Имам 74 години, дали сум уште младa или сум веќе средовечна? Дали кога ви велат „мајче“, ви се слуша како да ви велат „маче“?
Секако, ова е само духовита провокација, која се надеваме ќе поттикне дебата. Дали се сметате себеси за стари? Како би ја дефинирале вашата возраст во контекст на стареењето? Дали се чувствувате помлади или постари од вашата хронолошка возраст?
Стареењето е индивидуален процес и луѓето различно се справуваат со него. Некои се чувствуваат постари во помладите години, додека други остануваат витални и активни во подоцнежните години. Староста не треба да се мери само според бројот на години, туку и според квалитетот на животот, здравјето, емоционалната благосостојба и социјалната интеракција.
Кога навистина завршува младоста и дали некогаш воопшто започнува староста, ако се чувствуваме млади? Таа дискусија беше поттикната од едноставно прашање на Quora, платформа за споделување знаења. „Имам 74 години. Дали сум уште млада или сум средовечна?“
Секако, ова е духовита провокација затоа што, по својата дефиниција, средната возраст ја претставува фазата на човечкиот живот помеѓу младиот возрасен период и почетокот на постарата возраст. Прецизниот опсег е предмет на академска дебата, но често терминот се користи за означување на возраст од околу 40-тите до околу 60-тите, иако може да започне порано и да трае подолго. Оваа животна фаза е обележана со постепен физички, когнитивен и социјален пад кај поединците како што стареат, вели науката.
Според овој опсег и возраста, јас сум токму тоа, пример за средовечна жена…А како се чувствувам? Па некогаш се чувствувам како дете, некогаш како тинејџерка, некогаш како старица, а некогаш токму така, како средовечна жена. И тоа е секогаш различно и не се должи на одразот на ликот во огледалото, туку на севкупните околности, а особено се должи на расположението, кое пак зависи од она што се случува не само во мене, туку многу повеќе од надворешните околности.
Понекогаш дури и заборавам на тоа колку години имам, па кога треба да ги изговорам, речиси не ми се верува дека зборувам за себе и за моите години. И колку сум поблизу до горната граница, толку почесто размислувам за зборовите на мајка ми која секогаш велеше: „чудно е ова со годините, јас уште си се гледам себеси како млада девојка, па дури и кога се гледам во огледало, освен ретко кога, односно, само кога се гледам себеси токму со таа намера, за да си ги проценам изгледот и брчките“.
И навистина е така. Освен ако не сте опседнати со броење на брчки, веројатно не ни забележувате колку сте се измениле.
На пример, мене не ми е сменет ниту стилот на облекување, но понекогаш се терам себеси да се прилагодам на возраста и да не одам баш таква како што отсекогаш сум сакала, зашто веројатно од туѓите погледи сфаќам дека „не ми личи“.
И, искрено, некако едвај се навикнав на тоа да ми се обраќаат со „тетке“, па едноставно не можев да си поверувам на ушите кога неодамна, еден дечко кој земаше некои стари апарати од мојот дом, ми рече: „фала маче“! Мислам, ми звучеше несоодветно зашто дечкото беше можеби само малку постар од син ми… Он мене ќе ми вика „маче“?!
Ова траеше само неколку секунди, додека не ми допре до мозокот дека не рекол „маче“, туку рекол „мајче“! Да не знае човек што е полошо!
Сѐ уште не можам да си поверувам на ушите ниту кога некоја моја врсничка која веќе има внуче, ќе му каже: „кажи ѝ чао или здраво на бабата“!
Исто и другарка ми. Си дојде од Охрид целата во шок. Некоја млада жена со мало детенце ѝ рекла: „Ооо, во право било детево мое, ми кажа дека во куќава има некоја баба“!
„Така ти рече?“ Ѝ велам и јас целата шокирана, зашто мојата другарка од детството изгледа сосема исто како порано. Мислам, мене ми изгледа така….
Затоа, почнуваме да се смееме. Си велиме, ништо чудно бабата на тоа дете да е некоја наша врсничка. Ама ќе се навикнеме. Сигурна сум дека и на тоа со задоволство ќе се навикнеме тогаш кога ќе станеме вистински баби. Всушност, едвај чекаме.
Ама сепак, веројатно е затоа најдобро решение она што се употребува во светот, па во меѓусебната комуникација наместо „тетке“, „чичко“, „бабо“ и „дедо“, сите се ословуваат со „госпоѓо“ или „господине“.
Како и да е, ајде да видиме што велат учесниците во дискусијата испровоцирана од насловот на текстот, сите од ред луѓе на сериозна возраст.
Мишел: Староста започнува на 80 години
Јас и ти сме на иста возраст. Мојот 92-годишен младолик пријател тврди дека човек не може да се нарече стар додека не наполни 80 години. Времето од 65 до 80 години е вашиот период на транзиција. Не си млада, ниту пак си во средни години. Во транзиција сте!
Мисти: Не сме старици, но сме виделе и подобри денови
Ти навистина не си млада. Секогаш мислам на средната возраст како на онаа околу 40-50 години. Што се однесува до мене, имам 70 години и почнувам да се сметам себеси за помлада личност во група со повозрасни. Понекогаш се чувствувам малку старо, признавам. Но, понекогаш се чувствувам како кога имав 50 години. Добро сум, можам да пешачам, можам да работам и на отворено по неколку часа секој ден. Мислам дека на 70 години навистина влегуваме во „постарата“ фаза. Не сме баш кревки стари дами, но секако сме виделе подобри денови.
ЈК: Никој не живее 148 години
Средна возраст? Невозможно. Имам скоро 74 години и ќе бидам искрен. Чувството дали сум помлад или постар зависи од денот. Повеќето денови се чувствувам помладо и давам сѐ од себе, како и секогаш. Тоа се деновите што ги сакам! Но, ако има голема промена на времето, артритисот дефинитивно ќе ме извести. Освен тоа, понекогаш претерувам во оние денови кога се чувствувам одлично и плаќам за тоа во наредните ден-два. Сепак, вреди. Но средна возраст? Тоа едноставно не е можно бидејќи никој не живее 148 години. Смешно.
Ричард: Постојат хронолошки, а постојат и има физички години
Овој пат ќе се сложам со изразот кој вели: „Возраста е само состојба на умот!“ Имам 86 години и често ја слушам таа изјава, но никогаш од некој постар, туку секогаш од помлад. Секако, имам 86 години и се согласувам дека тоа е „старо“, но мојата возраст не ме дефинира. Јас си ја дефинирам возраста. Очигледно не можам да ја сменам возраста (и не би го направил тоа и да можам), но моите хронолошки години ми значат многу малку и не мислам дека би требало да ми значат.
Човек треба да биде свесен за својата физичка возраст и да дејствува во согласност со тоа. Неодамна се качив на велосипед и го возев за прв пат од адолесценцијата. Велат дека никогаш не ја губиш способноста да возиш велосипед и биле во право. Но, многу брзо сфатив дека сум премногу стар за тоа. Престар во однос на физичката кондиција. Сега не зборувам за хронолошка возраст. Зборувам за физичка возраст. Можев да го возам тоа нешто околу шеесет метри пред да се изморам. Се симнав од велосипедот со растреперени нозе и болен задник. Ако сакате светол пример за потенцијалот на човекот, побарајте го Џек ЛаЛан на интернет и видете што сѐ можел да направи дури и во деведесеттите.
А вие, дали се сметате себеси за стари? Како би ја дефинирале вашата возраст во контекст на стареењето? Дали се чувствувате помлади или постари од вашата хронолошка возраст?