Седумгодишник за првпат се ишиша и ја донираше косата за деца болни од рак (ВИДЕО)

Седумгодишно момче од Приедор (Босна и Херцеговина) кое никогаш претходно ја немало шишано косата, сега за првпат отишло на фризер, а својата коса ја донирало за децата кои боледуваат од рак

188


Кога ќе ја пуштате косата седум години, а потоа ќе одлучите да ја ишишате, тогаш мора да станува збор за прилично долга коса! Исто така, веројатно значи и дека сте емотивно врзани за таа коса и не е лесно да се разделите со неа… Сепак, ова седумгодишно момче не се двоумело.

Седумгодишниот Кристијан од Приедор за прв пат откако се родил решил да ја скрати косата, а својата коса сакал да ја подари на некое мало девојче кое боледува од рак. Неговата мајка секако, ја прифатила оваа прекрасна идеја, па се распрашала кому може да му ја подари косата на Кристијан и одлуката паднала на Здружението на родители на деца со малигни заболувања „Искра“, од Бања Лука.

Потстрижувањето на Кристијан го забележала и камерата на ТВ Приедор, а Кристијан признал дека е многу возбуден поради шишањето, особено затоа што помислил дека „сега ќе биде вистинско машко“.

Имено, се случувало на улица луѓето да му кажат дека е како девојче. Ова е нешто што многу мајки на момчиња со долга коса ќе го разберат и ќе знаат точно како се чувствуваат тогаш и родителите и детето. Но, Кристијан излегол поголем од сите нив, а косата не влијаела на тоа.

Кога Кристијан бил бебе, морал да помине извесно време на респиратор, па неговите родители се особено благодарни што Кристијан денес е здраво момче. Покрај тоа, тие се особено горди на него за овој негов гест.

Ваквите донации се секогаш од исклучителна важност за децата кои боледуваат од малигни заболувања и на кои им паѓа косата поради терапијата. Особено им е важно кога косата, што им значи многу, ќе пристигне од некој на нивна возраст. Токму оваа поддршка од врсниците им ја дава дополнителната сила што навистина им е потребна.

„Сѐ уште е мал и верувам дека не е ни свесен колку некому му помогнал со ова. Како постара сестра ќе му раскажувам за неговото прво шишање, кое беше многу емотивно за сите нас. Ќе ни треба време да се навикнеме дека Кики нема веќе плетенки и локни“, изјавила Миа, сестрата на Кристијан.

Повеќе