Телевизор во собата на бебето? Екраните можат трајно да го нарушат мозочниот развој и сонот кај најмалите

Родителите треба да ја напуштат навиката за вечерни серии покрај креветчето – екранот и бебето не одат заедно. Нов живот во домот значи и нови правила: собата на бебето е за одмор, а не за телевизиски маратони, предупредуваат експертите.

29

Современото родителство се соочува со предизвик каков што немаа родителите пред само неколку децении – екраните. Денес, мобилните телефони, таблети, лаптопи и телевизори се секојдневие уште од најрана возраст, но експертите алармираат дека оваа „дигитална беби-ситерка“ може да остави сериозни последици врз развојот на малите деца.

Педијатрите и психолозите предупредуваат дека прекумерната изложеност на екрани кај бебињата и децата до пет години може да доведе до застој во развојот на говорот, нарушен сон, проблеми со концентрацијата и социјалните вештини. Децата кои повеќе време минуваат пред екран имаат и помалку физичка активност, што може да предизвика дебелина и други здравствени проблеми уште во детството.

Стручњаците предупредуваат: изложеноста на екрани во најрана возраст носи ризик од когнитивни оштетувања, хиперактивност и дебелина уште во детството, а децата денес плаќаат висока цена за удобноста на родителите.

Како растевме порано?

Само пред неколку децении, децата растеа во сосема поинакви услови. Немаше телевизор во секоја соба, а уште помалку во собата каде што спие бебето. Мобилните телефони и таблетите не постоеја, а бебињата ги забавувавме лице в лице, читајќи им приказни или правејќи им театар на сенки со прстите или ги стававме во количка, го полневме ранецот со сите потребни реквизити и одевме на долга прошетка.

Детството беше побогато со вистински искуства – со разговори, песни, раскажување приказни и блискост со семејството. Но денес, истите тие кои пораснале во сосема поинакви услови, како да заборавиле комплетно на своето детство, па не сакаат да се лишат од ниту едно свое задоволство, ниту пак сакаат да слушнат колку е штетно изложувањето на екрани за малите деца.

Каде е границата денес?

Современите технологии имаат свои предности и не можеме целосно да ги исклучиме од животот. Но експертите препорачуваат јасни правила:

Никаков екран за деца под 18 месеци.

Ограничено, контролирано време пред екран за деца од 2 до 5 години (најмногу еден час дневно).

Родителите да бидат присутни и да му објаснуваат на детето што е тоа што го гледа.

Најважно – телевизорот да не биде вклучен постојано во позадина, особено не во просторијата каде што спие бебето.

Одговорност на родителите е да ја најдат вистинската рамнотежа: технологијата како алатка, а не како замена за внимание и љубов. И секако, сетете се дека родителството значи и дека ништо нема да е исто како порано, па секако дека треба да се лишите од вашите стари навики ако тие значат нанесување штета на вашето дете.

Повеќе