Додека во фиока ни стоеја документите за шестото ин-витро, дознав дека сум бремена! Сонот ни стана јаве!
„19 октомври 2022 е најсреќниот датум во мојот и во животот на мојот сопруг. На 43 години, после 8 години постојано обидување да забременам на сите начини, вклучувајќи ја и ин витро постапката, го родив нашиот син Михаил. После пет неуспешни ин-витро постапки и бројни интервенции, останав бремена сосема неочекувано, на природен начин“, раскажува новинарката Ружица Аџикотарева Ѓоршевска
Со Ружица Аџикотарева Ѓоршевска се запознавме пред речиси две години за време на едно дводневно новинарско патување во Битола и битолското село Дихово. Тогаш, кога комбето со нас, новинарите кои патувавме заедно од Скопје, застана за да ни се придружи уште некоја новинарка од Битола која требаше да престојува со нас во Дихово, беше моето прво запознавање со Ружица.
Иако е таа познато ТВ-лице, со долгогодишна водителска и новинарска кариера, за неа не знаев ништо. За време на дводневниот престој, како што мислев на почетокот, на нејзин терен, се запознавме малку подобро па ми раскажа дека е всушност скопјанка која во Битола ја донела љубовта, односно, се омажила за битолчанец. Меѓудругото, ми раскажа и за нивната најголема болка, односно, дека веќе со години таа и нејзиниот сопруг безуспешно се обидуваат да станат родители. Сепак, дури ни после толку години и неуспеси после секој нов обид и после сите разочарувања кои следеле по надежта што ја носела со себе секоја ин-витро постапка, таа не делуваше обесхрабрено и безнадежно. Мислам дека во тој момент се потпираше само на верата во Господ. Имено, Ружица е верник па можеби затоа и покрај сѐ, веруваше дека кога-тогаш таа ќе стане мајка, а нејзиниот сопруг татко.
И токму затоа многу се израдував кога минатата година слушнав дека после таа нивна 8-годишна борба за дете, нивната желба конечно се остварила.
Нивниот син Михаил се роди на 19 октомври 2022 година, а Ружица вети дека ќе ме побара за да ја сподели со нас нивната убава љубовна и родителска приказна веднаш кога тој барем малку ќе потпркне, а тие ќе се „извежбаат“ во новата улога. И еве не, речиси 5 месеци по најубавиот ден во нивните животи, јас и Ружица ја разврзавме приказната, од самиот почеток.
Родена е во Скопје, како мала живеела во населба Хиподром, а подоцна во Тафталиџе. Завршила средно стручно ПТТ, насока поштенски сообраќај и телекомуникации. Дипломирала на Педагошки и се стекнала со дипломите за претшколска и одделенска настава. Магистрирала на Институтот за македонска литература, а ја одбранила тезата „Одразот на христијанството врз современото културно и етичко живеење во Република Македонија“. Едно дождливо лето во 2000 година се запознала со нејзиниот сопруг ниту ваму, ниту таму, туку во Охрид.
„Можам да кажам дека тоа беше судбинска средба бидејќи на пат кон Грција колата ни остана дефект двапати, па семејната одлука беше да го пренасочиме летувањето во Македонија. И ете, требало да биде да се сретнеме со Филип од Битола кој тогаш беше студент, прва година на Медицински факултет, а јас само што се имав вработено во Македонски телекомуникации, во централен маркетинг. Од првата средба и нашиот опширен муабет сфатив дека тоа е момчето кое што сакам еден ден да биде мој сопруг. Бев свесна дека ќе го чекам барем добри пет години за да заврши факултет ако сакам баш тој да биде мојот животен сопатник, ама испадна да се земеме дури 14 години откако се сретнавме. Долг период полн искушенија, ама силен глас одвнатре ми велеше дека тој е вистинскиот“, се потсетува Ружица.
По шест години работа во Македонски телеком си заминала отттаму и се вработила како презентер во Македонската телевизија. Подоцна станала водителка, а сега е новинар-дописник од Битола за МТВ.
„Морам да напоменам дека да бидам презентер на Вести беше силна желба на мајка ми и на нејзина голема молба се пријавив на конкурсот во далечната 2007 година“, објаснува Ружица која оттогаш до денес ја нема сменето телевизијата, иако го сменила местото на живеење.
