Од прва рака: Како е навистина да се живее на остров?

Незнам дали можете да си замислите, но во зима се случува на овој плоштад каде што сега врие од луѓе, во 8 навечер да нема ниту едно живо суштество, па дури ни мачка, вели Марио Тудор, хваранин чие семејство живее на овој хрватски остров со генерации, веќе 700 години

609

Педесетидвегодишниот Марио Тудор е постојан жител на хрватскиот остров Хвар, а неговото семејство, вели, живее тука со генерации, веќе 700 години. Тој ни раскажа како е да се живее на остров преку целата година, откако сите случајни и неслучајни посетители ќе си заминат во своите домови, а на островот ќе останат само локалните жители.

Семејството Тудори потекнуваат од Мало грабље, село каде што сите имаат исто презиме – Тудор. Неговите дошле од таму во градот Хвар уште во 1899 година и оттогаш се тука, а тој се надева дека и неговиот син кој има 22 години и се занимава со изработка на накит, ќе ја продолжи традицијата и ќе остане на Хвар.

„Во лето повеќето од нас работиме барем по две работи затоа што островот е скап за живот и мора да заработиме за да ја преживееме зимата. Јас, освен што сум водител на Зелениот пазар и на рибарницата во Хвар, се занимавам и со туризам, изнајмувам апартмани, а имам и 50-60 кокошки кои ги чувам во моето поле во заливот Велидолац. Тоа се кокошки кои слободно се шетаат, а ги хранам со остатоците од зеленчук и овошје што ми ги даваат пазарџиите, ги дохранувам и со пченка, па продавам и јајца. Пакет од 10 вакви домашни јајца чини 25 куни, а не можам да постигнам колку луѓето ми ги бараат.

Освен цените за траект и за катамаран, сите други цени на островот се и за нас исти како и за туристите и сѐ е поскапо отколку на копно и во лето и во зима. Затоа во лето немаме време ниту да се избањаме, па на пример јас не сум влегол во море две години. Речиси и не се гледаме меѓусебно додека трае сезоната и дури и за ручек секој јаде кога ќе стаса, обично правиме нешто брзо, шпагети, салати, ракчиња, а често и не спремаме храна дома туку јадеме нешто набрзина надвор, пица, хамбургер,… “, раскажува нашиот соговорник.

Марио, како водител на зелениот пазар и на рибарницата во градот Хвар, секое утро на својот Фејсбук објавува дали има и каква риба има за продажба за да знаат неговите сограѓани дали воопшто да доаѓаат по риба, а и кога има риба, таа сѐ троши до 9 наутро.

„Во лето професионалните рибари имаат договори со рестораните кои веднаш им ги откупуваат најдобрите и најскапите риби. За локалците и туристите кои сакаат сами да си ја спремат има од она што се лови со кочи (рибарски бродови кои фрлаат мрежи), главно, риба лист, шњур, мол, шкарпини, диви шкарпини, шампир (ковач), мали лигњи, ракќиња, шкампи,… Малите шкампи сега беа 80 куни, а ракчињата – 60 куни. Но тоа се баш свежи што се уловени истата вечер и наутро веќе ги има во понудата. Цените на рибите пак се од околу 30-35 куни (околу 4 евра) докај 250 куни (30-35 евра по килограм). Има за секого, а интересно е што и покрај тоа што порасна цената на горивото, рибарите уште не ги дигнаа цените“, вели Марио и додава дека нивните лигњи се многу скапи (180 куни, односно, околу 25 евра за килограм) па тој никогаш не си дозволил да ги купи, ама затоа понекогаш знае сам да улови некоја. За овие лигњи вели дека кога би ни ги послужиле во ресторан, нам, на туристите, веројатно би им ги вратиле зашто би мислеле дека не се добри.

„Луѓето не знаат што е автохтон производ, јадат тука лигњи од Јужна Америка, од Африка и мислат дека е тоа тоа зашто тие лигњи се меки, убаво изгледаат, а нашите се поголеми, потврди, со поинаква боја и имаат во себе дури и црнило кое ние не го миеме, бидејќи кога тоа ќе се помеша со маслиново масло дава посебен вкус. Тоа црнило лигњата го лачи како заштита, како што и октподот кога е во опасност фрла црнило. Вкусот на нашите лигњи е фантастичен, иако се потврди и подебели кога ќе се исечат. Внатре се бели, а однадвор кафеавкасто-црвгенкасти. Но ние во тие деликатеси уживаме главно во зима. Обично ги печеме на скара, се разбира, сите имаме маслинки па печеме на оган од маслинови гранки од маслинки, гранки од бадем или од рогач“, вели тој.

Патем, ни кажа дека рогачот кој тука веќе во јули и август ќе почне да паѓа по улици, сега не се употребува толку како порано кога жените правеле колачи од него, а биле деликатес за магарињата и коњите кои сега веќе ги нема како порано.

Инаку, господин Марио вели дека на Хвар имаат и градинка и основно и средни училишта, гимназија, средно угостителско и средно туристичко, но тој по игра на случајност завршил средно електро-техничко во Сараево. И тоа е единствениот период кога не живеел на Хвар.

Тудор вели дека зимите се особено здодевни за помладите, но дека возрасните кои веќе долго живеат тука, обично знаат како да си го организираат времето за да им биде интересно и во зима.

„За младите е потешко, незнам дали можете да си замислите сега како изгледа тоа во зима, но може да се случи во 8 навечер, на плоштадот каде што сега врие од народ, да нема жива душа, да не помине дури ни мачка.

Ама ако знаете како да се организирате, не е толку здодевно ни во зима. Ние сите имаме бродови, па така, одиме малку да ловиме риби, па малку лигњи, па правиме скара, се дружиме, кој има пари оди на некое патување или на скијање, младите исто одат малку на пат, малку во Загреб, има доста студенти кои се тогаш таму, а имаме и доста хорови па многумина пеат во хор.

И јас пеев во катедралниот хор како прв тенор и во машка клапа, но повеќе не пеам. Инаку, освен катедрален, имаме и градски хор, лимен оркестар, имаме две машки и една женска клапа, пожарникарско друштво, ДВД, односно, „доброволно ватрогасно друштво“ каде што членуваме околу 170-180 членови, па имаме заеднички простории, одиме на вежби, имаме дружења. Годишно ми се паѓа да дежурам 2-3 пати ноќна смена во тандем со пожарникар- професионалец какви што имаме шестмина. Кога има поголеми пожари со кои не можат да се справат сами професионалните пожарникари, се разбира, дури и во лето, сите ја оставаме работата и одиме да гасиме.

Имаме и ракомет, на пример, јас со 52 години играм ракомет за ветерани. Имаме и работа околу берба на маслинки, па потоа околу чистењето на маслинките и веќе доаѓа пролет па се спремаме за туристичката сезона“, објаснува господин Тудор.

Тој вели дека има многу луѓе кои доаѓаат тука, отвараат ресторан, работат 5 месеци и си одат, а малкумина се оние кои работат цела година. Такви се брачната двојка од кафулето на пазарот каде што го правевме интервјуто, а вкупно се 7-8 кои работат преку целата година. Од рестораните во зима работат само два „Мизарола“ и „Гранде луна“.

„Тоа се Хварани, единствени кои работат цела година, но мислам дека во зима имаат повеќе трошоци отколку што имаат ќар“, завршува господин Марио и веќе ита дома да отспие 1 час и да собере сили за останатите обврски во денот.

Повеќе