Поимот за привлекување спротивности е стандарден дел од нашата популарна култура. Голем број филмови, романи, телевизиски серии и песни се занимаваат со темата за романтичната привлечност на двајца сосема различни луѓе. На страаниците како Интернет базата на податоци за филмови (IMDb), пребарувачот има дури и филтер означен како „спротивностите се привлекуваат“ (англg. opposites attract) кој наведува над 200 наслови на светски познати филмови на оваа тема. Некои од овие наслови се Брилијантин, Убавицата и ѕверот, Титаник, Гола вистина и многу други во кои луѓе со различен животен стил, социјален статус, физички карактеристики или личности страсно се вљубуваат еден во друг.
Како настанал овој мит?
Постојат три претпоставки за тоа како настанал овој мит, како опстојувал и како се раширил. Првата е оваа „добра холивудска приказна“ што ја спомнавме на почетокот. Привлекувањето различности секако е поинтересно и поинтригантно за следење од вообичаената љубовна приказна на двајца слични луѓе. Втората теорија е дека луѓето сакаат да веруваат дека постои некој на светот кој е различен од нив, но толку компатибилен што ги компензира нивните слабости и заедно со нив формира „целина“. И трето, има одредена вистина во овој мит за привлекување спротивности бидејќи разликите меѓу партнерите во некои ситуации може да ја направат нивната врска поинтересна. Да се биде со некој кој е целосно како нас и се согласуваме за сè може да изгледа малку здодевно.
Red flags (Црвени знамиња) – работи што ги игнорираме на почетокот на врската, а не би требало
Сличностите се привлекуваат!
Сепак, научните истражувања покажуваат дека во меѓучовечките односи важи поинакво правило – спротивностите не се привлекуваат. Наместо тоа, правило е хомофилијата, односно тенденцијата на слични луѓе да се привлекуваат едни со други. Авторите Морел, Твилман и Салавеј, во нивната студија од 1989. година, зборуваат за тоа како луѓето од типот А (кои се карактеризираат со трудољубивост, самоувереност, натпреварувачки дух и непријателско расположение) претпочитаат партнери кои исто така имаат тип А личност, додека ги одбиваат оние со тип на личност Б (опуштена, скромна, неконкурентна, трпелива, избалансирана). Покрај тоа, сличноста во особините на личноста не само што е добар предиктор за почетната привлечност, туку е и добар предиктор за стабилноста и среќата во бракот. Понатаму, за да ја тестираат оваа теорија, во студија од 2003 година, авторите Бастон и Емлен побарале од 978 испитаници да ги рангираат 10-те карактеристики што ги барале кај долгорочните партнери по важност, а потоа им дале задача да ги рангираат истите особини за себе. Резултатите од овие две скали биле значително поврзани. Овие резултати ни покажуваат дека кога бараме долгорочен партнер, бараме некој со кој споделуваме ставови, вредности и карактер, односно, тип на личност. Иако овие наоди се интересни, треба да ги земеме резултатите со претпазливост бидејќи луѓето можат да бидат многу субјективни во опишувањето на себеси, а и она што велат дека го ценат кај партнерот не мора секогаш да биде она што ја предвидува нивната првична привлечност кон другите.
Правилото за привлекување сличности не важи само за романтичните врски. Истото е и со пријателите и деловните соработници. Најгл и соработниците (2004) во своето истражување заклучуваат дека поверојатно е да се дружиме со оние поединци кои имаат особини слични на нашите. Освен тоа, истражувањето за привлекување на сличностите при стекнувањето пријатели покажува дека колку повеќе нечии ставови се слични со нашите, толку повеќе ни се допаѓа таа личност. Овој однос на сличноста и допаѓањето може да се претстави со линеарна функција во која сличноста во ставовите и наклонетоста кон друга личност се во пропорционална врска. Розенбаум (1986) нагласува дека различноста во ставовите е исто така многу важен предиктор за привлечноста, ако не и поважна од сличноста. Тој објаснува дека луѓето со различни ставови имаат поголема веројатност да се отфрлаат едни со други отколку луѓето со слични ставови да се привлечат еден кон друг.
Поврзано со оваа тема, во социјалната психологија можеме да го слушнеме поимот за пристрасност на афинитетите. Пристрасноста на афинитетите е когнитивна пристрасност, честопати несвесна и се карактеризира со развивање врски, инвестирање енергија и ресурси во оние луѓе кои се повеќе како нас, додека ги испуштаме другите. Овој тип на пристрасност често е проблем во различни професии како правната професија, судството или при изборот на работници за одредени работни места. За целите на меритократијата, важно е да се нагласи постоењето на пристрасност на афинитетите и да се обезбедат еднакви можности за сите преку обука и работа насочена кон подигање на свеста за пристрасност.
Како заклучок
Иако има одредена вистина во овој мит и можеби на почетокот нè привлекуваат другите луѓе со некои особини кои ги немаме и би сакале да ги поседуваме, се чини дека сме повеќе склони да избираме романтични партнери, пријатели и деловни партнери кои се слични според нашите ставови, вредности и особини на личноста. Доколку ваквата пристрасност кон сличностите стане значително изразена, особено во деловниот свет, може да доведе до проблеми со дискриминација и нееднаквости на права и можности за сите. Во овој случај, важно е да се нагласи и да се подигне свеста за постоењето на пристрасност со цел да се ублажи нејзиниот ефект.
Текстот е од ТУКА.