Доктор за велосипеди! Кога гумата ќе ти се дупне и тажно е сѐ, на него ти сети се…

Од 4 години, кога го научиле да вози велосипед, до денес, кога е веќе зрел и женет човек, се нема симнато од велосипед. Наместо градско возење, го сака она по козји патеки и земјени стази, а од 2012 па наваму, ги засукал ракавите и решил да научи сам да си ги сервисира своите, но и туѓите велосипеди.

742

Виктор Георгиевски е триесетитригодишен човек кој има завршено бизнис администрација, работел како UX/UI дизајнер (кој незнае што е ова последново, може да прогугла), работел и како графички дизајнер и агент за продажба, а веќе 12 години се занимава и со сервис и продажба на велосипеди, сноуборди, скии и скејт опрема.

Од годинава, за првпат, Виктор има свој дуќан за сервис и продажба на велосипеди, сноуборди, скии и скејт опрема и што е најважно, тој е отворен уште во 8 сабајле.

Ако возите велосипед и ако е тој ваше секојдневно превозно средство, тогаш сигурно знаете колку е стресно кога сабајле, додека брзате да стасате на работа, ќе си го најдете вашиот другар на две тркала, со дупната гума, откачен ланец, расипана кочница или нешто друго што ќе значи – нема одење на работа со велосипед.

Е тогаш, ќе се сетите на Виктор. И за среќа, за разлика од многу други вакви сервиси, како и тој кој функционираше претходно на истото место, Виктор е обично таму, од рано наутро до доцна попладне.

Неодамна, знаејќи дека претходниот сервисер кој ги држеше истите простории во кои сега работи Виктор, никогаш не се знаеше кога ќе го начекате таму, тргнав накај сервисот кој е најблизу до моето место на живеење, речиси без воопшто надеж дека ќе најдам некој.

Ама ете, мојот откачен ланец кој за мене, со оглед на тоа што сепак, станува збор за велосипед со брзини, е како да ми дадат да менувам гума на автомобил, беше наместен за пет минути.

Освен тоа, со оглед на тоа што претходно, во внатрешноста на истата таа мала просторија на сервисот не беше баш угледно и прегледно, па и едвај можеше да се стапне со двете нозе, не можев да се начудам дека е тоа истиот оној простор од претходно, само чист и среден.

Ех, ќе си речете, како може сервис да биде среден?

Епа ете – можело.

Алатите на Виктор се наредени како хируршки инструменти, а тој работи со хируршки ракавици.

И така, ние, велосипедистите од Тафталиџе сфативме дека конечно имаме вистински сервис на пазарче, чија врата е секогаш отворена за нас.

Прво и најважно од сѐ е дека Виктор сака велосипеди и самиот е на две тркала од свои четири години кога родителите го научиле како да вози.

А кога нешто многу сакаш, најдобро е да можеш и самиот да си го одржуваш.

Така Виктор почнал да се занимава со поправка на велосипеди и го прави тоа веќе 12 години, или, како што вели, откако во 2012 година почнал активно да се занимава со возење на Бе-ем-икс велосипед.

„Од секогаш сакав да отворам своја работилница, но ми се пружи можност од оваа година кога и го отворив Ride On“, вели Виктор кој очигледно не само што си ја знае работата, туку и ужива во неа.

Сега, вели, е задоволен затоа што конечно си има свое катче, а муштерии, едно чудо.

„Мора да кажам дека забележувам голем пораст на интересот за возење велосипеди, особено од короната па наваму и многу ми е мило и сум среќен поради тоа.

За жал, културата за возење на велосипед не е на ниво како што треба да биде, имаме уште многу да научиме за да се разликуваме од другите земји каде што свеста за велосипедите и велосипедистите е многу поголема. Кај нас, не се застанува на пешачки премини, автомобилите не ги почитуваат велосипедистите, паркираат каде стигнат, ги блокираат велосипедските патеки и така натаму“, вели Виктор кој и самиот секојдневно се соочува со овие проблеми со оглед на тоа велосипедот е негово омилено превозно средство.

Сепак, малку е ако се каже дека за него велосипедот е само превозно средство и поточно би било кога би кажале дека возењето велосипед за него е вистинска  пасија.

„Имам пасија кон возењето велосипед па не ми е туѓо ниту купувањето скапи велосипеди и скапа опрема“, вели тој среќен затоа што има сопруга и семејство кој го поддржуваат во сѐ што прави.

Инаку, за Виктор не е толку интересно да вози на долги релации колку што му е интересно да вози низ шуми, по земјен пат и козји патеки, да се искачува со велосипед на Водно и Пантелејмон, да прави скокови и разни вратоломии со својот велосипед.

Најдолга извозена релација му е 45 километри по земјен пат, во Маврово, а најскапиот велосипед што го имал е токму оној што моментално го вози и кој, вели, „спаѓа во категорија на All Mountain велосипеди со дупла суспензија“.

Иако правел доста акробации со Бе-ем-икс велосипед кога бил помлад и кога се занимавал со активно возење, за среќа, немал скршеници.

„Сум имал ризични ситуации со велосипед при спуст на оф роуд стаза и скокање преку повеќе скали, но секогаш гледам да возам што повнимателно, фокусирано и со соодветна опрема, па веројатно затоа и не сум настрадал досега. Порано имав и свое здружение за екстремни спортови, ама за жал, немаше никакви настани. Инаку, понекогаш возам велосипед и во зима, но бидејќи преферирам козји патеки, возам само кога патеките се суви. На снег имам еднаш пробано но не ми се допадна многу“, се смее Виктор.

Нашиот соговорник нема многу време за муабети со оглед на тоа што, како што вели, муштериите му ги оставаат велосипедите пред врата и пред да го отвори дуќанот.

„Најмногу поправам дупнати гуми, гумички за кочење, но правам и компплетни сервиси на велосипедите и кога сум на работа едноставно заборавам на времето“, признава тој додека по незнам кој пат нашиот разговор го прекинуваат муштериите, од оние со најобични градски велосипеди и детски точачиња, до оние кои чинат и по неколку илјади евра.

Со оглед на тоа што бројот на велосипедисти во нашиов град е навистина во голем пораст, а условите за возење ни се такви какви што се, разбирливо е што работниот ден на Виктор е секогаш динамичен, а тој пред да се фати со секој следен пациент на тркала, задолжително прво – се качува да го проба.

Повеќе