повеќе од милион бесмислени кавги меѓу децата? И како тоа да не е доволно, на детскиот џагор се надоврзува бесмисленото викање на родителите.

Која е целта? Дали треба да врескаме сите заедно?

Неред кој се претворил во хаос
Како ќе реагира мајката откако ќе помине еден ден чистејќи ја куќата, а потоа ќе ги види плодовите од тој труд под брдо од играчки? Многу е веројатно дека во овие ситуации моќта на гласните жици е на максимум.

Нешто не оди според планот
Замислете дека сте планирале убава вечера, но детето нема ни да го вкуси тоа што сте го подготвиле? Дали би се развикале?

И секако, има уште многу ситуации, толку многу што се поставува прашањето, дали е можно да се избегнат ваквите реакции и како?

Што наместо да викате?
Ако мислите дека премногу викање не води до ништо, вие сте апсолутно во право.

Имено, ако претерувате и викате за секој помал прекршок, децата нема да ве сфаќаат сериозно и ќе станат имуни на вашето викање. И ќе забележите дека секогаш зборувате се погласно и погласно.

Ако мислите дека сте ја стекнале оваа навика, пред следниот пат да се развикате добро размислете и кога нема потреба да викате, едноставно тргнете се малку настрана и вратете се откако ќе се смирите за убаво да разговарате со детето.

Во принцип, ако целта е да ги дисциплинирате децата, најдобро е да разговарате со нив со низок, цврст глас. Притоа, важно е да се фокусирате на нивното однесување, односно на нивните постапки, а не на нив како личност.

Друга корисна тактика е применувањето на природни последици. На пр. ако детето во лутина фрли играчка на подот, кажете му да ја земе. Ако не сака, мора да останете доследни на казната која секогаш ја применувате, без разлика дали се работи за таканаречен тајм аут или нешто друго. Доследноста е клучот за успешна дисциплина додека попуштањето ќе го зајакне негативното однесување.

Кога викањето е оправдано?
Викањето понекогаш може да биде единствената реакција. Некои од типичните ситуации за кревање глас се првенствено оние во кои е загрозена безбедноста на детето (трчање на улица, наведнување над прозорецот, приближување до шпоретот итн.).

Викањето овде е сосема нормално, па дури и неопходно. Целта на викањето во овие моменти е да се привлече вниманието на детето со цел да се спречи на кој било начин тоа да се повреди.

Детето тогаш сигурно ќе се вознемири, но таа реакција е само одговор на стравот во вашиот глас, не значи дека сте биле премногу строги.

Не заборавајте да го прегрнете детето потоа и да му објасните дека сте многу исплашени. Казните не се неопходни бидејќи оваа ситуација сама по себе е доволна лекција.

Повеќе