СЗО предупредува: Вознемирувачки пораст на мали сипаници во Европа

Повеќе од 30.000 луѓе биле заразени во 2023 година, во споредба со 941 во цела 2022 година. СЗО верува дека причината е што помалку деца биле вакцинирани против болеста за време на пандемијата на Ковид.

66

Светската здравствена организација (СЗО) објави дека минатата година дошло до „вознемирувачки“ пораст на случаите на морбили во Европа, кадешто се забележани триесет пати повеќе случаи од претходната година, јавува Би-Би-Си.

Здравствените власти предупредуваат дека случаите се во пораст и дека се потребни „итни мерки“ за да се спречи ширењето.

Повеќе од 30.000 луѓе биле заразени во 2023 година, во споредба со 941 во цела 2022 година. СЗО верува дека причината е што помалку деца биле вакцинирани против болеста за време на пандемијата на Ковид.

Регионалниот директор на СЗО за Европа Ханс Клуге вели: „Видовме во регионот не само 30-кратно зголемување на случаите на сипаници, туку и речиси 21.000 хоспитализирани и пет смртни случаи поврзани со сипаници. Ова е загрижувачко“.

„Вакцинирањето е единствениот начин да се заштитат децата од оваа потенцијално опасна болест“, нагласува Клуге.

Малите сипаници можат да бидат сериозна болест на која било возраст.

Од сите земји во европскиот регион е побарано да ги детектираат сипаниците и брзо да реагираат на нејзиното ширење, давајќи им ја вакцината на повеќе луѓе.

Што се сипаници?
Малите сипаници се вирусно заболување кое се карактеризира со осип, кашлица, течење на носот, иритација на очите и висока телесна температура.

Околу 17% од пациентите имаат една или повеќе компликации на болеста, како што се инфекции на увото, пневмонија, фебрилни конвулзии (конвулзии поради температура), дијареа или воспаление на мозокот (енцефалитис).

Најчестата компликација, пневмонија, се јавува кај околу 6% од пациентите и е водечка причина за смртност од морбили, која во развиените земји е 1 на 1.000 пациенти, додека во земјите во развој достигнува дури 1%.

Повеќе