Најлош момент во мојот живот е кога не го препознав своето дете! Татко од Србија се бори од петни жили никој повеќе да не го доживее тоа!
Нашиот развод траеше 4 ипол години. Моето дете од овој брак е веќе адолесцент, има 15 години и е комплетно отуѓено од мене. Четири години не можев да го видам и не знаев како изгледа. Најлош момент во мојот живот беше кога во еден момент ми испратија негова фотографија од социјалните мрежи на која јас не го препознав, раскажува нашиот соговорник.
Минатата недела (27 и 28 април) екипата на „Мајка и дете“ беше на меѓународната конференција за рамноправно родителство во Нови Сад насловена како „Предизвици на рамноправното родителство“.
Се запознавме со членови на Центарот за рамноправно родителство од Нови Сад кој беше организатор на оваа конференција заедно со претставници на сродни организации и здруженија од регионот и разговаравме со дел од нив. А тие, секој со своја приказна за растуреното семејство, за родителството, но и за неправдата што им се случува во сопствените држави, слична и заедничка за сите нив, родители кои по разводот/разделбата од своите партнери, поради несовршеноста на системот и нерамноправното родителство кое произлегува од постојните закони, генерално, во регионот, биле отуѓени од сопствените деца.
Првиот со кој разговаравме, Дејан Павловиќ, е претседател на Центарот за еднакво родителство (основан во 2013 година) со седиште во Нови Сад, Србија, едно од здруженијата од регионот фокусирани на цели со главен фокус на промоција и целосна имплементација на вредностите на еднаквото родителство, заштита на децата во бракоразводната постапка и по неа, како и заштита на улогата на двајцата родители и на најблиските роднини во животот на децата, а со цел – промена на законодавната и процесно-процедуралната рамка во правец на остварување на рамноправно родителство и подобра заштита на децата и семејствата во висококонфликтни семејни ситуации.
А неговата приказна, лична и професионална е навистина посебна и многу значајна за сите кои знаат како изгледа да се биде во негова кожа, а корисна за сите идни генерации кои, како што вели и самиот, не треба никогаш да се најдат во слична ситуација, што е и главната смисла на неговата борба со оглед на тоа што лично за него, како и за повеќето неговите пријатели и соработници од регионот, нема многу надеж.
Тој, заедно со Ана Лојпур од амбасадата на Шведска во Србија, Мелита Пожгај од хрватската асоцијација за еднакво родителство, Изток Иванчич, Друштво ДООР од Словенија, Един Сарач од граѓанската иницијатива за еднакво родителство на Босна и Херцеговина, Наум Рибароски од нашиот Центар за еднакво родителство и Милош Вучковиќ, Центар за еднакво родителство, Србија, се дел од организациониот одбор на конференцијата.
Татко на три деца од два разведени бракови
Нашиот соговорник Дејан Павловиќ е татко на три деца од два разведени бракови.
„По разводот на првиот брак јас и мојата поранешна прва сопруга имавме заедничко родителство врз нашите деца благодарение на нашиот однос кој од партнерски прерасна во пријателски, поради што постојано, до ден денес, а и во иднина, ние сме и ќе бидеме партнери во животот на нашите деца и до крајот на животот сме усмерени еден на друг во некои ситуации. На пример, кога бев тешко болен од корона, во ситуација која го доведуваше во опасност и мојот живот, токму таа беше тука да ми помогне, не од емотивни партнерски причини, туку од токму поради тој наш однос кој прерасна во пријателски. Таа е многу добра жена, прекрасна личност, но не е жена за мене, затоа би рекол дека тој наш однос е исклучителен, некоја основа поради која знаев дека нешто такво е навистина возможно“, ја почна својата приказна Дејан.
За жал, неговиот втор брак бил сосема друга приказна и причина поради која неговиот живот тргнал во сосема друга насока и приватно и професионално. Имено, набргу по стапувањето во својот втор брак и веднаш по зачнувањето на детето сфатил дека направил погрешен избор.
„За жал, за мојата втора сопруга не можам да кажам позитивни работи како за првата сопруга. Мојот избор не беше добар, можеби е таа добра за некој друг, но не беше за мене. Нашиот развод траеше 4 ипол години. Моето дете од овој брак е веќе адолесцент, има 15 години и е комплетно отуѓено од мене. Четири години не можев да го видам и не знаев како изгледа (во последната година ипол се гледаме во контролирани услови, во просториите на Центарот за социјални работи). Најлош момент во мојот живот беше кога во еден момент ми испратија негова фотографија од социјалните мрежи на која јас не го препознав. Во моментот кога сфатив дека е моето дете, се расплакав и плачев и не можев да спијам со денови, сфатив дека е тоа мојата најголема болка, но и негова иако сега не е свесен за тоа до толку што во еден момент дури и рече: „Мене ми е сосема добро“.
Јас знам дека тој и нема избор на можности и се надевам дека еден ден ќе го сфати ова, но дури и ако тоа не се случи, се надевам дека оваа моја борба ќе помогне моето дете, како и сите други од новите генерации, да не се најдат во ваква ситуација“, објаснува Дејан.
Тој и неговата втора сопруга се разделиле во декември 2010 година и веќе следната година почнале нејзините пријави.
„Постојано ме пријавуваше дека му правам нешто лошо на нашето дете, постојано без потиснуван и ми беше оневозможуван контакт со моето дете“, вели Дејан.
За новите патеки во животот и за животната мисија
Сепак, тој е благодарен на многу предизвици, па на некој начин и на ова што му се случило.
„Токму тоа што ми се случи беше причина за сосема нов правец во мојот професионален живот. Во 2013 година запишав факултет за социјална заштита. Имено, јас бев ветеринарен техничар и со години се занимавав со одгледување животни, сум работел се и сешто, од фарма за животни, до новинарство и комерцијала, членување во културно-уметнички друштва, водител на ТВ и радио, но мислам дека никогаш немаше да завршам факултет доколку не ми се случеше овој животен предизвик. Претходно студирав на два факултети, но со време го губев интересот, а во овој случај, ме интересираше се и мојот интерес никогаш не се изгуби, ме интересираше се. Така, во 2017 година се запишав на магистерски студии, а во 2020 година магистрирав. Истовремено, јас сум прв студент на докторски студии на српски јазик на факултет во Словачка. Докторските студии се секако, од областа на социјалната политика на тема отуѓување на децата и сега предавам 4 предмети на нашиот факултет“, раскажа професорот.
Тој не можеше да ги скрие ниту емоциите додека се осврнуваше на зборовите на Сања Кљајиќ, раководител на супервизија на Републичкиот завод на социјална заштита (значи, служба на владата на Србија), дека е време за измени во законот за семејство и дека оваа конференцијата ги отвори вратите за измена на постојниот закон за семејство во Србија.
„Кога ги претставив тезите на докторската дисертација и кога реков дека ќе се занимавам со промена на законот, ми беше кажано да не се занимавам со закони, но излезе дека мојата животна мисија се исполнува и дека оваа конференција беше највисок резултат, круна на нашиот напредок како Центар за рамноправно родителство и дека ги отвара вратите за измена на овој закон. Мојата животна мисија се исполнува и не мора ништо веќе да ми се случи во животот. Сите ние сме тука не повеќе поради себе, туку од потреба на ниедно дете веќе не му се случи ова што им се случи на нашите, но и да не им се повтори на нашите деца подоцна, како родители. Ако успееме, ние сме на кровот од светот, а Хималаите се едно брдо кое го совладуваат само поединци, додека пак ние го правиме ова за сите“, заврши Дејан Павловиќ, еден од татковците-борци кои никогаш не се откажуваат од своите деца.