Врсничкото насилство е сериозен проблем ширум светот, а 130 милиони ученици на возраст меѓу 13 и 15 години барем еднаш се сретнале со него.
Без цврста поддршка од возрасен, детето, велат експертите, може да стане агресивно, анксиозно и несигурно. Помалку е веројатно дека детето ќе развие проблем во однесувањето ако родителите му се посветат и ако многу се занимаваат со него, особено во раните години од развојот. Децата зависат од родителската поддршка, заштита и охрабрување кога учат да размислуваат со своја глава. Без правилен надзор, децата не ја добиваат потребната сигурност.
Истражувањата покажаа дека децата кои немаат квалитетен родителски надзор многу често развиваат проблеми во однесувањето.
Ова се најчестите причини зошто децата стануваат насилници:
Проблеми и недоразбирања дома
Ако детето е изложено на постојани расправии, викање или дури и малтретирање дома, поверојатно е дека ќе стане насилно кон своите врсници и дека ќе покаже агресија. Детето станува насилник затоа што, велат експертите, тоа му дава некаков облик на контрола кој го нема дома. Недостатокот на самопочит ги буди демоните кои водат до желбата да доминираат над другите на суров начин.
Притисокот од врсниците
Понекогаш на децата им се чини дека е подобро да малтретираат друга личност отколку самите да станат нова жртва. Притисокот од врсниците понекогаш може да биде исклучително силен и децата се чувствуваат како да немаат друг избор освен да го следат примерот на своите врсници.
Одмазда
Кога детето било жртва на групно малтретирање, често може да бара одмазда. И сиот гнев знаат да го насочат кон други, послаби деца. Агресијата често е резултат на чувство на немоќ, несигурност и чувство на инфериорност.
Ако вашето дете почнува да вреска и почесто да ги удира луѓето и работите околу него, тоа е знак дека неговата агресивност станува уште поголема.
Недостаток на емпатија
Некои деца, велат експертите, едноставно уживаат во малтретирањето и навредувањето на другите бидејќи им недостига емпатија. Тие едноставно не разбираат како нивните постапки и зборови можат да повредат. Затоа е важно да се грижиме за емотивниот развој на децата. Родителите и наставниците треба што е можно повеќе да им го нагласат на децата чувството дека се „во туѓи чевли“, укажувајќи им на нивната одговорност за другите и нивните чувства.
Ако забележите дека вашето дете е невнимателно кон другите, разговарајте со него за тоа, покажете му како би се чувствувал на местото на личноста кон која се однесувало несоодветно.
Недостаток на внимание
На децата им треба љубов и внимание од возрасните. Кога детето ќе стане „невидливо“, тоа може да доведе до развој на агресија, што вклучува и малтретирање на другите. Така се чувствува „видливо“.
Стереотипи и предрасуди
Вознемирување врз основа на стереотипи и предрасуди може да се случи насекаде. Децата може да се сретнат со ова на училиште или на Интернет, а тоа произлегува од верувањето дека одредени групи луѓе заслужуваат да бидат третирани поинаку. Кога детето верува дека е подобро од некој друг поради неговиот социјален статус или поради некоја друга причина, тоа создава одреден тип на однесување што може да вклучува насилство.
Задача на возрасните, особено на институциите е да го препознаат насилството, да го запрат и да ѝ помогнат на жртвата, но и да го едуцираат насилникот за да не продолжи неприфатливото однесување во иднина.