„Кога конечно дојде време да се земеме со човекот на мојот живот, требаше да донесеме одлука кој ќе го смени местото на живеење, јас во Битола или тој во Скопје. Филип работи како специјалист-доктор хирург по Оториноларингологија во Болницата „Трифун Пановски“ во Битола. Има стекнато многу високо реноме и е омилен меѓу пациентите. Токму затоа решив јас да направам голем чекор и да се префрлам со работа во Битола. Иако го сменив само градот, а не државата, не беше воопшто лесно да се преселам и да почнам од нула. Нови пријателства, нови колеги, нов принцип на работа. Но, јас сум преблагодарна на менаџментот на МРТВ што воопшто ми овозможија трансфер, па еве веќе осма година сум дописник од Битола. Но, како што се вели кај нас, секое чудо за три дена. На почеток беше прилично тешко, но благодарение на моите комуникациски квалитети, за нецела година успеав да создадам нова мрежа на приватни и професионални контакти, пријатели и соработници. Па сега на темите им нема крај. Го има колку што сакате, само треба да сме актуелни, креативни и досетливи“, раскажува Ружица која не ги прекинала ниту старите пријателства од родниот град па често доаѓаат во, како што велат, нивниот втор дом во Скопје.
За жал, мајката на Ружица починала многу млада, па не дочекала да се израдува на нивната свршувачка, но го познавала и многу го сакала Филип или, како што го вика Ружица, Фили.
„Беше среќна за нашата огромна љубов иако не дочека да се земеме. Татко ми дочека и беше многу среќен, но сега и тој е заедно со мајка ми. Пријателите, роднините и колегите скоро и да не веруваа дека ќе направам трансфер од Скопје во Битола, ама за љубовта се оди и на крај на светот, а не пак до Битола“, се смее нашата соговорничка.
Признава дека сепак ѝ било тешко да ја остави зад себе својата преубава скопска приказна и да се прилагоди на животот во помал град, но се прилагодила, а сега, откако таа и Филип станаа родители, таа се смета за најсреќна жена.
„19 октомври 2022 е најсреќниот датум во мојот и во животот на мојот сопруг. Ни се роди синот Михаил, ангел мајкин, онака како што сакам да си го нарекувам. Го родив на 43 години. Слободно можам да кажам дека со Божја помош ми се случи природна бременост откако од свои 35 години постојано се обидувавме да забременам на сите начини, вклучувајќи ја и ин витро постапката. Но, никако не успевавме. Пет неуспешни ин-витро постапки и бројни интервенции.
Но, да се навратам малку наназад, кога уште не знаев дека сум бремена. Беше крајот на јануари, јас бев во Скопје и на врата ми дојде расно кученце кое беше изгубено. Набрзо се најде сопственикот, но не помина половина час кога повторно на мојата врата се појави овојпат загубено маче ангора. Знаев дека е некаков убав знак. Кога во фиока ни стоеја документите за шестото ин-витро, јас дознав дека сум останала природно бремена. Сонот ни стана јаве!
Веднаш почнаа консултации и прегледи кај врвни гинеколози, стручни лица, колеги на сопругот, како од Битола, така и од Скопје. Среќни беа и тие исто како и ние. Добро им беше позната нашата борба.
Среќата требало да ни се случи подоцна за сега да е толку голема. Со оглед на годините имав високоризична бременост. Дел од бременоста поминав со лежење, дел со многу внимателни прошетки. Цела бременост слушав музика заедно со мојот ангел во утробата, затоа и доби такво симболично име.
Кога се роди Михаил на среќата ѝ немаше крај. Се веселевме неколку дена по ред. Роднини, пријатели, соседи. Солзи радосници кај сите.
Сега тој е веќе во петтиот месец и е многу весело бебе. Личи и на мама Ружица и на тато Филип. На радоста ѝ нема крај! Филип е многу грижлив и среќен татко. Имаме огромна помош од свекорот и од свекрвата. Кога треба да одмориме тие се во секое време крај Михаил, а и тој многу сака да игра и со нив“, вели Ружица.
Таа признава дека на почеток и двајцата со сопругот биле до толку грижливи што „дежурале“ на смени.
„Една вечер тој бдееше над бебето, друга јас“, се смее таа, но бргу додава дека сега се веќе многу поопуштени, но внимателни родители!
„Филип едвај чека да си дојде од работа и да си го прегрне синот! Михаил е милениче, галениче. Така си го викам. Многу сака да се гали. Го научивме постојано да го држиме во раце па си ротираме, кај сите по малку!
За одење во градинка сѐ уште не размислуваме бидејќи имаме голема помош од домашните.
Радоста е огромна и му благодарам на Бог, на сите светци и светињи бидејќи не престанав да се молам со години и желбата ни беше слушната!
Не допре милоста Божја. Се случи најпосакуваното – го имаме нашиот Михаил во прегратка“, ја заврши својата приказна убавата мама Ружица која не престанува да се заблагодарува за најголемата среќа во својот живот.