Денес нема ниту една причина да се умре од овој тип на рак

Жените често го занемаруваат своето гинеколошко здравје, па така, ракот на грлото на матката е четвртиот најчест рак кај жените на глобално ниво

78

Јануари е месец посветен на превенција од рак на грлото на матката, а европската недела на превенција од рак на грлото на матката оваа година се одржува од 20 до 26 јануари.

На глобално ниво, ракот на грлото на матката е четвртиот најчест рак кај жените, со 604.000 нови случаи во 2020 година.

Околу 90% од 342.000 смртни случаи предизвикани од рак на грлото на матката се случиле во земјите со низок и среден приход.  

Кога ќе се дијагностицира, ракот на грлото на матката е една од најуспешно излечливите форми на рак, доколку се открие рано и ефикасно се управува. 

Со сеопфатен пристап за превенција, преглед и лекување, ракот на грлото на матката може да се елиминира како јавно здравствен проблем во рок од една генерација.

Оваа година, информира Институтот за јавно здравје, месецот за подигање на свеста за ракот на грлото на матката,  се одбележува под мотото „Учи, превенирај, направи скрининг“. 

Ова ја нагласува потребата од едукација на луѓето со цел минимизирање на ризиците од рак на грлото на матката и важноста од редовните скрининзи.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, карциномот на грлото на матката e шестиот најчест карцином кај жените во Македонија во последните 10 години, со инциденца од 17.57 на 100 илјади и просек од 51 смртни случаи годишно. 

Оваа болест често ги погодува помладите жени, а е трет најчест рак кај оние на возраст од 30 до 39 години. Жените често го занемаруваат своето гинеколошко здравје, не одат на редовни прегледи и одат на лекар само кога ќе забележат некакви промени или симптоми на болест кога е веќе предоцна и болеста земала замав. Генерално, нивото на здравствена свест и писменост е многу ниско. Ова е поврзано со целосниот недостаток на здравствена едукација и локални навики.

Грлото на матката е сместено во вагината, достапно е и со голо око се гледа секоја аномалија или поточно, со многу едноставно земање на брис или ПАП тест може да се утврди дали има некаква промена на него што би можела да прерасне во болест со текот на времето.

Многу е важно жените редовно да одат на овие прегледи, бидејќи денес не постои ниту една причина жените да умираат од рак на грлото на матката.

Треба да се прават прегледи еднаш годишно, освен ако не се најдени какви било промени кои бараат почесто следење.

Дали ХПВ е единствената причина за рак на грлото на матката?

Најважната причина за оваа болест е хуманиот папилома вирус или скратено ХПВ.

ХПВ 16 и 18 предизвикуваат 70 проценти од карциномот на грлото на матката, ХПВ 31, 33 и 45 предизвикуваат дополнителни 20 проценти од болеста, а имаме некои карциноми на грлото на матката кои не се предизвикани од овој вирус, но тоа е многу редок случај предизвикан од друг тип на тумор или меланом на грлото на матката. Овие се ретки случаи, но постојат.

Она што може да не заштити е вакцинација против ХПВ на што поголем дел од населението.

Ако малкумина од нас се вакцинирани, тогаш таа една вакцина нема да не заштити. Голем процент од момчињата и девојчињата треба да се вакцинираат за таа да биде ефективна. Инаку, една вакцина може да не заштити многу долго, но не и доживотно ако нашата околина или партнерите се невакцинирани.

Зошто е важно редовно да се прави ПАП тест?

Жените генерално мислат дека ако имаат уреден ПАП тест, дека е се во ред.

Всушност, ПАП тестот е скрининг тест за рак на грлото на матката. Од земениот примерок, цитологот може да види дали има некакви промени во клетките. Овие промени може да бидат со низок или висок степен.

На што укажуваат ознаките ЦИН1, ЦИН2, ЦИН3?

Слузницата е еден слој на клетки што се протега до мембраната, односно остатокот од ткивото и можеме да ја видиме промената на самата површина на слузницата или подлабоко во мембраната. Овие промени се означуваат како ЦИН1, ЦИН2, ЦИН3.

Секако, доколку промената е низ целата слузница, има поголеми шанси да се развие рак на грлото на матката. Ако ткивото е пренесено и под мембраната, тоа значи дека болеста веќе настапила. Важно е да се нагласи дека длабоките промени на клетките траат неколку години, па ако откриеме аномалија на цин 1, имаме доволно време да го поправиме проблемот, кој можеби никогаш нема да прерасне во рак.

Што се прави кога ќе се утврди дека некој има ЦИН1?

Кај младите девојки тестот се повторува за шест месеци. Се зема предвид дали пациентката има ХПВ, а потоа се испитува самото грло на матката со колпоскопија, процедура со која се одредува дали дошло до промени во ткивото.

Важно е да се каже дека овие промени не мора нужно да бидат придружени со никакви дополнителни симптоми. Ова е уште една причина за редовни прегледи.

Повеќе