Единствениот дипломиран оџачар кај нас е – оџачарка: „Загадениот воздух и пожарите се последица на нечисти оџаци и горење сè и сешто“
Јасмина Атанасова – Симјаноска е професорка во ГУЦ „Здравко Цветковски“, архитектка и оџачар-мајстор, единствениот едуциран и дипломиран оџачар во државава. Сепак, не очекувајте дека ако ја викнете, ќе дојде да ви го исчисти оџакот, не затоа што незнае, напротив, држи обуки за оџачари, ама покрај нејзините примарни професии, за такво нешто едноставно нема време. Но бидете сигурни дека ќе ви прати одлично обучен оџачар. За мирен сон препорачува чистење на оџаците двапати годишно, а за почист воздух, наместо со сè и сешто, грејте се со огревни дрва.
Нашата соговорничка Јасмина Атанасова-Симјаноска е дел од новото издание на „Арс Ламина“ – книгата за деца и млади „Се викам храброст“.
Станува збор за книга која содржи 50 инспиративни приказни за македонски хероини од нашето минато и сегашност, кои со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности кои го посветиле или пак го дале својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа.
Тука се инспиративните животни приказни за ликови како Сирма Војвода, Невена Георгиева-Дуња, Вера Јоциќ, до ликови како Атина Бојаџи, Милка Ефтимова, Бисера Чадловска, Ема Ананиевска, нашата соговорничка Јасмина Атанасова-Симјаноска и други.
Со Јасмина се сретнавме во училиштето ГУЦ „Здравко Цветковски“ кадешто таа предава стручни предмети за архитекти и дизајнери.
Иако е професор со полно работно време, таа работи и како архитектка со долгогодишно искуство во проектирање, ревизија и надзор. Покрај сите нејзини ангажмани, интереси и патишта кои од родното Кочани ја одвеле прво во Скопје, а потоа и во Шри Ланка, па назад во Скопје, она што за нас и за повеќето луѓе е посебно интересно, е тоа дека во меѓувреме, односно, од пред десетина години, таа е и оџачарка. И тоа, единствен дипломиран оџачар во Македонија.
Во просторијата во ГУЦ кадешто разговаравме, Јасмина нè пречека со оние стари добри бонбончиња „Негро“ (кои ви го чистат грлото како оџачар – оџакот) и со нејзиниот заштитен знак, капа со симболот на асоцијацијата на европски оџачари.
![](https://majkaidete.mk/wp-content/uploads/2025/02/75bb4fa4-ea82-460c-ab85-a4305d2bc326-1024x768.jpg)
„Македонија не е членка на оваа асоцијација зашто нема своја оџачарска комора, па планот е да се потрудиме, да направиме комора и да почнеме да функционираме на едно повисоко ниво“, го започна нашиот разговор госпоѓа Атанасова-Симјаноска, која покрај толку многу обврски, последнава деценија, откако го завршила училиштето за оџачари во Загреб, интензивно се занимава и со едукација на оџачарски кадри и работи токму на тоа подигање на нивото на оваа професија.
Пред сè, поради, како што вели, безбедноста на оџачарите, но и на луѓето и објектите кои имаат потреба од нивните услуги, таа се труди да го смени целиот пристап кон оџачарската професија.
Не е доволно да имаш четка и ѓуле за да бидеш оџачар!
Вродената љубопитност е она што пред 10 години ја натерало Јасмина, за време на службената посета на Загреб да се заинтересира за оџачарството до толку што ќе заврши и училиште за оџачари, а подоцна ќе напише и книга за професионално оџачарство која е издадена во Германија, на германски јазик, а наскоро ќе биде испечатена и кај нас, на македонски.
Книгата е насочена кон модерни техники и стандарди, што се применуваат во Европа и послужила како основа за изработка на првиот Закон за оџачарство во Македонија, кој сè уште не е донесен, а ќе се применува и како образовен материјал за едукација на идните оџачари.
