Флорида е на чекор до забрана на социјалните мрежи за помлади од 16 години

Ако овој закон навистина биде усвоен, тоа ќе биде најстрогата регулатива поврзана со социјалните медиуми и децата во САД, а ќе се осмелиме да кажеме и надвор од Америка. Постојат големи шанси дека така и ќе биде!

86

Веројатно веќе на сите им е преку глава кога ќе видат текст за социјалните мрежи во контекст на децата. Сепак, тоа е најмногу што можеме да направиме во врска со ова прашање. Најчесто се останува како што е, колку и да гледаме и да разбираме дека не е добро децата да се изложуваат на тоа.
Но, во Флорида одлучиле да направат нешто во врска со тоа и тоа не што било, туку можеби најодлучниот и најстрог чекор – сакаат да ги забранат социјалните мрежи за сите помлади од 16 години, без оглед на одобрението од родителите. И не, тоа не е само идеја, туку предлогот за тој закон е веќе одобрен во Претставничкиот дом, а сега оди на разгледување пред Сенатот.

Претставничкиот дом гласал за овој предлог-закон, наречен Florida House Bill 1, со огромно мнозинство од 106 гласови за и само 13 против. Платформите за социјални медиуми кои ќе бидат засегнати од законот ги вклучуваат сите страници што ја следат активноста на корисниците, им дозволуваат на децата да поставуваат содржини или да користат функции дизајнирани да поттикнат компулсивна употреба.
Значи, може да кажеме речиси сите познати социјални мрежи.

„Како дигитален фентанил“

Државната пратеничка Фиона Мекфарланд, републиканка, ги опишала социјалните мрежи како „дигитален фентанил“ (опиоиден лек против болки популарен во Америка) за децата кога го претставувала законот во Претставничкиот дом.

„Тоа е како дигитален фентанил, па дури и најприсутниот родител или добро приспособен тинејџер запаѓа во неволја кога се обидуваат да ја затворат вратата за овие зависнички карактеристики“, рекла Мекфарланд.

Други републиканци, исто така, го поддржале нацрт-законот, согласувајќи се дека платформите на социјалните медиуми „го експлоатираат воспитувањето на децата“.
Повеќето платформи за социјални медиуми во моментов бараат од корисниците да имаат најмалку 13 години. Овој предлог-закон ќе овозможи укинување на сметките на социјалните мрежи што им припаѓаат на деца под 16-годишна возраст, вклучително и бришење на податоците за претходно постоечките сметки. Исто така, ова ќе бара од социјалните мрежи да користат нови методи за проверка на возраста на корисниците.
Инаку, на овој закон се спротивставуваат оние кои тврдат дека го нарушува првиот амандман и родителските права, додека од Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, претходно изјавиле дека сметаат дека родителското одобрение треба да биде доволно за користење на социјалните мрежи кога станува збор за малолетници.

Преголем товар за децата и родителите

„Многу тинејџери денес користат интернет и апликации за да соберат информации и да научат за нови можности, вклучувајќи високо образование, граѓански или црковни собири и воена служба“, му напишал на Одборот за правосудство на Претставничкиот дом, пратеникот Мета Колдер Харвил-Чајлдс.
„Со забраната за употреба од тинејџери помлади од 16 години, Флорида ризикува да ги стави своите млади луѓе во неповолна положба во споредба со тинејџерите на други места.“

Соодветно и точно на време, Мета најави серија нови безбедносни мерки за тинејџерите овие денови, вклучително и ограничување на приватни пораки од странци и воведување на нови родителски контроли.

Минатата година американскиот хирург д-р Вивек Х. Мурти повика на дополнителни истражувања за да се утврди степенот на влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите. „Товарот за заштита на младите најмногу паѓа на децата, адолесцентите и нивните семејства“, напишал Марти во својот совет, истакнувајќи дека „товарот за намалување на ризикот од штетата од социјалните мрежи не може да се стави на рамениците на децата и родителите“.

Повеќе