Ако имате тврдоглави деца, треба да го преиспитате своето однесување

Eкспертите предупредуваат дека некои наши грешки може сериозно да влијаат на однесувањето на детето, особено во зрелата возраст. Затоа, прочитајте и видете дали ќе се препознаете себеси во некое од овие однесувања

1.652

Иако ниту еден родител не е совршен и сите ние одвреме-навреме грешиме во воспитувањето, експертите предупредуваат дека некои наши грешки може сериозно да влијаат на однесувањето на детето, особено во зрелата возраст. Социјалниот работник Тензин Чодон откри какви грешки прават родителите и на тој начин несвесно воспитуваат тврдоглави деца.

„Треба да знаат дека ги слушате, дека нивното мислење е важно и дека не ги игнорирате кога разговараат со вас. За разлика од другите деца, испадите на бес ним им се најлесниот начин да го добијат она што го сакаат“, објаснува Чодон и додава дека токму улогата на родителите е пресудна во одредувањето дали нивното дете ќе порасне во тврдоглава личност. Како што вели, ова се шесте работи кои најчесто ги прават родителите на тврдоглавите деца.

Не поставуваат јасни правила
Во воспитувањето треба да постојат одредени правила и граници кои детето мора да ги почитува. „Во ред е детето да ја изразува сопствената желба и волја, но не секогаш. Имено, родителите не смеат да им попуштат на децата кога се во прашање некои правила. Дури и ако тоа понекогаш значи ограничување на нивната слобода, децата треба да знаат што е правилно, а што погрешно однесување“, објаснува Чодон.

Не комуницираат доволно со детето
Една од најважните работи за успешно воспитување е квалитетната комуникација. Ако ова го нема, експертите предупредуваат дека вашето дете може да порасне во тврдоглава личност. Зошто? Комуникацијата е клучот за воспоставување квалитетен однос родител-дете. Ако родителите немаат доволно време и не сакаат да го слушаат своето дете, голема е веројатноста дека и тоа нема да сака да го слуша подоцна, објаснува Чодон.

Ги игнорираат потребите на детето
Најголемата грешка што може да ја направи родителот е да ги игнорира потребите на своето дете, без разлика дали се тоа разбирање, слушање, зборување или внимание. Имено, доколку детето забележи дека неговото мислење не се цени или дека не му се обрнува внимание, ќе се потруди да привлече внимание со своето тврдоглаво однесување. Проблемот е во тоа што детето ќе се обиде да привлече внимание со лошо однесување, предупредува Чодон.

Критични се кон детето
Ние разбираме дека како родители се обидувате да го водите вашето дете по вистинскиот пат, но некои понекогаш одат предалеку. Прекумерната критика и очекувањето совршени резултати од детето може да резултира со тврдоглаво однесување бидејќи ниту едно дете не сака да чувствува притисок. На крајот на краиштата, сите ние понекогаш грешиме и тоа е нормален дел од животот, објаснува Чодон.

Не се доследни во своите одлуки
Ако вашето дете случајно забележи дека не сте доследни, неговото однесување може да се промени, како и неговото почитување на вашите правила и на поставените граници. Имено, секое отстапување од одлуките или зборовите може да резултира со тврдоглава реакција на вашето дете, предупредува социјалниот работник и додава дека апсолутно секој родител треба да се држи до тоа што му го кажува на детето, без разлика дали се работи за казна или награда.

Возвраќаат со викање или со казнување
Нормално е дека вашето дете ќе ви противречи од време на време, но важно е како ќе реагирате кога тоа ќе се случи. Наместо да викате и да казнувате, обидете се мирно да му објасните на детето што згрешило. Имено, начинот на кој реагирате има значително влијание врз однесувањето на вашето дете кое секогаш ве гледа, ве слуша и ве проучува, а многу често и ве имитира.

Повеќе