Исповед на седумнаесетгодишна девојка чии родители биле инфлуенсери: „Ми го уништија животот“
„Ние децата бевме толку параноични поради тоа што камерите постојано не снимаа што единственото место на кое се пресоблекувавме беше во затемнетата бања. Освен тоа, не се осмелував да зборувам за повеќето мои проблеми со мајка ми бидејќи премногу се плашев дека таа веднаш ќе направи влог и за тоа. Мислам дека би снимила видео дури и ако ја замолев да не го прави тоа. Денеска не ни зборувам со неа“, објаснила девојката.
Седумнаесетгодишна девојка на Reddit сподели тажна приказна за своето детство. Таа раскажа како семејниот влогинг влијаел на нејзиниот живот, особено на нејзиното ментално здравје. Како што објаснила, нејзините родители биле инфлуенсери кои почнале да се занимаваат со влогирање кога таа имала само седум години.
„Сакам да избегнам шпекулации за тоа кое е точно моето семејство, па нема да давам премногу детали. Само ќе кажам дека нивниот канал беше затворен пред неколку години, а имаше преку 500.000 претплатници“, откри анонимната девојка.
Семејството престанало да влогира поради лошата психичка состојба на еден член од семејството, која била предизвикана токму од нивното однесување кон децата и влогерскиот начин на живот што им го наметнале родителите. Таа решила да ја сподели својата приказна за да ги предупреди сите родители за можните негативни последици од оваа работа.
„Навистина ми се допаѓаше некое време, беше убаво да се биде во центарот на вниманието додека камерата беше вклучена и беше забавно да се добиваат нови играчки чие отворање секогаш требаше да се снима. Сепак, престана да ми се допаѓа она што го прават моите родители кога сфатив дека нивното внимание го имам само кога камерата е вклучена, а единствените играчки што ги добивав беа оние што требаше да се рекламираат. Ваквиот начин на живот на многу начини влијаеше негативно на мене и на моите браќа“, објаснила девојката.
Нивното снимање влијаело на квалитетот на семејниот живот
„Ние децата бевме толку параноични поради тоа што камерите постојано не снимаа што единственото место на кое се пресоблекувавме беше во затемнетата бања. Освен тоа, не се осмелував да зборувам за повеќето мои проблеми со мајка ми бидејќи премногу се плашев дека таа веднаш ќе направи влог и за тоа. Мислам дека би снимила видео дури и ако ја замолев да не го прави тоа. Денеска не ни зборувам со неа“, признала таа, а потоа открила дека во еден момент нивната мајка дури размислувала да ги извади децата од училиште и да ги едуцира дома за да има повеќе време за снимање видеа.
„Поради неа и нејзиното влогирање изгубив и пријателка. Мајката на мојата најдобра пријателка рече дека не сака повеќе да се дружиме затоа што моите постојано ја снимаа без дозвола. На мајка ми не ѝ беше грижа за тоа колку сум вознемирена. Буквално никогаш немав ниту еден момент на приватност за себе. Мајка ми ме будеше со вклучена камера и често не снимаше до моментот кога ќе заспиеме. Не снимаше во када и, иако подоцна се обиде да го избрише тоа видео, некој веќе ја имаше симнато снимката и прашање е каде ја ставил“, додава таа.
Нејзината искрена исповед брзо се прошири низ Reddit и наиде на разбирање од корисниците.
„Жал ми е што ти се случи ова. Мојата ќерка понекогаш гледа некои од овие семејни влогери и јас буквално се ежам кога гледам што прават. Постојано се прашувам дали овие родители сфаќаат како нивното пласирање на семејниот живот на социјалните мрежи влијае на нивните деца. Јасно е дека тоа го прават само за пари, а тоа ми е грозно. Се надевам дека повеќе луѓе ќе ја прочитаат вашата приказна и можеби ќе научат нешто од сето ова“, е само еден од многуте коментари за поддршка.