Боење велигденски јајца со мали деца – 5 работи што треба да ги знаете пред да започнете

На тригодишните и четиригодишните деца нема да им биде лесно да стават јајце во шолја боја без да го скршат. Олеснете им со помош на рачна маталка! Вареното јајце треба да го турнете помеѓу жиците за матење за да не испадне и да се оштети

581


Се ближи најрадосниот христијански празник Велигден, а со тоа и дилемата – дали да ги вклучиме и малите деца во бојадисувањето јајца? Малите деца знаат да бидат нетрпеливи и често несмасни, но украсувањето на јајцата е многу позабавно ако ги вклучите во целиот процес.

За што поедноставни подготовки за Велигден, без преголем хаос во кујната, предлагаме неколку корисни совети за бојадисување јајца со мали и деца од предучилишна возраст. Подгответе се за забава!

Боењето на велигденски јајца како семејна традиција


Боењето велигденски јајца е традиција во многу семејства и дефинитивно омилена активност кај помалите деца. Сепак, треба да имате на ум дека треба да бидете внимателни и трпеливи со децата кои сè уште ја развиваат умешноста. Еве што би било најдобро да знаете пред да се впуштите во семејна авантура со бојадисување јајца пред големиот пролетен празник.

Подгответе го и заштитите го „работниот простор“ и малите креативци


За да се спасите од нервозата поради уништената маса, тепих или новата детска блуза, најпаметно е да го подготвите работниот простор.

Ако работите во кујна или на трпезариска маса, задолжително ставете пластична покривка на масата, односно, мушама и обезбедете многу стари весници и хартиени салфети. Рабовите на чаршавот можете да ги зацврстите и под масата, за да се заштитите од случајни несреќи. Во секој момент вашето малечко може да ја повлече мушамата, а со него и сè што е на масата.

Најдобро е ако можете целиот „сет“ да го преместите надвор, на тераса или во двор. Ако тоа не е можно и мора да работите внатре, подгответе се за нередот и бидете трпеливи со најмалите.

Исто така, заборавете на лесни пластични чинии на масата. Секогаш е подобро да користите потешки садови во овој креативен проект, бидејќи тие не можат да се превртат како пластичната или хартиена чаша. Во случај да користите керамички чинии и чаши, изберете широки и длабоки модели.

Иако дамките се речиси неизбежни кога се во прашање децата, обидете се да ја намалите „штетата“ обезбедувајќи им престилки.

Боењето јајца како лекција за боите (и повеќе)

Боењето на велигденските јајца е одлична можност да поминете квалитетно време со вашите деца и во исто време да споделите неколку корисни лекции. Додека учениците ќе уживаат во цртање, дизајнирање и покомплексно украсување јајца, не е тајна дека помладите деца најмногу ќе бидат фасцинирани од боите. Играњето со развивање на различни нијанси е одлично време да се зборува за секундарните бои – покажете им како да мешаат црвено и сино за да добијат виолетова, како да добијат зелени или портокалови нијанси.

Дополнителен совет за боите: Доколку користите прехранбена боја, за јајцето да има одлична нијанса за црвено, потребни ви се 16 капки, за сина и жолта 20 капки, а за зелена 16. За да добиете портокалова, измешајте 12 капки жолта и 6 капки црвена. Виолетова се создава со мешање на 15 капки црвена и 5 капки сина.

Можете исто така да разговарате со децата од предучилишна возраст за симболиката на Велигден и да ги запознаете со основните концепти и детали за празникот.

Не ги користете најскапите бои

Многу родители започнуваат семеен ритуал на бојадисување јајца со купување скапи комплети за боење и разни слики и налепници. Не треба непотребно да трошите големи суми пари на непроверени бои кои (можеби) децата непромислено ќе ги потрошат.

Всушност, прехранбените бои и малку оцет и вода можат да дадат одлични резултати. Користете една лажица бел оцет по чаша вода и неколку капки прехранбена боја, во зависност од бојата или нијансата што сакате да ја постигнете. Четири до пет капки ќе ви дадат светли тонови, додека повеќе од 15 капки ќе резултираат со поживи бои.

Импровизирајте со „алатите“


На тригодишните и четиригодишните деца нема да им биде лесно да стават јајце во шолја боја без да го скршат. Олеснете им со помош на рачна маталка! Вареното јајце треба да го турнете помеѓу жиците за матење за да не испадне.

На децата ќе им биде лесно да го потопат јајцето во боја и да го извлечат од таму, без страв дека ќе го оштетат. За деца од две години ова може да биде врвна забава, па очекувајте едно јајце да го бојат и по десет минути!

Можете исто така да ја проширите „палетата на алатки“ со шпатула за сладолед или тестенини, кои лесно ќе го вадат јајцето од бојата.

Ако сакате да насликате неколку јајца одеднаш или повеќе деца се вклучени во проектот, обидете се да користите поголеми чинии наместо индивидуални чаши. На овој начин ќе можете да обоите неколку јајца одеднаш.

Сода бикарбоната е одлична за чистење на рацете


Ако ви е полесно да работите без заштитни ракавици, тогаш мора да бидете подготвени за шарени дамки на вашите раце. Но, постои одличен и прилично едноставен (и ефтин) начин да ги исчистите рацете откако ќе заврши проектот. Измешајте оцет и сода бикарбона, благо истријте ги рацете со оваа „паста“ и измијте ги со сапун.

Не заборавајте на забавата

За крај, да напоменеме дека никогаш не треба да ги оставате децата без надзор со сите бои и јајца на масата. Малите се љубопитни и им требаат само неколку секунди за да ја истурат црвената боја на вашиот тепих или можеби да се обидат да ја испијат смесата за боење.

Кога ќе бидете сигурни дека сте подготвиле и сте обезбедиле сè – не заборавајте да се опуштите и да се забавувате. Боењето јајца е многу повеќе од подготовка на велигденската трпеза, на овој начин градите прекрасни спомени со вашите деца. Затоа – уживајте во претстојниот Велигден!

Повеќе