Родителите ги обучуваат децата за фрлање петарди

И покрај тоа што секоја година за време на новогодишните празници се случуваат секакви повреди заради употребата на петарди, родителите како да не го сфаќаат сериозно овој проблем. Тие и самите ги обучуваат своите деца како да ракуваат со нив, сметајќи дека на тој начин ќе ги заштитат од евентуални повреди

820

Се наближуваат деновите кога, како и секоја година, ќе бидеме повторно сведоци на обилно користење на пиротехнички средства кое во новогодишната ноќ го доживува максимумот.

Токму тие звуци можат да бидат проблематични за многу родители чии деца имаат аутизам или едноставно се плашат од силни звуци, голем проблем се и за домашните миленици, а можат да бидат и причина за доживотен проблем откако ќе се случи несреќа. Секоја година читаме по социјалните мрежи и по медиумите за тоа дека децата си ги ставаат меѓусебе запалените петарди во качулките, се натпреваруваат кој подолго ќе ја држи во рака запалената петарда, ги ставаат во џебот, си ја префрлаат запалената петарда од рака во рака и, за жал, многумина не ја фрлаат навреме и тогаш настануваат сериозни повреди.

Најчести се повредите на рацете, а многу чести се и изгорениците. Имало случаи на ампутација на прсти, а многу често доаѓа и до оштетување на слухот. Може да дојде и до повреда на очите, повторно предизвикана од дејството на самата експлозија. Петардите се генерално ризични, па децата можат да останат без дел од дланката, прстите, а посилните петарди можат да ја разнесат и целата дланка.

Докторите предупредуваат и дека експлозијата од оваа направа може кај некого да предизвика и стрес, кај децата што боледуваат од дијабетес може да доведе до пораст на нивото на шеќер во крвта, а кај астматичарите да предизвика акутно отежнето дишење.

Практично, многу е мал чекорот од навидум наивната игра со петарди до инвалидитет за цел живот.

Секоја Нова година и околу празниците, се зборува на оваа тема и секоја година одново по десетина деца завршуваат со повреди на рацете и лицето предизвикани од неправилна употреба на пиротехнички средства кои тие ги сметаат за играчка. Меѓутоа, таа играчка за многумина може да има фатални последици. Заради поубав и посилен ефект децата честопати ги ставаат петардите во цевка, па додаваат и флуоресцентни честички кои ги гребат од кибритите.

Мало невнимание може скапо да ги чини и децата и родителите, а празниците наместо среќа и убави моменти, да им станат кошмар.

Меѓутоа, родителите се честопати поголеми деца и од своите деца. Особено е ова случај со татковците и синовите. Од желба да им направат на децата забава, тие како да не разбираат дека ги доведуваат во опасност, сè додека не им се случи несреќа и ним.

Затоа превенцијата лежи во советувањето на децата да не користат ни под разно петарди, а не во нивна обука како да ги користат. Имено, многу родители сметаат дека децата и онака наоѓаат начини да дојдат до петарди и дека е попаметно тие самите да ги обучат како поравилно да ракуваат со нив, отколку да им забрануваат.

И никој не размислува за последиците сè додека тие му се случуваат на некој друг. Не сфаќаат дека ниту една обука нема да може да спречи несреќа ако се случи заради дефект за петардите да експлодираат порано отколку што е наведено на етикетата, односно да експлодираат во раката. Тогаш оваа, според нив наивната игра, може да доведе до траен инвалидитет, нагрдување и оштетување на некој дел од телото што пак доведува до психо-физички проблеми кои можат да бидат печат за цел живот.

Никогаш не е на одмет да се предупредува на опасностите и да се предупредува дека и малите петарди можат да направат големи проблеми.

На децата сè и сешто им паѓа на ум, па меѓудругото, денешните деца имаат и многу опасни интернет-игри, игри со предизвици, кои можат да бидат ризични и за самиот живот. Децата фрлаат петарди и во оган и во стаклено шише, а така може трајно да си го оштетат видот. Може да дојде до изгореници и до отворени рани.

Од Министерството за внатрешни работи во овој период од годината превземаат дополнителни акции за лов на дилерите и препродавачите на пиротехнички средства, за кои следуваат и соодветни казни. Купувањето и активирањето на петарди или пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради, претставува законски прекршок за кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра. Доколку се набавуваат и дистрибуираат на пазарот, тоа претставува кривично дело за кое е предвидена парична или казна затвор од 3 до 5 години, а родителите на малолетниците што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра, доколку нивните деца пукаат петарди.

Околу 180 илјади лица годишно во светот страдаат поради употреба на пиротехнички средства.

И покрај сето ова, свеста кај населението е сè уште на многу ниско ниво, особено кога станува збор за ефектите кои ги предизвикува пукањето на петарди кај децата со аутизам, но и кај домашните миленици.

Овој празничен период на лицата со аутизам им носи дополнителни трауми бидејќи како последица од пукањето на петардите, тие целосно се вознемируваат, а оваа состојба знае да трае со часови.

Родителите на децата со аутизам апелираат до сите љубители на пироманијата дека, вашето задоволство од звукот на петардата е страв во едни мали детски очи кои заспиваат доцна во ноќта со страв и исчекување на наредниот непосакуван застрашувачки звук. Вредно ли е?

Според нашата соработничка Ирена Николовска Ристановска, која е мајка на дете со аутизам, а по професија е психолог, петардите се опасни, но се достапни и за купување, а штом зборувате за нешто што е опасно и забрането, а можно е да го купите, треба да знаете дека децата ќе се обидат да го добијат.

„Забраната за деца во пубертет или адолесценција прави дополнителна провокација да се пробие таа граница и да се покаже дека можат да направат нешто, иако е тоа опасно“, објаснува таа и вели дека е проблем и тоа што за ова зборуваме само кога ќе дојдат празниците.

И оние симулациски вежби кои деновиве се случуваа во Охрди и во Скопје, а чија цел е подигање на свеста не само кај децата, туку и кај родителите кои неретко ги купуваат петардите како подарок за своите деца и на кои беше прикажана  симулација на повреда на рака предизвикана од петарда, треба да се прават во континуитет за да допрат до што повеќе деца.

Со запознавање на учениците со можните сериозни повреди од злоупотребата на пиротехничките средства се придонесува за намалување на бројот на деца кои ќе употребуваат петарди, а со тоа и ќе се заштитат од повреди.

На учениците треба да им се покаже дека петардите не се играчки и дека тие можат и тоа како да болат. Освен тоа, употребата на пиротехнички средства е противзаконска, па ако сте од оние родители кои сметаат дека детето мора да проба сè, треба да знаете и дека со ова не само што го доведувате во опасност од физичка повреда и траен инвалидитет, туку го учите и дека е во ред да се прави и она што е против законот.

Повеќе