Алергијата на кикиритки е меѓу најсилните и најчестите кај децата. Родителите честопати се плашат
од оваа алергија, бидејќи може да биде толку силна што детето реагира на самото присуство на
кикиритки во воздухот – на пример, ако некој отвори кесичка со смоки во близина, детето
алергично на кикиритки може да има алергиска реакција. Токму затоа многу училишта – во
Америка веќе некое време е тоа строго правило – е забрането во училиште да се носи каква било
храна што содржи кикиритки.
Меѓутоа, во текот на пубертетот, т.е. растењето, многу деца престануваат да бидат алергични на
кикиритки, па сите тие грижи за исхраната и барањето состојки можат да престанат, а родителите и
децата можат да здивнат. Но, се чини дека одговорот на прашањето дали детето ќе ја надмине
алергијата на кикиритки може да дојде уште порано, додека детето е сè уште мало.
Резултатите од новата студија од Детскиот истражувачки институт Мурдок во Мелбурн би можеле
да им помогнат на лекарите да предвидат дали детето ќе ја надмине алергијата на кикиритки со
следење на промените во нивото на антителата.
Антителата се протеини кои нашиот имунолошки систем ги произведува за да ги препознае
несаканите материи.
Тие се врзуваат за овие натрапници и ги деактивираат или регрутираат имунолошки клетки за да ги
уништат. Луѓето со алергии прекумерно произведуваат одредени антитела кога се изложени на
алерген, супстанца на која нивниот имунолошки систем е чувствителен. Овие антитела специфични
за алергените се добри показатели за видот и сериозноста на алергијата на една личност. А сепак,
кога станува збор за алергии на кикиритки во детството, недостасуваат детали за овие антитела
како биомаркери.
„Малку беше познато пред оваа студија за тоа дали антителата би можеле да се користат како
биомаркери за природно решавање на алергијата на кикиритки во текот на основното училиште“,
вели Кајла Паркер, која учествувала во оваа студија.
Паркер и нејзиниот тим барале долгорочни трендови кај децата чии алергии на кикиритки
траеле или се повлекле до 10-годишна возраст – конкретно, нивните нивоа на два вида антитела
кои реагираат на кикиритките и главниот алерген во кикиритките, протеинот наречен Ara h2. Ова
истражување, се надева таа, ќе им помогне на алерголозите да идентификуваат кои деца
најверојатно ќе имаат постојана алергија на кикиритки, а кои може да ја надраснат.
Наодите се засноваат на повеќе податоци од лонгитудинална популациска студија за алергии на
храна која започнала во 2007 година и сè уште трае, наречена HealthNuts.
Може да се надрасне
Во текот на следните години, на овие деца им биле дадени прашалници, кожни тестови, тестови на
крвта и предизвици со храна на возраст од 4, 6 и 10 години. Две третини од овие деца не ја
надминале алергијата на кикиритки до 10-годишна возраст, но огромното мнозинство од оние кои
го направиле тоа имале толеранција до 6-тата година. Тимот открил дека не се само нивоата на
антитела поврзани со присуството или отсуството на алергија, туку промената на нивото на
секој тип на антитела со текот на времето.
„Откривме дека лонгитудиналните промени се покорисни во предвидувањето кои деца ќе се
ослободат од алергијата на кикиритки отколку еднократната проверка“, вели Паркер.
Децата чии алергии на кикиритки продолжиле, имале зголемени реакции на тестовите за боцкање
на кожата и зголемени нивоа на антитела на кикиритки sIgE и Ara h 2 со текот на годините.
Од друга страна, децата чии алергии на кикиритки на крајот исчезнале, имале различни резултати –
како што минувале годините, нивните реакции на кожни тестови се намалувале, како и нивото на
антитела Ara h 2 sIgE, додека нивото на антитела sIgG4 од кикиритки и Ara h 2 sIgG4 се зголемувало.
Некои деца со алергии на кикиритки се чини дека доживуваат промена во антителата во детството,
а тоа е показател дали нивната алергија ќе продолжи или ќе исчезне. Научниците не биле во
можност да објаснат точно како е ова поврзано и зошто се случува, но може да им помогне на
алерголозите да идентификуваат на кој од нивните пациенти веројатно ќе му треба континуирано
следење и кој од нив веројатно ќе треба да се држат настрана од кикиритките долгорочно.
Иако, како што споменавме, многу училишта имаат имплементирано политика без кикиритки,
експертите велат дека овие забрани може да им дадат на родителите и на децата лажно чувство на
сигурност. Истражувањата покажале дека миењето раце и обесхрабрувањето на споделувањето
храна е далеку поефикасен пристап. Во секој случај клучна е обуката на училишниот персонал за
тоа како да реагира на тешки алергиски реакции.