Какви промени се случуваат во телото за време на бременоста?
Бременоста е состојба во која секој дел од телото претрпува големи или помали промени. Можеби понекогаш се чувствувате како целото ваше битие да го заземало вонземјанин. Но, има причина за тоа…
Без оглед дали планирате наскоро бебе, дали чекате бебе или внуче, секогаш ќе ви биде интересно да слушнете нешто за промените што ги доживува женското тело за време на бременоста.
Сигурно има многу работи кои не сте ги знаеле или сте ги заборавиле, но сеедно, можат да ви бидат интересни.
Веројатно знаете дека за време на бременоста крвта на мајката не се меша со крвта на бебето. Плацентата создава бариера меѓу нив и апсорбира кислород, минерали и мали молекули од крвта на мајката и ги ослободува во крвта на бебето преку папочната врвца.
Бременото тело сега мора да излачува двојно поголема количина на отпадни производи. Така се зголемува количината на урина, што ги објаснува честите посети на тоалетот.
Како што расте малиот човек, така внатрешните органи (цревата, белите дробови и желудникот) се стискаат, што предизвикува отежнато дишење, киселина и запек.
Како функционира телото во бременоста
Иако во бременоста повеќе не можете да дишете со „полни бели дробови“, природата се погрижила за доволно снабдување со кислород – вашите бели дробови сега работат со подобрен капацитет, така што со секој здив добивате 20% повеќе кислород од вообичаеното.
Волуменот на крв се зголемува за 30 до 40%. Црвените крвни зрнца се обидуваат да се справат со ова зголемување бидејќи крвта сега е разредена. Ова ве прави поподложни на анемија.
Сега и вашето срце работи понапорно и неговите отчукувања се зголемуваат за 15%.
За време на вежбањето, отчукувањата на срцето значително ќе се забрзаат, па затоа мора да се погрижите да не надминуваат 140 отчукувања во минута.
Имате впечаток дека наеднаш сте се зголемиле во волумен – повеќе крв, повеќе течност, бебето станува сѐ поголемо…
Целиот организам има повеќе работа и сè трае подолго, вклучително и отстранувањето на вишокот течност од ткивата. Ова е причината за отечени нозе и раце за време на бременоста.
Сепак, сето тоа може да се ублажи и со стимулирање на циркулацијата со одење или вежбање.
Хормонот прогестерон е еден од главните виновници во бременоста, но има многу важна улога.
Ги омекнува мазните мускули во телото, така што вашите внатрешни органи можат да се движат и да се растегнуваат. Мазните мускули во дигестивниот тракт исто така мора да омекнат за да овозможат доволно време хранливите материи да се апсорбираат во плацентата.
Мајката, се разбира, ги чувствува овие промени во форма на киселини и запек.
За време на бременоста, карличните зглобови се олабавуваат така што се изместува и центарот на рамнотежа. Ова е причина за несмасност и губење на рамнотежа, а предизвикува и сопнување и болки во грбот.
Способноста на вашата крв да коагулира е зголемена за да се спречи прекумерно крварење по породувањето. Но, ова со себе носи насобирање на крв во екстремитетите и проширени вени.
Исто така, го зголемува ризикот од тромбоза. Најдобар начин да се спречи тоа е вежбањето – и сѐ друго што ја стимулира циркулацијата.
Поради ефектот на прогестеронот врз проширувањето и задебелувањето, а земајќи предвид колку се мали жилите и ткивата во очите, бременоста може значително да влијае на вашиот вид. Може да се влоши или да се подобри.
Задржувањето на течности исто така не ѝ погодува на целата ситуација. Доколку носите диоптерски очила, нема потреба да ги менувате бидејќи видот ќе ви се нормализира по бременоста.
Доколку забележите дека од одредена храна или мириси ви се мачи, имајте на ум дека на овој начин природата ве штити од супстанции кои можат да му наштетат на бебето во најчувствителната фаза од неговиот развој.
Не треба да јадете за двајца
Лошата вест е дека не треба да внесувате повеќе калории поради бременоста.
Колку и да ве нервира тоа, телото сега има забавен метаболизам за да биде поефикасно и да ѝ даде на плацентата повеќе време да ги апсорбира сите хранливи материи и вода од вашата крв.
Ако се прашувате зошто наеднаш ви е толку топло и толку многу се потите, тоа е затоа што телото вложува дополнителни напори за да се ослободи од отпадните материи (вашите и на бебето).
Бидејќи телото повеќе се напрега, јасно е дека неговата отпорност би можела да биде нападната. Веројатно сте повеќе склони кон инфекции од вообичаено.
Искористете ја оваа ситуација за правилно да се грижите за вашето тело, да внимавате што јадете и да се одморите и опуштите. Во случај да добиете грип, веднаш одете на лекар за да избегнете компликации.
Радоста на бременоста
Бременоста не е само бескрајна непријатност, туку и големо задоволство.
Како што напредува бременоста, нивото на ендорфин (хормон на среќа) во вашето тело се зголемува за да ви обезбеди аналгетик за време на породувањето.
Нуспојава на ендорфинот е необичното чувство на смиреност.
Свесни сте за важноста на она што го правите и никој не може да ви го одвлече вниманието.
Тоа е прекрасна состојба.