И возрасните сакаат некој да им чита

Ако не сте чуле за новата професија во Кина, таканаречените асистенти за спиење, еве еден информативен текст за тоа во што се состои нивната работа.

68

Бидејќи несоницата станува кошмар за многу Кинези, се појави нова професија наречена „асистент за спиење“ кој им помага да заспијат за време на долгите бессони ноќи.

Дваесет и тригодишниот Шен Је дење работи како административен работник во државно претпријатие, но навечер работи како помошник за спиење.

Откако на клиентите ќе им наплати неколку стотици јуани на час, Шен ја презема важната задача што перниците, ароматичните производи и лековите не можат да ја остварат – да ги натера неговите клиенти да заспијат што е можно побрзо.

„Ја работам оваа работа повеќе од две години за да заработам дополнителни пари“, вели Шен според кој побарувачката на пазарот е огромна и „никогаш не му недостигаат клиенти“.

Несоницата погодува повеќе од 300 милиони луѓе во Кина, според извештајот објавен од Кинеското друштво за истражување на спиењето во 2021 година.

Тајната на Шен е неговиот пријатен глас и искуство. Тој најчесто работи така што им раскажува приказни на клиентите и разговара со нив.

На сајтот, асистентите за спиење се класифицирани во неколку категории, врз основа на сеопфатни проценки. Така, цената на едночасовниот разговор може да варира од 50 јуани (околу седум американски долари) до 310 јуани.

За 18-годишната Су Ксијао, исто така асистент за спиење, работите се малку поинакви.

„Ова го направив чисто од досада и љубопитност“, изјавила Су. Таа наплатувала само 15 јуани од ноќ. Нејзини клиенти се претежно млади луѓе кои измачени од работниот или животниот стрес, многу тешко заспиваат.

Су додала дека еден од нејзините клиенти, кој порано бил буден до три часот наутро, сега успева да заспие на полноќ откако ја користел нејзината услуга четири последователни дена. Содржината на нејзината услуга е слична на онаа на Шен и вклучува разговор и читање приказни.

Податоците објавени од фирмата за истражување на пазарот iiMedia Research покажуваат дека вкупната големина на пазарот на „економијата за спиење“ во земјата пораснала од околу 262 милијарди јуани во 2016 година на приближно 378 милијарди јуани во 2020 година, а се очекува да достигне билион јуани во 2030 година.

Повеќе