Јасмина не само што ги урива предрасудите и табуата во поглед на оваа професија, туку ја менува комплетната слика за тоа што треба да знае и како треба да изгледа еден оџачар.
Вели, не е доволно да имаш четка и ѓуле за да бидеш оџачар.
„Македонија се соочува со сериозен недостиг од едуцирани и сертифицирани оџачари. Во ГУЦ „Здравко Цветковски“ од 2016-та година има можност за овој тип на образование, но младите не се заинтересирани па никогаш не успеа да се формира паралелка за оваа струка.
Сепак, ова е единствениот центар каде што се вршат обуки за возрасни кои ги правам јас.
Станува збор за сериозни обуки во траење од 4 месеци кои вклучуваат, секако, теоретски дел, практичен дел и плус еден месец работа кај работодавач.
Го имаме најсовремениот алат од Европа, кој го добивме како донација од град Нирнберг како збратимен град со Скопје, но она што е потребно пред сето тоа, е лекарско уверение за психо-физичката состојба на оној што сака да се едуцира бидејќи, ќе се согласите, не може да биде оџачар некој кој страда од вртоглавица или се плаши од височини“, вели Јасмина.
Сепак, додава и дека наспроти мислењето на многумина дека да се биде оџачар значи задолжително качување на покривот, современото оџачарство подразбира чистење од долу, освен во ситуација која не може да се реши оттаму.
Ако се води сметка за сѐ, нема да имаме ниту загаден воздух, ниту пожари
„Луѓето сметаат дека оџачар мора да се качи на кров. Но главната улога на современ оџачар е пред сè, не чистење, туку превентива, контролни прегледи, А-тест на оџак, контрола на гориво и на издувни гасови…. и кога сè би се спроведувало како што треба и како што се прави тоа во Хрватска, во Словенија и во Германија, кадешто одев на пракса и на секакви интервенции, тогаш не би имале ниту толку загаден воздух, ниту толку пожари“, тврди Јасмина.
Во текот на својата пракса во Загреб и во Германија, кога ги полагала практичните испити за оџачар-мајстор, била сведок на навистина чудни, необични, па дури и небулозни ситуации.
![](https://majkaidete.mk/wp-content/uploads/2025/02/93611604_10223249993064853_6230082798535835648_n-1.jpg)
![](https://majkaidete.mk/wp-content/uploads/2025/02/02e43c84-b11b-47e9-bca1-ca0aa78fe32e-768x1024.jpg)
„Можете ли да замислите да дојдете на повик и да видите коњ на трети кат од куќа, па се прашувате како го убедиле коњот да се качи. Или гледате оџаци на куќи големи колку моето купатило, 3 Х 3, па оџак од стакло или уште поневеројатно, ако ви се верува, бидејќи да ми кажуваше мене некој, а да не го видев со свои очи, немаше да поверувам – оџак од дрво.
Е тоа беше изненадување – издлабено стебло кое служи како оџак. Значи, дефинитивно нешто што не би препорачала, но дека сум видела и сум чистела таков оџак во Баварија, тоа е факт“, се смее нашата соговорничка раскажувајќи за најчудните ситуации со кои се сретнала во овој период.
Јасмина објаснува дека кај нас нема регулатива која би им ја олеснила работата на оџачарите, на пример, скали за да може оџачарот да се качи на покривот ако има потреба за тоа, па задолжителна заштитна опрема, специјални силиконски чевли кои се лепат, итн.
„Оџачарот кога се качува на покрив мора да се врзе, а јас кога ќе видам за време на обуките дека се врзуваат за оџакот, косата ми се крева“, вели таа.
Нечистењето на оџаците и горењето пластики и масла е опасност за сите
Јасмина која со оние кои ги обучува оди на терен кадешто се чистат оџаците во скопските населби, објаснува дека кај нас повеќето оџаци се чистат само кога се целосно затнати, што претставува опасност за здравјето на луѓето и за животната средина, но и ризик за пожар.
