Фебрилни конвулзии кај децата: Како да ги препознаете и што да направите ако се појават?

Однесете го вашето дете во најблиската болница доколку има напад првпат, доколку трае подолго од пет минути, се сомневате дека е предизвикан од друга сериозна болест, на пример, менингитис или доколку има тешкотии со дишењето.

538

Фебрилни конвулзии се напади кои можат да се појават кога детето има температура. Најчесто се појавуваат на возраст од шест месеци до три години. Може да биде страшно и вознемирувачко да го видите вашето дете како има напад, особено ако тоа му е прв.

Сепак, педијатрите нагласуваат дека овие напади обично се безопасни и речиси сите деца целосно закрепнуваат потоа. Како мерка на претпазливост, најдобро е детето да се однесе до најблиската болница за да се направат сите потребни тестови, особено ако конвулзиите се појавуваат првпат.

Знаци на фебрилни конвулзии

Фебрилните конвулзии обично траат помалку од пет минути, а за време на нападот, децата губат свест, стануваат вкочанети, а рацете и нозете може да почнат да се грчат. Некои имаат и пена во устата. По напад, вашето дете може да биде поспано до еден час, а директен фебрилен напад како овој обично се случува само еднаш.

Во нешто поретки случаи, фебрилните конвулзии може да траат подолго од 15 минути, а симптомите можат да зафатат само еден дел од телото на детето. Ваквите напади се познати како сложени фебрилни напади.

Што да се прави за време на фебрилни конвулзии?

Ако вашето дете има фебрилен напад, треба да го легнете на страна. Останете со него и обидете се да забележите колку долго трае нападот. Лекарите предупредуваат дека никако не треба да му ставате што и да било во устата.

Однесете го вашето дете во најблиската болница доколку има напад првпат, доколку трае подолго од пет минути, се сомневате дека е предизвикан од друга сериозна болест, на пример, менингитис или доколку има тешкотии со дишењето.

Иако е малку веројатно дека нешто сериозно не е во ред, важно е да го однесете вашето дете на преглед. Ако детето веќе имало фебрилни напади или нападот трае помалку од 5 минути, повикајте го педијатарот за совет. Треба да го контактирате и ако мислите дека вашето дете покажува знаци на дехидрација.

Повеќе