Досадата како извор на инспирација

Појавата на досадата е одлична прилика за детето да го активира својот мозок и да премине од пасивна во активна улога, каде ќе има можност да креира игра и да направи избор за тоа како сака да го помине времето.

412

Модерното време во кое живееме е време во кое децата навикнаа некој постојано да ги забавува. На детето честопати му е досадно бидејќи е навикнато на силна стимулација,од најрана возраст е изложено на цртани филмови, брзи слики, музика или постојано анимирање од страна на возрасните. Телевизорот и мобилните ја имаат оваа улога додека децата пасивно седат и гледаат. Кога забавувањето не пристигнува од надвор, се случува детето да не знае што да прави со себе, сака стимулација, но сѐ што му се нуди не е доволно силно и од него бара дополнителен труд, бара акција. Тогаш на децата им станува здодевно.

Што се случува на почетокот на досадата? Се јавува отпор и фрустрација бидејќи се очекува од нив да мислат, да бидат креативни, да го спознаваат опкружувањето, но често единствено нешто што можат да препознаат е екранот. И покрај негодувањето, всушност појавата на досадата е одлична прилика за детето да го активира својот мозок и да премине од пасивна во активна улога, каде ќе има можност да креира игра и да направи избор за тоа како сака да го помине времето.

Што да направите за да можете детето и вие, да ја дочекате појавата на досадата како прилика за креирање, експериментирање и истражување.

Дозволете време за неструктурирана игра. Од најрана возраст оставете го детето да ги истражува своите играчки, книги,своето тело, покажете почитување на креирањето на сопствената игра и подарете му време да ги спознае можностите кои ги креира преку игра.

Дали сметате дека доколку детето се досадува, вие сте тие што треба да го забавувате? Дали го оставате само да го реши овој проблем на досада ? Прашајте го детето – Како мислиш да го решиш својот проблем? Ако каже не знам, немојте веднаш да му одговорите, туку можете да му кажете дека ќе му оставите простор да размисли и дека верувате во него – „верувам дека ќе смислиш нешто“.

Сочувствително сослушајте што има детето да ви каже, но не се обидувајте вие да го решите проблемот – „Те разбирам и мене ми е понекогаш досадно“.

Ако детето продолжува да настојува, продолжете да го слушате и покажете разбирање без да прифаќате некаква обврска. Се очекува на крај на детето да му здосадат неуспешните обиди за да ве натера да се занимавате со неговиот проблем. Можете да го потсетите на неколку активности, но повторно, обидете се да одолеете на искушението дека е ваша задача да го заштитите детето од преживување на животните фрустрации.

Oбезбедете време за движење, време во природа, но оставете и време за децата да не прават „ништо“, да се „исклучат“ затоа што токму тогаш се развива имагинацијата и се раѓаат идеи. Децата поминуваат низ развоен период кога играта, фантазијата, размислувањето и замислувањето играат важна улога. Пред екраните некој друг го прави тоа за нив. Мозокот е изложен на премногу стимулации на дневна база, но детето не добива доволно сензорно-моторички искуства кои влијаат на неговиот когнитивен развој, кој зависи и од моторниот развој.  Инстант гратификацијата и постојаната игра на екраните го преплавува мозокот, за многу кратко време се ослободуваат хормоните допамин и серотонин, и на детето му е многу полесно да се врати во виртурелниот свет за да ги добие повторно овие дози. Од друга страна тоа прави децата да имаат потешкотии кога треба да го одржат вниманието надвор од вирутелниот свет, каде што во реалноста ќе му треба повеќе труд, внимание и време за дојде до гратификација за да се ослободат овие хормони на среќа.

На овој начин покрај тоа што го подржуваме правилниот развој, децата ќе научат и круцијални животни вештини, ќе развиваат самодоволност и помала сугестибилност, помала зависност од надворешни фактори. Можат да научат дека досадата може да биде предуслов за креативност и да води до некои нови и возбудливи активности. Во спротивност секогаш кога ќе се соочат со ова доживување на досада ќе побараат од надвор некој да им го реши проблемот и со тоа развиваат тенденција за наколонетост кон зависности, може да бидат сугестибилни и полесни за манипулација.

Децата ќе научат да развиваат одговорност како ќе го исполнат своето слободно време. На другите може да им се обратат кога им треба емотивна подршка, инспирација и разбирање, но на крајот они се тие кои ќе се оспособат да се грижат за себе и од најрана возраст да почнат да освојуваат вештини за самодоверба.

Пишува: Ирена Жунгулова, психолог и психотерапевт, супервизор на Линијата за родители

Повеќе