До третата година од животот, секој залак е важен! Научниците откриваат како влијае брзата храна дури и ако ја консумираат само повремено?

Мислите дека неколку залаци брза и купечка храна не може да му наштети на вашето дете? Науката вели поинаку. Прочитајте како скриената сол и конзервансите прават тивок стрес врз незрелите бубрези и имунитетот на најмалите – и кои се најдобрите здрави алтернативи

76

Периодот до третата година од животот е критичен прозорец во кој се развиваат органите, имунитетот, па дури и нервниот систем на детето. Па кога во менито на детето на оваа возраст понекогаш ќе вклучите купечка брза храна, на пример, сендвич со плескавица или индустриски кисел зеленчук од тегла, иако тоа на прв поглед не ви изгледа нездраво како „класичен“ десерт или како чипс, од научна перспектива, оваа комбинација претставува висок внес на натриум (сол), конзерванси и ултра-процесирана храна која сериозно го оптоварува организмот на малото дете.

Дури и кога се работи за повремено консумирање кое сигурно ви изгледа безопасно, овие намирници, според педијатриски и нутриционистички истражувања, влијаат врз здравјето на толку малите деца.

Затоа, ако мислите дека само неколку вакви залчиња не можат да му наштетат на вашето малечко, прочитајте како скриената сол и конзервансите прават тивок стрес врз незрелите бубрези и имунитетот на најмалите – и кои се најдобрите здрави алтернативи.

Преоптоварување со натриум (сол) и стрес на бубрезите

Бубрезите на децата на возраст од една, две или три години се сè уште незрели и немаат капацитет да процесираат големи количини на сол. Препорачаниот дневен внес на натриум за деца од 1 до 3 години е максимум 1.000 мг дневно.

И кога мислите дека му давате здрава салата, па му сервирате на детето индустриски ферментиран зеленчук, тој може за миг да ја надмине границата.

Според студиите објавени во педијатриските списанија, раниот висок внес на натриум ги „програмира“ бубрезите и кардиоваскуларниот систем за повисок ризок од хипертензија (висок крвен притисок) во подоцнежниот живот, а истовремено создава доживотна навика и потреба за пресолена храна.

Директен удар врз цревната микробиота (имунитетот)

Индустриската туршија најчесто се пастеризира со додаток на оцетна киселина и вештачки конзерванси (како натриум бензоат), што значи дека тие не се природно ферментирана (пробиотска) храна, туку хемиски конзервирана.

Купечките сендвичи се најчесто со лепчиња кои се прават од рафинирано бело брашно со адитиви за свежина и шеќер. Оваа комбинација (рафинирани јаглехидрати + конзерванси од теглата) делува како деструктор на „добрите“ бактерии во стомачето на детето.

Глобалните извештаи на UNICEF (ултра-процесирана храна и деца) покажуваат дека раната изложеност на адитиви го нарушува цревниот биом. Бидејќи 70-80% од имунитетот се наоѓа во цревата, децата кои често јадат ваква храна стануваат поподложни на настинки, инфекции и алергии.

Метаболички промени и инсулинска резистенција

Ваквиот начин на исхрана, дури и кога се случува ретко, создава тежок метаболички товар за малиот црн дроб.

Долгорочната студија на американската асоцијација за дијабетес (Project Viva, неодамна ажурирана со наоди) докажа дека консумирањето брза храна во раното детство (околу втората и третата година) е директно поврзано со појава на инсулинска резистенција во адолесценцијата. Организмот уште од бебе ги „памети“ овие нутритивни шокови.

Однесување, хиперактивност и промени во расположението

Можеби ќе забележите дека по ваков оброк детето е нервозно, има премногу енергија (хиперактивност), а потоа нагло станува плачливо и уморно.

Голема канадска студија објавена во CHILD Cohort Study (која следеше над 2.000 деца) утврди дека децата кои во раната возраст (пред 3 години) консумираат поголем процент на храна богата со индустриски адитиви, на возраст од 5 години покажуваат поизразени емоционални проблеми, потешкотии со спиењето и агресивно однесување. Недостатокот на квалитетни масти и микронутриенти во оваа храна го попречува оптималниот развој на нервните патишта.

Дали повременото консумирање е „опасно“?

Ако детето изеде неколку залаци еднаш во месецот, неговиот организам ќе го неутрализира тоа без акутни последици. Меѓутоа, кај дете од 1 до 3 години, вредноста на секој залак е огромна. Кога неговото мало стомаче ќе се наполни со храна како оваа, автоматски се стеснува просторот за хранлив оброк кој му е потребен за раст (на пример: чист протеин, здрави масти, свеж зеленчук).

Како да го прилагодите ова мени за да биде безбедно?

Наместо купечка плескавица, направете домашни ќофтиња/плескавици од проверено мелено месо (на пример, телешко), печени во рерна или на тава со малку маслиново масло.

Наместо лепиња од сендвичара, искористете парче интегрален леб или домашно печено печиво без адитиви.

Наместо купечки кисели зеленчук, понудете свеж во сезонските месеци. Или на пример, сварете или испечете свежо цвекло – тоа е одличен извор на железо и е потполно безбедно за мало дете. И конечно, направете сами дома приуродно ферментиран зеленчук на кој нема да му додавате конзерванси или премногу сол.

Повеќе