„Тврдам дека повеќе од 90 проценти од пожарите во Македонија се поради неисправни и неисчистени оџаци, конструктивни неправилности, дотраени печки, такашто факторот за мирно спиење мене многу ми значи. Замислете, со минатата група која ја обучував, бевме во Ново Лисиче и таму имаше куќи кадешто вадевме по еден кубик саѓи од триспратна куќа, три полни корита, што значи дека никогаш не се исчистени. Тоа е опасно, се запали ли оџакот, само може да му се молите на Господ да не ви изгори куќата, а сум видела како изгледа тоа и знае да биде страшно.
Но тоа е долга приказна. Тука е и проблемот со огревните материјали, односно, кај нас се гори сè и сешто. Луѓето горат сè што може да се запали, дури и маслото од автомобилите што се менува. Ја ставаат пилевината во пластични шишиња, ги дополнуваат со маслото од автомобилите што го менуваат и тоа го горат. И потоа, Скопје е најзагаден град!
До пред неколку децении Мексико Сити беше најзагаден град, но со владина мерка се воведоа филтри, се преземаа ригорозни мерки и овој град повеќе не е веќе на таа црна листа, ама затоа Скопје се качува по нагорна линија.
Во Германија имаме класификација на дрвата: А1, А2 и Б класа и е строго определено какви треба да бидат тие“, објаснува таа.
Токму затоа ги подучува идните оџачари објаснувајќи им дека ова не е само занает, туку вистинска наука, инспирирајќи и сѐ повеќе девојки да се заинтересираат за оваа професија која смета дека има голем потенцијал.
Доволни се двајца обучени оџачари за добар почеток на оџачарски бизнис
„Последната група што заврши обука кај мене беше женска група, пет жени и двајца мажи. Сепак, тешко дека ќе видите жена оџачар, ја завршуваат обуката, но потоа не работат во струката. Навистина незнам зошто, со оглед на тоа што е навистина исплатлива професија. На пример, било која оџарска фирма или барем фирмата „Оџаци“ со која јас соработувам и кои навистина вложуваат и во опрема и во едукација и модернизирање на професијата, секогаш има отворен конкурс за оџачари и одлично плаќаат.
Но дури и ако не сакаат да работат за друг, доволни се двајца за да направат оџачарска фирма по завршувањето на обуката. Цената за чистењето на еден оџак, секако, зависи од многу нешта, но да кажеме дека е околу 2.400 денари. За еден ден можат да се исчистат пет оџаци, па пресметајте колку може да се заработи“, вели Јасмина.
Сепак, не очекувајте дека ако ја викнете, ќе дојде да ви го исчисти оџакот, не затоа што незнае, напротив, ама покрај нејзините примарни професии, за такво нешто едноставно нема време. Но бидете сигурни дека ќе ви прати одлично обучен оџачар. За мирен сон препорачува чистење на оџаците двапати годишно, а за почист воздух, наместо со сè и сешто, грејте се со огревни дрва.
И на крајот, што да направите за оџачарот да ви донесе среќа
Вели дека за време на својата обука и едукација во Загреб, кадешто одела на пракса во две фирми, се уверила дека кај луѓето се уште се актуелни оние верувања дека оџачарот носи среќа.
„Генерално, луѓето се љубезни со оџачарите, па колегите во Скопје ми кажуваат дека често знае да ги застане полицијата кога ќе ги види со комбето, само за да се поздрават со нив и да им донесат среќа.
И тука и во Загреб се случувало, деца да притрчаат за да скубнат од четката (патем, денес тоа не е можно бидејќи нашите четки се челични) или да не допрат за копчето од униформата.
Таа ни објасни дека ова поимање на оџачарите како на луѓе што носат среќа, веројатно потекнува од Италија.
И на крајот, не помалку важно од сите нејзини професии е и онаа мајчинската „професија“. Јасмина има 30-годишен син, кој се гордее со нејзините достигнувања и кого после оџачарството на мајка му, повеќе ништо не може да го изненади.
Инаку, Јасмина живее во нова зграда и нема оџак, се грее на инвентор.